Saturday, June 20, 2009

Голема идеја

Дали всушност сите ние живееме во едно бесконечно реално Труманово шоу? Дали илузијата на Трумановото Шоу, филмот на холивудската продукција од 1998 година со глумецот Џим Кери, е секаде околу нас? Човек ќе се запраша дали ние сме манипулирани од големиот Продуцент и затоа не можеме да се отргнеме од вака поставената идилична стварност? Животот станува сатира во која се губи вистинското или големата идеја за сметка на одот во празно и залудно потрошеното време. На сличен начин, може да се наслика целиот систем на активности поврзани со економијата на Република Македонија во изминатите години. На кратко, недостасува Големата идеја преточена во низа од смели акции која ќе го разбие имагинарниот, вчерашен, свет и ќе не задвижи кон брз развој. За илустрација, во Америка секоја смена на власт носи спроведување на нови-Големи идеи. Во поново време се познати големите реформи направени од Регановата администрација во осумдесетите години, а продолжени од сегашната, и од Бил Клинтон со почеток во 1993 година. Њут Гингрич, докажан републиканец и можен кандидат за претседателските избори во 2008, во интервју за Волстрит Џурнал од минатиот викенд, а поврзано со политиките што неговата партија треба да ги изнесе пред народот во следниот изборен циклус, ќе каже: “Ни треба уште еден циклус на инзвонредни достигнувања. Тоа значи дека ние треба да искочиме со големи идеи кои ќе ги кажеме на јасен начин, и во истовреме ќе треба да се припремиме да одиме низ земјата, да ги убедиме луѓето, и да ја добиме дебатата за истите." Во случајот на Роналд Реган и Џорџ Буш помладиот јасно и гласно се практикува политиката на “supply-side economics”. Тоа е теорија која се залага за големо намалување на даноците по сите основи за да се стимулира економијата, која пак ќе врати со, пред се, поголема активност и развој, а на тој начин и со поголем износ на пари во државната каса отколку оној што би се собрал ако стапките на даноци останеле повисоки. Од друга страна, Бил Клинтон, во својата автобиографија, конкретно ја критикува таквата политика и ја анализира неговата голема идеја за раст и развој. Откако ги добива изборите, тој во период од неколку недели ги собира своите главни советници и заедно ја поставуваат економската политика со микс на мерки: големо намалување на буџетскиот дефицит преку заштеди во трошењето на државните инситуции и зголемени даноци со цел да се оствари економски раст преку намалени каматни стапки; и, фискално трошење на државни пари како еднократен стимул на економскиот циклус. Меѓудругото, Клинтон во 1993 година на почетокот на својот мандат конкретно дава предлози за следниве работи поврзани со економијата: давање на даночен кредит на малите бизниси за секоја нивна нова инвестиција за креирање на повеќе работни места, градење нови патишта и мостови во вредност од неколку десетици милјарди долари за инстант инфлукс на свежи пари во економијата, кратење на државната администрација за 100.000 луѓе, помали административни трошоци за 9 милјарди долари, зголемено оданочување на најбогатите за 3%, зголемување на данокот за енергенси, елиминирање на субвенцијата на нерезидентни сметки кои ги одлеваат домашните профити во надворешни земји, итн. Конкретно, со ваков начин на спроведување на јасни и смели економски политики САД умеат да го дуплираат својот стандард секои 25 години. За да не застанеме на ова, во нашиот регион истотака почна да се применува сличниот начин на размислување. Конкретно, во Србија на 8 февруари Министерот за Финансии, Млаџан Џинкиќ, објави дека во 2006 година Владата сака да реализира пакет од 68 закони поврзани со растеретување на економијата за поголема конкурентност, намален трговски дефицит, зголемување на вработеноста и економскиот раст. За таа цел на пример, тој најави дека во Србија ќе се намалат придонесите и даноците за плати од 73 проценти во однос на нето платата на ниво од 60 проценти и за секој вработен под 30 години возраст ќе има ослободување од плаќање на придонеси од 3 години. Во истовреме, Српската економија добива еден куп на добри оцени од страна на ММФ и Светска Банка. Кај нас, пак, работите се вртат во место. Минатата недела, Премиерот им одржа лекција на големите моќници од Стопанската Комора за основите на капитализмот со изјавата: “Треба да се промени свеста на стопанствениците и на граѓаните и тие да сфатат дека мора да се потпрат на своите сили, а не постојано да очекуваат помош од државата”. Алелуја. Политичарите конечно сфатија дека моќта е во претприемачите! Ама, на теренот, сепак, работите стојат поинаку и сеуште бирократите ги малтретираат малите и средните бизниси. Затоа, време е сите политички опции во Македонија во предвечерјето на парламентарните избори да ги соберат искуствата од минатите 60 години и да предложат пакет на Големи идеи за поставување на економски систем во Македонија кој ќе му овозможи на приватниот бизнис да се множи и да биде конкурентен со компаниите од регионот и светот. Во истовреме, државната администрација да стане инвестиција а не трошок за бизнисот.

No comments: