Wednesday, June 27, 2012

Шчо напраифте?

Најновата вест е дека вчера на седница на Комисијата за труд и социјална политика, второ читање на предлог измени на Законот за задолжително пензиско осигурување, не се дадени амандмани за измена на таа несреќна одредба за продавање на македонските евро-обврзници со рок до 15.01.2013 година. Сега останува уште пратениците во Собранието да му дадат финален печат на овој штетен Закон. Станува збор за инвестиција од околку 70мил. евра на двата задолжителни пензиски фондови во долг на Р. Македонија во евра, која треба присилно и предвреме да се продаде за парите да дојдат во мајка Македонија. Власта ќе каже дека токму тие пари и се многу потребни на нашата држава и битни за финансиска стабилност!?


Што значи овој потег?
Забраната на инвестирање во МК евро-обврзници и принудната продажба на постоечките МК евро-обврзници е крајно непромислен потег на некој што е очаен и финансиски неписмен. Иако, Власта ќе каже дека овие пари се потребни за стабилизација на земјата и нејзините финансии во време на светска финансиска криза.
Сепак, со овој потег, Македонскиот долг во странство станува поскап, затоа што домашните пензиски фондови беа единствени активни купувачи и продавачи на државниот долг во странство. Таа улога на т.н. market-maker се брише. Затоа, денеска државата не е во можност да се задолжи ниту за 6,8% каматна стапка, туку мора да плаќа многу повеќе. За илустрација, од денот кога се најави овој Закон, веднаш цената на Македонскиот долг ослабе и каматата се зголеми. Ние како држава станавме поризични едноставно со ставање на овој предлог Закон на маса! Звучи чудно но е чиста вистина. Некој што не го разбира овој процес на меѓународниот пазар за капитал е способен да донесе ваква штетна и непромислена одлука за својата држава и својот народ(над 300.000 штедачи во пензискиот систем во Р.М.). Од друга страна, станува збор за 70 милиони евра. Зарем дојдовме до тоа дереџе за да го ризикуваме финансискиот рејтинг на Р. Македонија, на сите нас, за толку малку пари? Република Македонија добива над една милијарда евра во дознаки од нашите граѓани во странство. Па ако ти требаат пари, оди во дијаспората и моли за повеќе дознаки!?  Тие пари од евро-обврзницата се на граѓаните и ќе дојдоа во Р. Македонија во 2015 година. Зошто оваа владејачка гарнитура сака да ги земе денеска и да ги троши сега како да се нејзина сопственост?

Но, и во истовреме, овој потег значи директно намалување на идната пензија на секој член на вториот пензиски столб. Оваа загуба ќе дојде од намалената заработка на истите пари кои денеска владејачкото мнозинство одлучи да ги вложи во име на граѓаните во должнички хартии со пониска камата. За илустрација, граѓаните штедеа 70 милиони евра со просечна камата од 6,5% и денеска се носи Закон со кој им се вели да штедат по камата од 5,5%!? Тоа е за 30% помала заработка на една четвртина од парите на членовите во период од 3 години. Секој А кој ќарува? Е тоа е директен ќар на странските шпекуланти, штедачи и сл. Неверојатно! Некој што воопшто не  го почитува својот гласач-граѓанинот на Р.Македонија може да го направи ова.
А, што да кажам за 2014 или 2015-та, доколку Р.М. повторно одлучи да се задолжува преку скапи евро-обврзници? Тогаш, идните пензионири немо ќе гледаат како некои странци заработуваат на нивниот грб, без да можат да партиципираат како резултат на овој Закон.

Зошто го прават ова?
Им се може. Добиле на избори!?
Владата во својот концепт на владеење, во делот на финансиите, дефинитивно ја крши 20 годишната филозофија на трошење во рамки на можностите, и вели дека секоја година ќе троши повеќе отколку што има пари во Буџетот. Идејата е да се потикне економски раст и развој со позајмување на пари, кои што утре ќе треба некои други генерации да ги враќаат. Значи,  секоја година на Р.М. и се потребни нови пари преку нови кредити. Секоја држава своето задолжување го прави преку точно дефиниран процес на издавање на државни обврзници во точно одреден временски рок. Но, кај нас тоа не е така. Кај нас постои некоја филозофија на хаотично задолжување преку наоѓање на иновативни и герилски извори. Тоа беше симпатично до одредена мерка(долг од ММФ, Светска Банка, итн...), но сега веќе станува трагично. Така не се гради држава!
Единствен разумен одговор е дека Власта ја изгуби контролата врз чекмеџето. Влезена е во огромен затворен вртлог на трошење на пари и на долгови. Не се знае колку должи, а секој ден со секоја нова нарачка на нови проекти се задолжува повеќе и повеќе. Наликува на коцкарски менталитет.  Затоа, се посега на се како извор на нови пари што е во рамки на нејзината моќ без разлика дали е разумно или не. Се кријат зад настојувањето за ефтино задолжување? Но, и ефтиното задолжување има цена. "Нема бесплатен ручек" е основната лекција во Економијата. Очигледно е дека изворите на финансирање на Р. Македонија по нормални пазарни услови се потрошија. ММФ веќе не сака да дава пари затоа што поставува услов да дознае колку е внатрешно задолжена државата. Дојче Банка не сака да дава пари затоа што смета дека долгот на Р.Македонија е ризичен и бара повисока каматна стапка. Светска банка веќе даде пари. Кој ќе даде нови пари? Евро-обврзница на Р.Македонија во овој момент ќе биде со цена од над 8% каматна стапка. Тогаш, кој друг ако не народот. Народот треба да ја финансира оваа Преродба со своите пари од пензија и со лимитирана непазарна каматна стапка од 5,5%. Лудо!

