Saturday, June 20, 2009

Презумпција на вина

Денеска, Македонија има вжештена потреба од создавање на критична маса на компании, успешни приказни што креираат додадена вредност, кои се наптреваруваат на глобалниот пазар, експанзираат и прават профит. Тоа е факт. Реално пак, во Македонија за таква работа сеуште не е создаден фундаментот, почвата за култивирање на успешни бизнис приказни, изразен преку постоењето на примери од праксата, но и преку постоењето на трајни општо-прифатени вредности или предусловни премиси. Така, денеска во Македонија во бизнисот го немаме Тоше Проески, Симон Трпчевски, Пред дождот или Горан Стефановски. Ние не знаме да препознаеме како изгледа една близу перфектна бизнис скулптура или компанија, како што знаеме да видиме трајна вредност во споменикот на Томе Серафимовски. Ниту работиме на креирањето на дефиницијата за основните вредности, принципи, начела, преку кои сепак ќе можеме да кажеме добар збор за убава креација. Од тука, суштински, ние не се движиме кон Брисел на најдобриот автопат. За илустрација, Џек Велч, еден од најуспешните менаџери во историјата на корпоративна Америка, во интервју за ВолСтрит Журнал во месец февруари на прашањето “Дали се смета за богат човек?”, одговара дека да, тој е богат човек, но до одредена нормална граница. Сепак, тој вели, во неговата кариера речиси цел работен век творел во Џенерал Електрик, една од најпрофитабилните во светот, и со тоа ја имал целата заштита и сигурност од таа компанија. Затоа, заради тој релативно мал превземен ризик од негова страна и комфортот на столицата на која седел, тој смета дека надоместот што го добил од компанијата е сосема доволен. Потенцира, понатаму, дека никогаш не би сакал да се спореди со оние супербогати бизнис луѓе, на пример Мајкл Дел или Бил Гејтс, кои за разлика од него биле претприемачи, имале оригинални идеи, превземале огромни ризици, го ставале имотот под хипотека и во одредени случаи внеле несигурност кај својата најблиска фамилија. Од оваа изјава, всушност, може да се изолира основното правило-трајна вредност, на секоја пазарна економија: очекуваното ниво на заработка е правопропорционално со нивото на превземен ризик. Со други зборови, ако превземеш поголем ризик, основаш фирма, имаш идеја, гледаш пазарна можност, вложуваш капитал, вработуваш луѓе, и работиш деноноќно, треба да очекуваш дека тоа ќе се исплати и во случај ако навистина е успешно- да заработиш. По таа здрава логика, во Македонија најбогатите луѓе треба да се луѓето кои почнале нови бизниси со оригинални идеи, и кои изминатите 15 години успешно ги спровеле тие идеи на пазарот преку градење на сериозни компании. Таа претпоставка, сама по себе, мора да функционира во стварност бидејќи е основната премиса за едно здраво општество. Зошто? Ќе биде создаден ефектот на мултипликатор. Преку успешни примери младите генерации ќе гледаат ќар во почнувањето на нови иновативни бизниси, вработување на луѓе и сл. За несреќа, на теренот тоа не е така. Не само што динамичните бизнис луѓе-претприемачи во Македонија не се во позиција да бидат финансиски успешни туку тие луѓе се на маргините на општествениот живот. Парадоксот е уште поголем во тоа што успехот на збир на такви претприемачи на ниво на држава е единствениот одговор за како до зголемен стандард на живеење и евентуално носење на земјата во ЕУ во поблиска иднина. Од друга страна, потајно низ ткивото на општеството се провлекува славата на безличниот и неупотреблив лик на најуспешните транзициски играчи, денешните богати луѓе. Нивната приказна за успех засекогаш ќе остане табу, а во истовреме медиумите, а со тоа и сите ние, си го губат драгоценото време за да ја докажеме вистината. Како резултат, позитивното ткиво се расипува. Луѓето многу лесно ја дисквалификуваат искрената работа на секој претприемач. Се заборава дека тој слој на луѓе најчесто е со голем товар, има хипотека на целиот имот над глава, треба да обезбеди работа, да исплати плата секој први и да платат даноци од кои што живеат сите останати. Претприемачите се маргиналци бутнати во глувечка дупка. Немаат никаков глас, ниту пак се гледаат како решение. Законите не ги штитат, а елитите, администрацијата и народот, вооошто, ги гледаат како неопходно зло. За претприемачите во Македонија владее основната презумпција на вина, наместо невиност. Ги викаме газди наместо сопственици, во лош контекст. Денеска, такви луѓе не се идолите на нашите деца затоа што системот на вредности во македонската економија нив ги гледа како неуспешна приказна. Крајно, време е да ја смениме матрицата на размислување. Време е секој бизнис во Македонија да стане појдовна основа за размислување кога се кројат политики. Да не мотивира идејата како на нив да им се помогне да работат успешно. Администрацијата, службите, инспекциите и на крај вработените, мораат да разберат дека бизнисот мора да се движи непречено и ефикасно за да створиме пресврт. Мораме да се вратиме на спроведување на основните начела на пазарна економија и демократија.

No comments: