Wednesday, December 24, 2008

Прогноза за 2009 за пазарот на капитал


Овој период е добра можност за да се извади магичната кристална кугла и да се позабавиме со предвидување на тоа што ни доаѓа во 2009 година поврзано со пазарот на капитал. Спремни ли сме за повторување на дебаклот од 2008 година кога индексот МБИ-10, генералниот индекс на македонски берзански акции, од ниво 7741 на почетокот на годината падна до денешните 2222, или 71% помала вредност, износ последен пат виден во декември 2005 година? Дали ќе го доживееме стресот од 2007 запечатен со најголемиот успех во историјата? За потсетување, во 2007 година пазарот на капитал изразен преку движењата на волуменот и цените на Македонската Берза ни донесе многу драматични случувања но и „хепи-енд”. Иако неочекувано за многумина, во 2007 година МБИ-10, порасна за точно 109%, од 3703 на 7741 индексен поен. Во 2006 година порастот беше 62%. Тоа беа времиња- кога имавме рекордно остварување и на светско ниво за пораст на еден берзански индекс во 2007 година. Но, за жал, состојбата на македонцките работи не е толку розова. Во 2009 година влегуваме со високо оптегнати едра директно во срцето на глобалната економска бура. Од една страна, имаме притисок врз тековната сметка на платниот биланс со вртоглав размер и потенцијал за нарушување на еден од основните заповеди на македонската економија - не смее да има ценовна нестабилност и девалвација на денарот. Од друга страна, се одмотува клопчето на забавен раст и развој на реалниот сектор. Сведоци сме на целосно замрзнување на кредитирањето од страна на банките, но во исто време и на намалениот обем на нарачки на извозниот сектор. Единствен позитивен сигнал добиваме од Владата која плови со полна брзина и во 2009 проектира инвестиции во инфраструктурата, надополнето со субвенциите за земјоделците и помош за трети групи од интерес. Крајно, и најбитно, големиот број на компаниите излистани на Македонската берза влегуваат во година во која приходите од работењето во најдобар случај ќе им останат на исто ниво, но најверојатно ќе им се намалат. Согласно основното правило за вреднување на хартиите од вредност, а тоа е потенцијалот за зголемени профити во иднина, континуирано во текот на годината ќе продолжи притисокот надолу врз евентуалниот замаец за раст на цените на акциите. Уште побитен е развојот на настаните во Словенија и Хрватска како најистурени бази на странските инвеститори во Македонија. Таму, работите не одат на добро. Инвеститорите ги книжат своите загуби заклучно со крајот на 2008 и ги фаќа ‘психолошки пишман’ или на англиски ‘buyers remorse’. За илустрација, тие инвеститори се изгорени од неликвидноста на Македонската берза, особено во деновите кога цените се движеа во надолна линија. Неликвидност, по дефиниција, значи дека не си во можност да го продадеш целиот износ на твојата позиција во одредени акции на одреден ден. Така, во инвестирањето во нашата земја, се повеќе и повеќе, има влијание т.н. ‘behavioral finance’, која ги објаснува овие човечки процеси на емоции наспротив рационално размислување. Следствено на тоа, аномалијата на човекот како таков, кој размислува преку емоции, ќе ги стави на страна сите бикови трендови на Македонската берза во 2009. Со други зборови, сите краткорочни трендови на движења на цените на акциите во нагорна линија во 2009 година, ќе бидат искористени од страна на странските инвеститори за топење на своите позиции во неликвидните акции на македонски компании, а со тоа ќе стават целосен поклопец врз евентуални значителни порасти. Моите очекувања се неутрални, и размислувам во насока за можен раст на МБИ-10 од 10% во однос на крајот на 2008 година, или МБИ-10 на 2500. Оптимистите ќе кажат дека во 2009 година ќе видиме превземања на некои големи компании од страна на странски стратешки инвеститори, и затоа цените на акциите на истите се со огромен потенцијален дисконт и со добра можност за заработка. Сепак, битно е да се напомене дека ризикот е голем, и дека во услови на намалена ликвидност берзата може да има барем еден период со дополнителна корекција. Во 2009 година квалитетот на корпоративното управување и правата на инвеститорите ќе станат жешки теми, согласно зголемувањето на бројот на локални институционални инвеститори.

Thursday, December 18, 2008

Години на турбуленција


Основните правила на природата како на пример „што лета високо, ниско паѓа” познато како втор Њутнов закон, и сл., се случуваат кога најмалку ги очекуваш. Но, тие небески правила се секогаш тука околку нас и удираат без пардон. Во 2008 година, како илустрација, треснаа на земја дузина великани на светските економски процеси и инвестиции. Ми доаѓаат на ум Алан Гринспан и Бил Милер. Гринспен е познат по долгорочноста на својата кариера, како и по тоа што беше на чело на процесот што доведе до период од една од најголемите ренесанси и просперитет на американската економија. Бил Милер, пак, се издвојува како најдобриот менаџер на пари во последните 20 години со конзистентен позитивен резултат и надминување на реперите, од година за година. Во 2008 година двајцата доживуваат целосен срам врз својот лик и дело. Така, во 2009 година не може да се очекува дека овие правила на природата ќе се замрзнат туку напротив дека ќе пролиферираат. Од аспект на ретроспектива, и фактот дека работите сигурно изгледаат нормални кога се враќаме наназад, би го издвоил размислувањето на Гринспен. Имено, во септември 2007 година, на пазарот во западниот свет се објавија мемоарите на Ален Гринспен, маестрото на американската централна банка и нејзин шеф во последните 20 години, во книгата “Ера на турбуленција” (The Age of Turbulence). Во книгата, во предвидувањата за иднината на глобалната економија Гринспен дава песимистички осврт на времето што доаѓа. Имено, тој вели дека растот на продуктивноста, пред сé, на американската економија, ќе оди надолу, на 2% на годишно ниво, од просекот од 3% постигнат од 1995 до 2005 година. Понатаму, неговиот страв е дека инфлацијата во САД ќе се заголеми и до 5 проценти, што ќе доведе до пораст на каматните стапки. Крајно, тој е загрижен за сите трошоци што ќе произлезат од одењето во пензија на најмасовната генерација на американци, т.н. „бејби-бумери”, во бројка од над 70 милиони луѓе, или 28% од популацијата на таа земја во годините по 2010. Сумарно, Гринспен гледа голема турбуленција на економијата во краткорочна иднина. На тој начин, иако тој се извини на јавноста во текот на оваа година и призна дека направил грешка во проценките за позитивниот ефект на неговите политики на „невидлива рака” согласно нивниот огромен негативен ефект врз економијата - Гринспен несомнено е голем економист. Каква е прогнозата за Македонија за 2009? Во Македонија во годините што доаѓаат, во таа природна фаза на конвергенција кон ЕУ, сите ние веруваме дека нашиот стандард на живеење значително ќе се подобри. Но, стартот на маѓепсаните 10 години раст и развој како оние што се појавуваат во развојот на Ирска, Грција, Португалија или Словенија, ќе го чекаме за некоја друга година. Пред нешто повеќе од една година, проекциите на Владата во својата макроекономска политика за 2008 година беа за пораст на БДП од 6,0%, износ на инфлација од 3,0%, буџетски дефицит од -1,5%, пораст на извоз од 8%, пораст на трговскиот дефицит за -26% од БДП, и износ на странски директни инвестиции од 400 милиони евра. За жал, ниту една од овие бројки не се достигна и надмина. Напротив, сведоци сме на сериозни проблеми предизвикани од високата инфлација и трговскиот дефицит во 2008 година. За 2009 година, сега се проектира раст на БДП од 5,5%, износ на инфлација од 3,5%, буџетски дефицит од -2,8%, пораст на извоз од 16%, а пораст на увозот од 13%, и износ на странски директни инвестиции од 500 милиони евра. Главна реформа се спроведува во намалувањето на придонесите, а со тоа се проектира дека стапката на невработеност ќе се намали од 34 на 31,5% за само една година, до крајот на 2009 година. Согласно горенаведеното од годинашниот Буџет на државата се гледа дека просперитетот и оптимизмот на Владата е во дивергенција со оној на развиениот свет. Но, донекаде тоа не е неприродно земајќи во предвид дека нашата економија тргнува од ниска база и од период на стагнација. Сепак, треба да имаме во предвид дека во 2009 година во нашата економија ќе се прелеат забавените економски процеси од развиениот свет со што ќе не примораат во ревидирање на сите очекувани проектирани бројки. Истотака, сведоци сме на нашата лоша способност за предвидување на настаните. На пример, за 2008 година погодивме само дека Косово ќе стане независно. Сé друго, почнувајќи од исходот во Букурешт, претпоставките во Буџетот, до големината на светската криза, не изненади многукратно. Затоа, ако може нешто со сигурност да се прогнозира тоа е дека ќе има значителна турбуленција. Да ги врземе појасите!

Tuesday, December 9, 2008

Еко-луција


Трендовите некогаш стануваат движење, а движењето може да се претвори во револуција. Евидентно е дека во светските кујни на моќ се готви пелин за следните педесет години. Живееме во зората на ново време, или ера на “Енергија-Клима”-ера во која ќе заживее т.н. Е.Т. или Енерго-технологија (наспротив И.Т. или информатичка технологија), термини популаризирани од Том Фридман во неговиот најнов бестселер “Жешка, рамна и натрупана(Hot, flat and crowded)”. За што станува збор? Изминатиот викенд, Обама преку телевизиско интервју го образложи неговиот план за стимул на американската економија. Меѓудругото, тој планира фискална мега-инекција во “паметни” проекти со цел не само да се сврти негативниот тренд на безработица на краток рок туку и да се добие опиплив резултат со зголемена продуктивност на економијата на долг рок. На пример, тој најавува инвестиции во инфраструктурата - градење на патишта, модернизирање на училишта, проширување на достапот до широко-појасен Интернет до целото население, внесување на нова технологија во болниците, и подобрување на енергетската ефикасност на зградите и објектите. Од сите горенаведени макроекономски мерки, последната е нестандардна и свртува задолжително внимание. Таа мерка е почеток на еден значителен циклус на инвестиции во обновлива чиста енергија, енергетска ефикасност и конзервација на енергија во Америка. Ова е одговор на заканувачките процеси на недостаток на суровини, глобално затоплување, петро-диктатури и недостаток на електрична енергија. На овој процес веќе е надоврзана
ЕУ со својата декларација од 2007 година за намалување на негативните предизвикувачи на промени во климата, и тоа 20% намалување на емисии на јаглерод диоксид до 2020 година и сведување на истите на ниво од 1990 година, како и дистигнување на 20% од употребената енергија во ЕУ да доаѓа од обновливи чисти извори
. Сведоци сме оваа недела дека Саркози и покрај рецесијата ќе ги истурка сите планирани инвестиции на ЕУ на ова поле дополнети со формирање на “Фонд за солидарност” за инвестиции во чиста енергија на посиромашните земји-членки од Источна Европа. Дури и Кинеските автократи обрнуваат внимание на овие движења и се припремаат во брз период да се преориентираат на обновливи извори на енергија од тековната стратегија каде што речиси секои 2 недели градат нова термоцентрала на јаглен за задоволување на своите потреби за електрична енергија. Изненадувачки за нас, но вистинит е случајот на Португалија која на 23 ноември 2008 година, пренесено од Фајненшл Тајмс, објави дека во рок од 3 години до 2011 ќе изгради национална мрежа за достава на електрична енергија за електрични автомобили со нулта-емисија со 1.300 нови електро-станици низ целата земја. Оваа мрежа ќе ја прави заедно со Рено и Нисан. Во истовреме, Португалија ги стимулира сите компании и возачи кои купуваат електрични возила со даночни олеснувања за регистрација и данок на приход и до 1000 евра. Сето тоа е оперативна егзекуција на големата стратегија на Португалија за производство на 60% од својата електрична енергија до 2020 година со помош на ветер, сонце, вода и други обновливи извори. На кратко, Америка, како што сите други очекуваат, почнува да го превзема лидерството во овие големи процеси, револуција ако сакате, но сите други земји во светот ќе следат и ќе пробаат да се адаптираат, или да станат што ‘позелени’ од другите земји. Разликата ќе биде во брзо менување на сфаќањата. Ќе победат, односно ќе креираат нови квалитетни работни места, оние земји и компании кои ќе ги ‘надзеленат’ своите конкуренти. ‘Outgreening’ е концепт кој го менува начинот на размислување на луѓето воопшто, повеќе отколку што го менува начинот на работење со енергијата, велат Дов Сидман и Ендрју Шапиро-менаџмент консултанти. Во Македонија, наспротив овие светски процеси, имаме година во која заклучно со 9 месеци, крајот на септември, според Заводот за статистика имаме увезено 220 милиони евра на електрична енергија, наспротив 70 милиони за истиот период во 2007-ма(К’ј се парете?). Минатиот викенд, имавме криза со недостаток на дизел гориво. Имаме и проблеми во самата мрежа каде што одредени градови(
Тетово
), изминатите недели, остануваа без струја во подолг период во денот. Македонија не може да си дозволи да биде надвор од светските процеси. Електричата енергија е основа за подобар квалитет на живеење, бидејќи без нејзе човек не може да има ни мобилен, ни компјутер, ни едукација. Секоја паметна држава го става ова прашање на прво место. Нашиот основен проект за решавање на кризата со електрична енергија е изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште. Тендерот за нивно спроведување во реалност се поништи на 3 декември, а со тоа се губи скапоцено време кое ние неможеме да си го дозволиме. Седат на страна и проектите за мали хидроцентрали, Бошков мост, и сл. Ние како мала и адолесцентна нација, многу сакаме да бидеме дел од светот, па така се радуваме кога се приклучуваме на светските еко-трендови од минатиот век од типот „Ден на дрвото”. Но, ако веќе сакаш да бидеш дел од револуцијата, тогаш троши ги моите даночни пари на воспоставување целосна независност на генерирање на електрична енергија, и второ приклучи ја Македонија на тековните глобални иницијативи, согласно можностите, во делот на хидро и соларна енергија, како и во конзервацијата на енергијата.

Monday, December 1, 2008

Кејнз, Фридман, Мандел и Македонија


Денеска сме сведоци на вруќа дебата за поголемо вклучување на државата во економијата како реакција на светската економска криза, не само во развиените економии туку и дома во Македонија. Следствено на трендот, минатата недела и нашата Влада се огласи со свој пакет од 10 мерки за спас вреден 300 милиони евра. Јас би издвоил 2 мерки кои навистина се добар поттик за дополнителна економска динамика и тоа: ослободувањето на компаниите од данок на добивка кога истата не се распределува во дивиденда и намалувањето на царините кај некои суровини и репроматеријали за потребите на индустријата. Интересно е да се напомене дека во САД, како епицентар на светската криза, вредноста на државната интервенција достигнува и до 7% од БДП, додека кај нас со овој пакет мерки, ако се верува на бројките, е нешто околу 5%. Иако, тешко е да се поверува дека сите фирми во државата ќе се определат да не земат дивиденда само за да ја искористат можноста согласно една од мерките, па така вредноста на оваа мерка сигурно ќе биде помала од 100 милиони евра, колку што беше најавено од страна на Владата. Но, откаде доаѓа таа филозофија на голема интервенција на државите во време на кризи? Одговорот се наоѓа во делото на само еден економист - Џон Мајнард Кејнз. Имено, иако веќе починат педесетина години, неговата дијагноза на рецесијата како економски циклус е основа за модерната макроекономија. Да повториме, Кејнз верува дека главната причина за намалување на економскиот обем е недоволната побарувачка за производи и услуги на пазарот. Така, кога се намалува побарувањето за добра, компаниите низ целата економија чувствуваат дека нивната продажба се намалува. Намалена продажба значи зголемена невработеност затоа што компаниите почнуваат да кратат на трошоците. Намалените профити и расходи за плати, понатака, дополнително влијаат на намалување на побарувачката. Сето ова води кон опасен врзан вртлог. Така, според теоријата на Кејнз, во ваков развој на настаните најдобар лек, или начин за блокада на овој негативен процес, е да се вклучи државата со некаква значајна нова политика-мерка. Во основа, економијата како таква, како што предава Министерот и Професор Трајко Славевски, може да се поддели на четири компоненти: потрошувачка, инвестиции, нето извоз, и државата како потрошувач. Значи, за да се одвитка клопчето наречено рецесија, некаков настан ќе треба да влијаае врз зголемување на побарувачката во една од овие компоненти. Тоа не е лесно, бидејќи во Македонија како и во целиот свет, постојат сериозни сили кои влијаат врз забавувањето на економскиот обем. За илустрација, ПОТРОШУВАЧКАТА на домашното население и бизнисите во Македонија, сега, но и во целата 2009 година влегува во една невообичаена забавена фаза. Банките во изминатиот месец станаа порестрикивни во однос на пласманот на секаков вид нови потрошувачки кредити. Фирмите го стегаат ременот и внесуваат мерки за замрзнување на платите и трошоците. Овој тренд се забележува особено во компаниите каде што има странски сопственици. Но, и самите граѓани веќе размислуваат да ги одложат своите трошоци за трајни добра надвор од потрошувачката кошница. Второ, ИНВЕСТИЦИИТЕ од странски фирми во Македонија дефинитивно ќе бидат забавени како резултат на глобалната неликвидност. Од друга страна, најавената Владина мерка за неоданочување на нераспределена добивка директно влијае врз оваа компонента во економијата. Тоа е добра мерка за поттик на домашните инвестиции и треба да остане како трајна. Иако, и во овој дел, на краток рок компаниите ќе решат да ги одложат своите проекти за некои подобри времиња а граѓаните има шанси да ги одложат своите инвестиции за решавање на станбеното прашање. Факт е дека една од мерките е контрапродуктивна од аспект на поттикнување на побарувачката согласно Кејнз, а тоа е двегодишното пролонгирање на данокот на камата на штедните влогови што директно влијае врз зголемување на штедењето наспротив инвестициите. Трето, ТРГОВСКИОТ ДЕФИЦИТ е дефинитивно во слободен пад. Оваа компонента е фактор што неможе да се очекува дека ќе влијае врз зголемување на побарувачката, воопшто, во економијата. Токму затоа, една од мерките на Владата, намалувањето на царината на увозни суровини, се труди да влијае врз трговската размена како една компонента на економијата. Крајно, ДРЖАВАТА како потрошувач дефинитивно ќе примени Кејнзијански методи за заголемување на побарувачката на добра и услуги преку својата најавена ставка во Буџетот за 2009 година од 480 милиони евра за капитални инвестиции на сметка на креирање на дефицит со задолжување. Во рамки на горенаведеното, дополнето со мерките на т.н. „саплај-сајдери” како на пример намалувањата на придонесите, преостанува уште и акција од страна на Народната Банка во текот на 2009 година со монетарни мерки да влијае врз зголемување на економската активност. На тој начин, ќе ги испробаме сите мерки што ни се располагање согласно модерната економска наука, и тоа во една година. Ако никогаш досега, тогаш во 2009 му е мајката.

6 коша за инвестирање


Несомнено, денеска сите разговори околу инвестирањето и берзата завршуваат со кревање на рамениците, и повторување на „Je ne sais pas!”, или по нашки-„појма немам каде оди ова! ”. Од друга страна, светот нема да застане со оваа криза како што не застанал и со многу други претходно. Истотака, не треба да се заборави Боб Фарел, ветеран од Вол стрит, кој има публикувано свои 10 заповести за берзите и во една од нив вели: „Што оди прекумерно во една насока нагоре, кога паѓа, ќе оди прекумерно во обратна ! ” Па така, иако пазарите на маргината(frontier markets), како Македонскиот, веќе крвават многу повеќе од развиените пазари, во 2009 година треба да очекуваме некаков баланс или враќање кон средината(mean reversion). Овој процес на упросечување е феномен кој е развиен во теорија на инвестирањето во која главната идеја е дека цените на акциите можат да одат многу нагоре или пак да достигнуваат многу ниски нивоа во еден привремен период, но истите настојуваат да имаат средна цена што е стабилна на долг рок. Од таа гледна точка, експлозијата на нови инвестициски фондови на нашиот Пазар заслужува внимание. Но, каде ќе се инвестираат средствата на овие фондови? Питер Линч е познат по својот огромен успех во оплодувањето на парите на инвестицискиот фонд Фиделити Магелан во осумдесетите години од минатиот век со остварен просечен принос од над 20% на годишно ниво во период од 13 години. Согласно уверувањата на врвни докажани инвеститори во светот како него, за да си ја олесниме работата, компаниите кои котираат на берза можеме и треба да ги класифицираме во шест различни групи: споро-растечки, брзо-растечки, стабилни или крупни ѕверки, потенцијали за пресврт, потценети со сокриени богатства, и циклични кои зависат од циклусот на економијата. Се разбира, за инвеститорот најинтересни се оние компании кои имаат можност да заработат повеќе, побргу, а со тоа и рапидно да се зголеми цената на чинење на нивната акција како хартија од вредност, а такви можат да бидат компании од повеќе од горенаведените шест категории или „кошеви”. Да не заборавиме дека најважен општо-прифатен фактор за вреднување на било што, а со тоа и на акциите, е реалната и стабилна заработка или добивка. Во развиениот свет, се покажува дека на долг рок вредноста на акциите кои претставуваат сопственост во одредена компанија се придвижува кон „реалната цена” која е во корелација со, или значително зависи од, нивото на профитот што одредена компанија го прави од година за година. Оттаму, ако секоја компанија што е во игра на нашата Македонска Берза ја ставаме во еден од тие шест коша, нашиот инвеститорски живот ќе биде многу полесен во однос на проценката за идните профити и развојни планови. Во кој од тие шест коша би ја ставиле Комерцијална Банка? Јас го бирам оној на стабилните, кои по дефиниција растат умерено но сигурно. Тоа се компании со помал ризик кај кои, ако се инвестира во нивните акции, нема можност за збогатување преку ноќ. А што станува со Алкалоид? Алкалоид има шанси да биде во кошот на „брзо-растечките”, земајќи во предвид дека има потенцијал да се развива со над 20% раст во обемот на работа во годините што доаѓаат. Сепак, тоа е предвидување и потенцијално носи ризик на погрешна прогноза. Затоа, ќе треба да ги следиме резултатите на компаниите во иднина за да ги докажеме или измениме тие претпоставки. Од друга страна, Стопанска Банка Битола е компанија која би ја ставил во кошот на „споро-растечки”. За неа, битно е да си ја реши низвесноста и да се продаде што е можно побргу бидејќи ако продолжи со отпорот кон иновации ќе ја изеде конкуренцијата. Понатаму, во кошот на „потенцијалите за пресврт” од непрофитабилни и пропаѓачки во добро стоечки компании можеме да го ставиме Тиквеш, на пример. Во Македонија за оваа група има многу кандидати. Прашањето за нив е дали и на каков начин ќе се трансформираат? Но, ако дојде до позитивна преобразба тогаш инвеститорот треба да биде значително награден. Кошот на македонските компании т.н. „потценети и сокриени богатства” може да се преполни. Според многумина, причината на растот на речиси сите акции на Македонската Берза во 2005, 2006, и до некаде и во 2007 година се должи на проценката дека средствата во книгите на компаниите се прикажани со дисконт, девалвација, и со прикриени профити, недвижнини, залихи и сл. Крајно, „циклични” се акциите на Макстил, АрцелорМиттал, кои зависат од циклусите на светската економија. Кога има бум, како на пример во овој период, тогаш нивниот бизнис драматично расте, но кога има намалување на активностите на глобално ниво, тогаш обемот сериозно им се намалува. Најбитно, потенцијалот на една компанија може да биде фантастичен, но тоа не значи дека цената на една акција во даден момент е на добро ниво за да се купува. Добра компанија не значи и добра акција.

Побуна на бродот Баунти II


Неодамна, според Заводот за статистика, беше објавено дека трговскиот дефицит во размената со странство во првите три квартали или за девет месеци во 2008 година во Република Македонија достигна над две милијарди долари (минатата година оваа цифра беше нешто над една милијарда долари за истиот период). Во овој период обемот на стоковната размена изнесува 8,5 милијарди долари (5,9 милијарди во 2007) или 43% раст во 2008, од што 5,4 милијарди се во вид на увоз (3,5 милијарди во 2007) или 54% раст во 2008, а 3,1 милијарди долари (2,4 милијарди во 2007) во вид на извезени производи, или 29% раст. Битно е да се забележи податокот за увозот кој покажува раст од фрапантни 54% во 2008. На пример, во 2007 година за истиот период од 9 месеци извозот бил тој со поголем раст во однос на увозот. Податокот за растот на извозот во 2007 во однос на периодот јануари-септември 2006 година е во износ од 40%, за разлика од увозот кој во 2007 расте за 30%. На кратко, абсолутната бројка за трговски дефицит е астрономска цифа, што е знак за влошување на нашите работи. Тргнувајќи од основната премиса за стремежот кон зголемување на квалитетот и стандардот на живеење, обстојувањето на трговскиот дефицит на македонската економија, од година за година, како негативен елемент е клучен за анализа. Во 2008 година, како во 2007, евидентно е дека извозот се зголемува, и тоа во традиционално носечките извозни гранки на Македонија, како што се железаријата, фероникелот, преработена нафта од Окта и текстилот. Сепак, иако секој раст е добродојден, македонската економија во овој период сеуште зависи во голема мерка од индустриите кои вработуваат ниско-квалификувана работна сила и во истовреме создаваат производи со ниска додадена вредност. За илустрација, во целиот извоз на нашата држава можеме да оцениме дека само заради зголемувањето на цената на основните метали и суровини на светските пазари, која е енормна во 2007 година и првиот дел од 2008, македонската економија заработува најголем дел од својот раст. А што станува кога цената ќе падне како на пример во втората половина на 2008 и со претпоставка за 2009? Дефинитивно ќе се намали трговскиот обем, но во ситуација на зголемен буџет, како што се објави неодамна, прашање е дали увозот ќе паѓа во толкава мерка како што би се очекувало во нормално сценарио. На некој начин македонската економија можеби е како еден натоварен брод кој се движи многу споро до крајната дестинација. Судбината на тој брод, сепак, треба да ја гледаме во неговата реконструкција и редизајн. Не сакаме нашиот брод да ја доживее судбината на руската подморница која неодамна остана без кислород. Можеби нашата судбина треба да ја поистоветиме со патешествието на посадата на малиот чамец под водство на Вилијам Блај, кои како резултат на побуната на бродот Баунти, морале да се соочат со неизвесноста на големиот предизвик и во невозможни услови да дојдат до успех. Точно е дека времето е пред нас и ќе покаже во која насока ќе се движат нашите извозни капацитети. Дополнително, денеска сме доста наивни ако сметаме дека ќе не спасат приватните трансфери на пари од печалбарите во странство кои достигнуваат износ од над една милијарда долари на годишно ниво, но не повеќе. Затоа, во интерес на целата нација и идните генерации е да се обединеме во однос на зголемувањето на продуктивноста на нашата економија, внесувањето на иновативност и имагинација, и преку привлекувањето на странски инвестиции. Во таа насока, треба да се поддржи напорот на сегашната Влада за привлекување на автомобилската индустрија од Европа да дојде и да инвестира во Македонија. Сега имаме историска шанса за правење на нешто суштинско за ‘нашиот брод’. Парите за промоција на Македонија како добра бизнис дестинација, сакале или не, се потрошени. И многу други пари на народот се потрошија во минатите години. Но, дали бренд компанија ќе дојде во Македонија, или не, е прашање чиј одговор е истотолку важен како и оној за опстанувањето на нашето уставно име. Само обединети во стратешките цели на развојот на бизнисот во Македонија, можеме да испловиме во помирни води.