Thursday, May 30, 2013

Македонија ќе ја спаси збор со 4 букви

Минатата недела во Сингапур, градот-држава, се оддржа редовната годишна конференција за инвестирање на пазарите на капитал во организација на ЦФА Институт(CFA Institute). Бев еден од повеќе од 1500 делегати од целиот свет. Во интензивната дебата за состојбите и перспективите на денешниот финансиски свет, државниот врв на Сингапур на еден самоуверен начин не убедуваше дека Југоисточна Азија во следниот период од 10 години ќе продолжи со забрзаниот раст и развој и тоа меѓудругото ќе го должи на одлучноста на лидерите на АСЕАН земјите(10 земји во регионот без Кина, САД, и Австралија) да ги решаваат меѓусебните проблеми со цел обезбедување на подобар животен стандард на своите граѓани, а не да ги користат истите за дополнително да си ја зацврстат својата 'Мажино' линија. Југоисточна Азија денеска е најбрзо растечкиот економски регион во светот. Значителен број на луѓе во тој регион во период од неколку декади се поместени од работ на сиромаштијата до позиција на сериозна средна класа што е спремна да ги абсоробира сите благодети на денешниот модерен свет (свој дом, врвно образовние, заштеди, екстра приход за благ луксуз).
Таму, волшебната спирала на создавање на богатството врти нагоре.
Во таква консталација на работите, неминовно е човек да се запраша како сето тоа го прават тие луѓе? И одговорот според мене не е близината до Кина.

Прв пат одам во Азија и среќен сум што тоа го направив преку Сингапур. За споредба, Сингапур според стандард на живеење на жител е нешто под Швајцарија а нешто над САД. Но, се поклонуваме и ја симнуваме капата кога ќе се запознаеме со фактот дека Сингапур е самостојна држава само од 1965 година. Иако има многу разлики, сакам нашата Македонија да ја споредувам со најдобрите. Зарем ние не сме способни да направиме вистинска преродба? Со цел да влезам во срцето на успехот на Сингапур меѓу многубројните истражувања на лице место ја прочитав и биографијата на основачот и авторитарниот лидер Ли Куан Ју.

Сингапур направил фокус на стратегија за развој преку привлекување на странски инвестиции со ниски даноци, зацврствување на чувството за нација, благ патриотизам, мултиетничност, нулта корупција, врвно образование, ред и поредок. Ли Куан Ју воспоставил една многу едноставна мисија: "Сингапур мора да биде подобар од сите свои комшии." Мора да има чист воздух и околина, сплотен мулти-етнички живот без толеранција за гетоизација и сегрегација, средена инфраструктура, гостопримство, правна и фер држава, да се збори интернационалниот-Англиски јазик како мајчин, луѓето да се културни и да го почитуваат јавниот ред и мир, децата да учат од најдобрите и во обемни количини, лидерите да не се корумпирани... Развој на врвна инфраструктура(меѓу најдобра во светот), логистика преку најдобри услови за бродски и авионски транспорт(втор најголем транспортен центар во свет), финансиска оаза за регионот(Луксембург во Азија), туризам од светски рамки(трет најфреквентен конгресен центар во свет).  Сето горенаведено е реалност и е постигнато во еден систем со авторитарен акцент и благо намалување на демократските права на населението.

Сингапур како држава и стратегијата за развој на Сингапур влече многу паралели со Р. Македонија. Во 1965 година Сингапур била уништена економија и место со влошени меѓуетнички односи помеѓу мнозинското и муслиманското население. Дополнително, кога ќе ги прочитаме основните визии на Ли Куан Ју, неминовно е да го споредиме со оние на Никола Груевски. Во многу нешта се совпаѓаат.  Сепак, во голем дел реализацијата на терен се разликува. Кај нас, и покрај позитивните резултати во еден дел од формулата на Сингапур, работите стојат во место заради непостоечките цели во другиот дел. На пример, визијата за развој на Македонија никој од нашите лидери до ден денеска ја нема артикулирано на вистински начин пред нас-народот. Корупцијата е видна и фрапантна. Поделеноста на општеството по сите линии на наши и ваши е огромна. Чувството за ред и поредок, правна држава, е на минимум. Скопје и Македонија се дават во ѓубре и нечистотија. Модерната инфраструктура ја нема. Образованието е без основни услови за работа по модерни светски стандарди. Сингапур го држи одговорот за нашата татковина!

Крајно, Сингапур и земјите од АСЕАН регионот веруваат дека нивните разлики ги прават поблиски и решавањето на истите е единствен начин за подобар живот.  За нив големината на пазарот е основен параметар во равенката за зголемување на бруто домашниот производ. Затоа, тие велат дека имаат над илјада АСЕАН состаноци годишно на високо државно ниво, и кога имаат проблем се вртат кон волшебниот збор со 4 букви: ГОЛФ! Многу е полесно да се најде решение ако за тоа се има волја но и начин за да се скрши мразот, на пример преку игра на светски голф терен во нашиот Охрид.