Monday, March 30, 2009

Македонија на Блумберг



На почетокот од месец март Македонската Берза излезе во јавноста со соопштение дека податоците од тргувањето со хартии од вредност на Македонската берза се достапни преку сервисот на Блумберг. За просечен човек или инвеститор оваа информација е сосема небитен шум во време на изборниот циркус. Сепак, “Македонија на Блумберг” е многу битен катализатор за развојот на домашната берза во иднина. Дури, може да се оди дотаму за да се прогласи овој чин за “светиот грал” за враќање на берзата од нок-даун. Во периодот на демократизација на финансиските пазари низ целиот свет, по падот на Берлинскиот ѕид од дведесетите години наваму, потребата за Блумберг сервисот експоненцијално расте. Мајк Блумберг, сегашниот градоначалник на Њу јорк, е основоположникот на овој сервис за дистрибуција на информации, податоци, вести, и анализи за сите финансиски инструменти и хартии од вредност од секое ќоше на светот. Ова е класична приказна за успех на една старт-ап команија; од идеја до светски бренд. Првата верзија на прочуената десктоп машина-терминал се појавува на пазарот во далечната 1984 година. Компанијата Блумберг, изнајмува терминали за пристап до сервисот, преку месечна рента, на над 250 илјади финансиски институции и професионалци низ светот, меѓудругото и на НЛБ Тутунска банка и Комерцијална банка во Македонија. Ова е неопходен сервис за институционалните инвеститори (фондови, осигурателни компании, банки) што се бават со пласман на пари на финансиските пазари (т.н. buy side), од една страна, и за сите оние што се задолжуваат (т.н. sell side), од друга. За прв пат се сретнав со прочуениот терминал за време на мојата работа во Мерил Линч во 1997 година. Тогаш, сите новодојдени млади вработени, како деца во слаткарница, се тепавме да дојдеме до пристап на само едната инсталирана верзија на машината за канцеларија од 300 луѓе. Нормално, како последни во хиерархијата, мораше да се чека до касно навечер за да може да се ужива во доживувањето наречено Блумберг. Понатаму, имав среќа во 2007 година, како учесник на 60-ет годишнината на ЦФА Институтот, да посетам специјален прием-коктел на дваесет и деветиот спрат од прекрасната многукатница и седиште на компанијата во Њу јорк. На тој начин и директно, од внатре, се запознав со моќта на Блумберг. Кругот се затвори во текот на 2008 година кога бев во тесна комуникација со бизнис пријател од големата холандска осигурателна куќа и асет менаџер-ИНГ. Господинот Хенк де Брујне од Холандија, ме извести преку е-маил порака дека нивната ќерка компанија, ИНГ-Друштво за управување на инвестициски фондови со седиште во Грција, сака да инвестира во рамки на нивниот Балкански Фонд во компании кои котираат на Македонската берза. ИНГ Инвест Балкан фонд инвестира во компании во Грција, Турција, Бугарија, Романија, Хрватска, Србија, Словенија и има статутарно одобрување за инвестирање во Македонија. Во рамки на нашата дискусија, крајно, излезе дека единствена пречка за реализација на нивните инвестиции беше, процедурална, но битна: „Македонија не е на Блумберг!”. Поаѓајки од фактот дека грчките инвеститори гледаат можности и во Македонија, по Букурешт, покажува дека во светот на инвестирањето политиката е најмал проблем. Но, неповрзаноста е! Во тој контекст, за пофалба е вложениот труд од страна на Македонска Берза АД да биде дел од Блумберг и да се зацврсти и оваа алка од поврзаниот синџир. Така, т.н. “електронско крдо”, што е опис за фондови и инвеститори од целиот свет кои вложуваат и влегуваат на пазарите со голема брзина, но со исто толкава динамика ги напуштаат истите, ќе може истотака да дејствува и во Македонија. Ние сме дел од инвеститорскиот свет, и на овој начин со помошта на анализите на Блумберг платформата, еден обичен граѓанин од Кина или Индија преку инвестициски фонд во локалната земја ќе може да инвестира во компании во Македонија за да дојде до разумен профит на долг рок. Крајно, Македонските компании и пазар ќе влезат во групата на земји од Пазарите на маргините (Frontier Markets) како посебна атрактивна група на пазари за инвестирање со надпросечна стапка на раст и развој. Во рамки на светскиот инвеститорски жаргон, Фронтиер маркетс е добра работа, и во таа номенклатура се Словенија и Хрватска покрај Бугарија, Романија, Естонија, Казакстан, Украина, земјите од Блискиот исток, некои пазари во Африка, Виетнам и Шри ланка. Овие земји имаат развиен Пазар на капитал, брзо-растечки компании, интерес кај странските институционални инвеститори, но и информација за нив на Блумберг.

Monday, March 16, 2009

Соларна Република


Минатиот викенд помина со уште една акција за садење на дрва. Ако ги следиме рекламите во некои од дневните весници за како акцијата „Ден на дрвото” епидемиски се распространува ширум светот човек ќе си каже дека навистина сме го изоделе патот. Но, сепак, светот ниту почнува ниту завршува во нашата република. Денеска, светските сили, иако во големи економски тешкотии, почнуваат една нова трка за превласт, слична на трката за освојување на вселената и носење на човек на месечината, помеѓу САД и СССР, за време на Студената војна во шеесетите години од минатиот век. Оваа најнова трка е за фаќање на приклучок, пред се, но и и за евентуална доминација во новата голема индустрија - градење на ‘чисти енергетски системи’, кованица на Том Фридман - колумнист и автор од Њу јорк тајмс. За да се потврди сериозноста на оваа теза, на пример, Фајненшл тајмс неодамна објави споредба помеѓу сите големи земји од Г-8, нивните најнови пакет мерки за потикнување на домашната економија и колкав процент од пакетот опфаќа инвестиција во зелени бизниси и проекти. Така, Кина, ЕУ и САД се покажуваат како исклучително посветени на овој тип на стумил за развој на нивните економии за следните години. Во Кина, за илустрација, од предвидените 586,1 милијарда долари за фискална инекција во домашната економија, 221,3 милијарди или 38% од пакетот, отпаѓа на зелени мерки. Во проценти бројката за ЕУ е уште поголема со 59% (Европска Инвестициска Банка издвоила 12 милијарди евра за зелени проекти за следните 2 години). За да биде појасно, овие инвестиции се наменети за воведување на подобра енергетска ефикасност во зградите, стимулирање на употреба на возила и скутери со електрична енергија како напојувач, јавни транзитни системи, проекти за конзервација на енергија, даночни олеснувања за воведување на соларни панели, намалување на ддв за ветерници, нуклеарна фузија и сл. Од таму, Македонија има интерес да се приклучи на ова движење преку тектонски промени во начинот на кој размислуваме, живееме и работиме. Македонија може да создаде имиџ како најзелена, најенергетски ефикасна, и најенергетски продуктивна земја на Балканот. Да ги ‘надзелениме’ нашите соседи! А, така, уште едаш ќе потврдиме дека сме дел од Европа, иновативен дел. За таа работа, потребно е паралелно воспоставување на повеќе проекти. Прво, како во Германија и дузина други Европски земји, така и кај нас треба да имаме систем за поврзување во електричната мрежа и исплата на произведувачи на електрична енергија од обновливи извори. Едноставно кажано, државата со финансиски стимул да ги потикне домовите и бизнисите да произведуваат зелена енергија. Во Германија, на пример, индивидуалци кои поставуваат соларни панели на крововите на своите куќи можат да бидат платени и до 4 пати повеќе за производство на електрична енергија во споредба со електростопанството. Германија на сите овие претприемачи им гарантира сигурен поврат на инвестицијата со цена фиксирана со закон за цели дваесет години. Зарем не треба Македонија, земја со Сонце на својот грб и знаме, да биде лидер во инсталација на соларни системи? Зарем не треба да живееме од Сонцето во иднина, наместо да се враќаме на Сонцето од минатото? Следно, нашата ЕУ перспектива треба да е насочена во превземање на know-how и искуства поврзани со зелената енергија како нова огромна индустрија во светот во следниот век. Не е касно да почнеме програми за изучување на овие технологии на нашите универзитети. Да ги бараме странските инвестиции поврзани со производство на силиконски фотоволтаични соларни ќелии, кои ги конвертираат сончевите зраци во електричната енергија. Со субвенции да ги привлечеме инвестициите од фирми-производители како Шарп од Јапонија, Сантек Пауер од Кина, или БП од Британија; и не е страшно за предност да нудиме високопродуктивна но ефтина работна рака. Потоа, локалната самоуправа може да направи промена на сите традиционални улични светилки со флуоросцентни еко-светилки за заштеда на енергија, јавниот превоз да биде со автобуси со хибриден мотор (плин+електрична батерија), а спортските сали напојувани со геотермална енергија. Понатаму, според едно релевантно истражување на МкКинсеј Глобален Институт употребата на електрична енергија во зградите може да се намали и до 30% ако се воспостават системи за зголемена енергетска ефикасност. Зошто да не се постави регулатива за воспоставување на ваков начин на градење на нови згради, со искуства од Јапонија на пример? Заштедата на енергија е најдобриот начин за намалување на потрошувачката и на тој начин имаме шанси да ја намалиме потребата за барем една нова 500 мегаватна централа до 2020 година. Крајно, како престиж на нашата соларна република, куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје може да биде пример за “нето-зеро зграда”, т.е. обијектот да троши толку колку што произведува енергија.

Monday, March 9, 2009

Дали стравот ги хипнотизира инвеститорите?


Македонската берза, изразено преку индексот МБИ-10, во изминатиот период падна на вредност од 1.700 поени, ниво видено за последен пат во март 2005 година. Дури и лаиците ќе кажат даке овој неверојатен пад на цените на акциите е предизвикан од глобалната економска криза. Но, истотака, прашање е дали можеби цената на акциите на Македонски Телеком е толку ниска за да се добива принос од дивиденда од над 30%? Или за Стопанска Банка Битола да се добива дивиденден принос од над 15%? А што станува со Комерцијална Банка со речиси 10%? Или, Макпетрол на 4,5%, Алкалоид (3,5%)? За што станува збор? Нормално, купувањето на акции подразбира превземање на ризик, и истотака нема гаранции за идните дивиденди или профити(загуби). Но, оваа летаргичност на инвеститорите дефинитивно ја фрла во вода економската теорија за ефикасни пазари во која разумни луѓе носат разумни одлуки за вистинските цени на производите и услугите. Истотака, падот на цените оди до таму што процесот пркоси на било какво рационално однесување. Во нормални времиња, цената на акциите се очекува да расте на ниво од 8 до 12% на годишно ниво, надополнето со принос од дивиденда од 2-3%. Севкупно, очекуваниот номинален принос за инвестирање во акции на Македонската Берза треба да се движи и до 15% на годишно ниво, во просек, во некој среднорочен период од 10 години. Од таму, во овој момент кога на Македонската Берза имаме можност за толкави реални заработки од дивиденда повторно се појавува дисбаланс на пазарот на капитал. Некој ќе каже дека среќата ги прати храбрите, и дека сега е инзвореден момент за купување на селектирани хартии од вредност. Сепак, денеска сме сведоци дека и при вакви цени, речиси и да нема куповни налози за најдобрите македонски компании на Македонската берза. Брет Арендс, новинар од Волстрит Журнал, го нарекува овој процес на „хипноза на ефикасен пазар”, изведен од постоечката теоријата на „хипотеза на ефикасен пазар”. Хипнозата е пресликана во тоа што како инвеститори веруваме дека е сосема нормално една добра компанија да има пад на својата вредност од 90%, и дека има добра причина за тоа. Дополнително, забораваме дека пред една и пол година пазарот одеше во сосема обратна насока, и нормално, и за тоа имаше добра причина. Многу луѓе, не се исклучувам себеси, беа заведени од заслепувачката моќ на растечкот пазар во 2006-та и 2007-ма година. Во тоа време, луѓето што зборуваа за продавање на акциите бидејќи се наоѓаат на математички неприфатливо ниво, се ставаа во вагонот на берзански еретици. Затоа што, и по Вакниновиот повик „МБИ-10 на 4.300” од јуни 2007 година кога индексот беше на ниво од 6.800, берзата порасна за дополнителни 50% до врвот од 10.058 поени во август 2007-ма. Иако во прво време оценет како несериозен, тој беше во право. Но, со нешто задоцнет ефект. Тогаш коефициентот на мултипликатор на П/Е, цена во однос профит, на компаниите во МБИ-10, индексот на македонската берза, беше на ниво од над 50 пати. Денеска, истиот животари на ниво од 5 пати. Овој коефициент, при рамномерна работа, го означува бројот на години што е потребен за целосно да ти се вратат парите од вложената инвестиција исклучиво преку добивката на компанијата. За споредба, во Америка како најразвиен светски пазар за акции, во овој момент истата бројка е на ниво од 15 пати. Не е сигурно колку длабок рез ќе остави оваа криза, ниту пак колку години ќе трае. Но, со сигурност може да се каже дека луѓето имаат фундаментална потреба и се мотивираат од приказни за успех, од градење на вистини преку искуствата на блиските, и истотака од слепо верување во чуда од типот „збогатување преку ноќ”. Истото важи не само за македонските, туку и за словенечките, хрватските, европските инвеститори. Оваа психолошка и социлошка димензија на инвеститорите се опишува во најновата книга на Шилер, „Животински инстинкти”, и во една фантастична статија во Фајненшл тајмс. Останува да го следиме развојот на настаните и да веруваме дека сепак еден ден ќе дојде принцот на белиот коњ за да не врати во реалноста.

