Monday, April 15, 2013

Резултати од работењето на пензиските фондови


2012 година заврши со најдобар резултат на задолжителниот пензиски фонд од почетокот на пензиската реформата во 2006 год. до денеска, 7 годишен период, иако во текот на годината се проткајаа исклучителни негативни влијанија врз реформираниот пензиски систем со реперкусии на долг рок.

Здолжителниот пензиски фонд во текот на 2012 година оствари добивка од над 15 милиони евра за сметка и во име на членовите. За овој период, сметководствената единица на задолжителниот фонд (КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд-Скопје) како основно мерило за успехот на фондот порасна од 13,00000 на 01.01.2012 до износ од 130,697013 на 31.12.2012.  Целта на пензискиот фонд дефинирана во нашите акти е приносот на годишно ниво да биде за 2 процентни поени  поголем од просечната годишна инфлација. Тука повторно сме подобри од реперот. Инфлацијата во просек за последните 7 години изнесува %, додека приносот во просек на годишно ниво за последните 7 години изнесува %. Доброволниот пензиски фонд исто така оствари позитивен резултат.

Во контраст, добрата слика за реформираниот пензиски систем беше избледена со неочекуваната одлука на Министерството за финансии на почетокот на годината да спроведе законски измени со рестрикции во можностите за инвестирање на средствата на пензиските фондови. Имено, Министерството без дебата и нетранспарентно директно се вмеша во дизајнот на еден клучен дел од системот: принципот на диверзификација. Се забрани вложување во обврзниците на нашата држава во странство за да се добие директен инфлукс на свежи пари во економијата на краток рок, токму во текот на 2012 година. Тоа е избрзана акција со долгорочни негативни влијанија врз домашниот долг, пензискиот систем и пазарот на капитал. За среќа, реализацијата на оваа идеја во реалност се случи во поволен период од годината во месец август и септември и не доведе до огромни штети врз заштедите на членовите.
Во 2012 година домашната економија остана без раст, а индексот на Македонската берза беше еден од најслабите во светот и оствари негатива од -13%. Каматните стапки во домашната економија рапидно се намалија од 5,5% на почетокот на ниво од 4,75% за петгодишен државен долг на крајот од годината. Во исто време, пазарите на капитал во Европа и светот во втората половина на годината се стабилизираа и имаа квалитетен пораст. Најголем фактор за позитивниот принос на пензиските фондови со кои управува Друштвото е одлучноста на Европската централна банка(ЕЦБ), изразена преку нејзиниот претседател Марио Драги, да интервенира на пазарите на капитал во Европа. На конференција за инвестирање во Лондон на 26 јули, 2012 година за време на својот говор тој ќе изјави: "Within our mandate, the ECB is ready to do whatever it takes to preserve the euro. And believe me, it will be enough,". Пазарите го прифатија овој став на ЕЦБ како реален и со тоа голем дел од ризикот врз Европа беше психолошки елиминиран. Така, Германскиот берзански индекс-DAX, кој ја отсликува состојбата на германската извозна економија порасна за цели 30% во 2012 година. Како резултат на тој процес, речиси сите хартии од вредност во Европа и САД, без разлика дали се сопственички (акции) или должнички(обврзници), претрпеа зголемување на цената. Задолжителниот пензиски фонд со кој управува Друштвото во тој период имаше над 20% од активата инвестирано во странски акции. 

Резултатот и работењето на Друштвото во 2012 година директно го тестираше процесот на диверзифицирање на портфолиото на инвестиции на фондот во повеќе столбови на сигурност. Тестот е успешен. И покрај негативниот принос на домашните акции, и негативното влијание на законската интервенција врз приносот на македонските евро-обврзници, сепак резултатот е многу добар. На тој начин се потврдува како успешна нашата определба кон внимателно распределено портфолио на инвестиции во повеќе кошнички.  Како доброто вино, така и резултатот на пензискиот фонд се подготвува и крои на долг рок. Стратешки сакаме да ги искористиме можностите во рамки на законот и да ги вмешаме квалитетот на сигурноста на обврзниците со можноста за заработка преку вкупниот принос (дивиденда плус капитални добивки) на акциите. Веруваме во моќта на акциите, дома и во странство, како генератор на позитивен принос на долг рок со нужна доза на респект кон нашиот клиент и нејзината толеранција за ризик. Инвестирањето во акции го правиме на пасивен начин и според принципот на широка диверзификација и ниски трошоци. Тој начин на инвестирање е препорачан и од реномираните светски инвеститори со долгогодишно искуство како Ворен Бафет, Џак Богл, и Давид Свенсен. Земајќи ги сите околности и ограничувања во самиот систем и економијата овој пристап кон инвестирањето ќе донесе позитивен резултат на долг рок. Нашата задача останува да  бидеме лидер и да се стремиме со голем напор и паметна работа да им обезбедиме на Македонските граѓани повеќе пари за во пензија. Јас ви ветувам дека  тимот на КБ Прво безрезервно ќе продолжи да биде разумен, енергичен, пргав, непокорлив, и да ги бара сите разумни можности за да го зголемиме приносот на пензискиот фонд со превземање на прифатлив ризик преку светски докажани техники. 

Искрено, 

Јанко Тренкоски
Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.