Што ќе биде со реформираниот пензиски систем?
Е ова е прашање од милион долари! Никој од Власта нема одговор на ова прашање за сега.  Донесоа одлуки кои прават целосно изместување на дел од основни принципи на реформираниот пензиски систем(намалување на уплатите во фондот на членовите како процент од бруто плата, непредвидливо мешање во инвестиционите политики и одлуки). Така, еден мега-проект на реформирање на пензискиот систем, од 1998 година наваму, кој што го правеа дузина домашни и меѓународни експерти, неколку Влади по ред го туркаа со Закони и измени на Закони, Светски банки и ЕУ, и ги задира над 50% од сите вработени во државата, се детонира во темелите.
Каква држава градиме ние? Зарем само имињата на улиците, и спомениците, и кружните текови се вредност?

Демократијата како политички систем денеска во Македонија е дефинитивно дефинирана како упад на група на луѓе во нашата слобода. Слободата нема цена!

Wednesday, June 20, 2012

Пензиските фондови со рекордна уплата во државни долгорочни обврзници

Денеска во Утрински осамна текст во кој јас сум цитиран на едно место, со изјавата "Дури 90 отсто од учесниците на пазарот со краткорочни записи се банките, кои во нив го пласираат вишокот ликвидност, но тие сакаат побргу да им бидат вратени средствата. За разлика од нив, петгодишните обврзници никој не ги сака освен пензиските фондови".

Текстот на новинарот во реалност ја отсликува состојбата на пазарот на капитал во Р. Македонија, каде што на сметка на долгорочните штедачи присилно се прибираат средства со непазарна каматна стапка, во име на стабилност, просперитет, преродба, и сл.
Прашањето останува: Зошто на Дојче Банка се дава 6,83% каматна стапка за кредит од 5 години, а на домашните штедачи(над 300.000) им се нуди 5,5% за истиот период? Како го објаснуваат ова нашите водачи?

Само за илустрација, за два штедачи кои имаат само 1,3% разлика во каматни стапки како во овој случај на германски и македонски штедачи, за 5 години со вкаматување по иста стапка, ќарот е за 30% поголем кај штедачот со повисока каматна стапка.

Во исто време, на пример, денеска на пазарите за капитал Хрватските евро-обврзници со рочност од 5 години тргуваат над 6%, а се со помал ризик од Македонските обврзници.

Едноставно, нема пазарна логика за ставање на 5,5% каматна стапка на Македонски долг во јуни 2012 година! Како и секогаш, царот е гол, а штетата е многу поголема отколку што тие можат да ја претпостават.

Friday, June 15, 2012

Финансиска репресија Дел 2

Денеска дознаваме дека Владата ќе се зајми од Дојче Банка со само 75, наместо најавените 250 милиони евра. Што се случи? Каков договор всушност прави Министерот за финансии во име на граѓаните?
Мојата претпоставка е дека одговорот на овие прашања го знаат највеќе онолку бирократи колку што има прсти на раката. 
Ако може да се претпостави дека Дојче Банка сакала да даде кредит од 70 милиони евра по камата од 6,8% а останатиот дел од кредитот да го "синдицира", или со уличен жаргон да го понуди на други банки за разводнување на ризикот на повеќе инвеститори; тогаш доаѓаме до заклучокот дека останатите инвеститори процениле дека висината на каматата по која сакаат да и дадат пари на Р. Македонија треба да е повисока од претходно најавената. 

Зошто преку ноќ поскапеа парите што може нашата држава да ги позајми? Што се случи?
Министерот во вешто спакуван отчет го даде образложението дека ситуацијата на пазарите на капитал во светот драматично се влошила како последица на состојбата на финансиите на Шпанија, Италија и сл. 
Но, човек секогаш треба да гледа пошироко. 
Како светските инвеститори гледаат како се движи кредитниот ризик на одредена држава? 
Одговорот на ова прашање е едноставен: се приклучуваат на терминалите на Блумберг или Томсон Ројтерс и проверуваат како се движи кривата на приноси на државните обврзници. Така, ако внимателно се погледне кривата на приноси на македонските евро-обврзници на овие терминали забележуваме пораст на ризикот, т.е. зголемување на каматата, од месец април па наваму. 

Реално, ситуацијата на пазарите во Шпанија и Италија дефинитивно има удел во овој тренд. Но, не треба да се заборави дека токму во месец април Владата усвои контраверзен предлог Закон за измена на начинот на инвестирање на средставата на пензиските фондови во странство. Со овој предлог дефакто Владата ги натера домашните пензиски фондови да почнат да размислуваат да продаваат од својата залиха на македонски евро-обврзници. Така, може да се шпекулира дека токму тој предлог Закон доведе до нарушување(влошување) на состојбата на ризикот на Р. Македонија на светските берзи, а со тоа и поскапување на нашето задолжување во странство.

Caveat Emptor!