Monday, March 2, 2009

Администрацијата е ѕверот


Во предвечерјето на изборите вработувањето е секогаш релевантна тема. Во изминатите денови сме сведоци на големи неусогласувања на статистиката во однос на бројот на нови вработувања објавени во некои од дневните весници. Така, во земјата официјално се водиме со цифра од околу 33% на невработеност. Од друга страна, Заводот за статистика и Агенцијата за вработување немаат заеднички показател за состојбата на пазарот за труд. А, внатре во тие бројки се наоѓа и големиот ѕвер - Администрацијата. Според некои неофицијални статистики, големината на државната администрација брои 120.000 луѓе. Официјални податоци нема, и се прашувам зошто? Според СОНК во образование, наука и култура има над 30.000 вработени. Во здравството се уште околу 20.000 вработени. Преостанатиот дел од вработувањата во јавната администрација припаѓаат на државната и локалната управа. Од таму, во Македонија отпаѓа околу 10% на бројот на јавната администрација (без образование, здравство и јавни претпријатија) спореден со вкупниот број на вработувања во државата. Во другите земји со кои сакаме да се споредуваме овој број варира од околу 10% во Белгија, 9% во Франција и Грција, понатаму нешто над 6% во Полска и Чешка, се до 4% во Финска и Ирска. Од средствата во Буџетот на Република Македонија за 2009 година се предвидени 410 милиони евра за плати и надоместоци во тековните расходи. Интересно е да се напомене дека буџетот на нашата држава пред само 5 години, во 2004 година, изнесувал 1,4 милијарди евра, а сега во 2009 година ќе биде речиси двократен со износ од 2,7 милијарди евра, а за истовреме ставката за плати и надоместоци во тековните расходи е зголемена за само 17%. Така, се поставуваат неколку прашања. На пример, дали во Македонија во изминатиот период од 5 години има зголемен број на вработувања во јавната администрација на сметка на релативна стагнација на покачувањата на нивните примања? Или, колкав е бројот на нововработени лица во државниот и локалниот апарат во истиот период? Колкава е продуктивноста на оваа маса на луѓе споредена со истата во Финска која секоја година завршува на врвот на листата на најконкурентни држави? Или обратно, колкав дополнителен економски трошок прават сите луѓе кои не се правилно распоредени со конкретни работни задачи согласно планот за систематизација на соодветната работната единица? Дали овој број на јавна администрација некогаш ќе дојде под лупа и ножиците на Регулаторната гилотина на Ставревски? Кога се прават анализите за конкурентноста на државите, на пример според методологијата на Светскиот Економски Форум, влијаат многу фактори како на пример институциите, макроекономската стабилност, едукацијата, инфраструктурата, големината на пазарот, иновацијата и сл. Но, едно е јасно. Колку бројот на луѓе кои добиваат пари од државата расте толку подоле Македонија ќе паѓа во својата конкурентност. Од едноставна причина, сите тие луѓе се навикнуваат на медот и без разлика на фактот што тие, нивните деца, и генерации што доаѓаат, ќе имаат намалени стапки за пораст на животниот стандард, повисоки даноци, висока невработеност, и неконкурента бизнис клима, истите одат на гласачките места за време на изборите и го даваат својот глас „За”. Тоа е мач со две острици, и затоа, до сега, во помладата историја на нашата држава, никој не сакаше да ја сече гранката на која што седи. Ова прашање, на адекватна и функционална бирократија, по Охридскиот договор дефинитивно се стави и ќе се става под тепих на владејачките гарнитури за годините што доаѓаат. До кога? Ако сакаме да имаме Европска Македонија, држава во која администрацијата работи како за двајца Финци, наместо како за еден Бугарин или Хрват, овој жежок костен некој политичар во иднина ќе мора да го грабне во рака. Не случајно во САД, најконкурентната земја во светот, денеска во јавните дебати се зема примерот со Франција, како еден пример за „како не треба” со претерана големина на јавниот сектор, и истотот се споредува со оној во Калифорнија, каде се случува буџетска криза и се даваат предлози за надминување на истата. До тогаш, навистина нема да имаме релевантен број за големината на државната администрација.