Thursday, July 12, 2012

Финансиска репресија revisited



Владата како таква е голема заблуда преку која секој граѓанин си замислува дека може да живее на сметка на сите останатиФредерик Бастиат, француски класичен филозоф.

На 23-ти јули, 2012 година е закажана пленарна седница на Собранието на Република Македонија за крајно гласање на Закон за измена на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. И покрај сите јасни пораки од стручната јавност, домашна и странска, и покрај очајничките крици на луѓе од индустријата, експертите, опозицијата, и некои упатени фактори во овој процес, сепак владејачката коалиција избра да оди до крај и да ја задржи штетната преодна одредба за присилно продавање на македонски евро-обврзници во рок до 15.01.2013 година.  Да бидеме јасни, одлуката за забрана на вложување на домашните пензиски фондови во македонски евро-обврзници на странски пазари е штетна, за државата и за штедачите. 

Има неколку силни причини. Прво, не смее да се дискриминира, а со тоа да му се нуди непазарни каматни стапки на домашниот инвеститор, во однос на странскиот. Второ, домашните пензиски фондови беа фактор кој дава стабилност и ликвидност на нашиот државен долг во странство,  а со тоа и индиректно привлекуваат повеќе странски инвеститори  кои за пониска цена ќе вложат во истиот тој долг. Трето, домашните пензиски фондови се бесплатни дефакто маркет-мејкери, т.е. партнери на државниот долг. Четврото, домашните пензиски штедачи преку инвестиции во овој тип на финансиски интрументи во екот на големата финансиска криза во 2009 и 2011 година заработуваа на сметка на странските исплашени штедачи кои продаваа пошто-пото.  Од друга страна, втората одлука во измена на горенаведениот Закон-за присилно продавање на вложувањата на македонските пензиски штедачи во македонската евро-обврзница со доспевање во декември 2015 година со рок до 15.01.2013 е повеќе од штетно. Тоа е финансиска репресија!

Министрите ја образложуваат одлука како неопходна за сигурност на државата, и дека токму тие пари се клучот за стабилност на тековната сметка. Велат дека денеска живееме во голема криза во Европа и дека секоја држава си го штити домашниот пазар со тоа што ги тера сите домашни инвеститори да ги задржат парите во земјата. Крајно, инсистираат дека е добро тие пари од сопствените граѓани-штедачи да бидат позајмени од страна на државата со ниски каматни стапки. 

Сепак, со овој потег, македонскиот долг во странство станува поскап, затоа што домашните пензиски фондови беа единствени активни купувачи и продавачи на државниот долг во странство. Таа улога на т.н. маркет-мејкер се брише. Затоа, денеска државата има голем проблем да се задолжи за 6% каматна стапка во странство, туку мора да плаќа многу повеќе. За илустрација, од денот пред неколку месеци кога се најави овој Закон, веднаш цената на македонскиот долг ослабе и каматата се зголеми. Ние како држава станавме поризични едноставно со ставање на овој предлог Закон на маса! Звучи чудно, парадоксално, но е чиста вистина. Зарем дојдовме до тоа дереџе за да го ризикуваме финансискиот рејтинг на Р. Македонија, да правиме и најмала загуба на приватните пензиски сметки на сите нас, за толку малку ефективни пари? За појасна слика на соодносот, Република Македонија добива над една милијарда и половина евра во трансфери од нашите граѓани во странство на годишно ниво.  Парите од евро-обврзницата се легитимна и законска инвестиција на граѓаните и без преодната одредба ќе дојдоа во Р. Македонија во 2015 година. За илустрација, денеска со измената на Законот нашите заштеди за пензија што носат пазарна каматна стапка од над 6%, не присилуваат да ги разрочиме со пенали и да ги префрлиме во заштеди дома што носат каматна стапка од нешто над 5% во име на стабилност на државата. Пеналите ги наплаќаат странските штедачи, и повисоката каматна стапка ќе ја заработуваат странските штедачи.

Крајно, реформираниот пензиски систем е нешто што сите ние сме го граделе во период од 15 години, со илјадници часови на дебати, пишани документи, анализи, учество на врвни експерти од дома и целиот свет, и со поддршка на сите парламентарни состави досега.  Денеска, за оваа одлука никој не беше информиран ниту пак консултиран надвор од затворениот круг на неколку луѓе на врвот на нашата држава. Промената на Законот е повеќе од сериозна, затоа што таа одлука го поткопува основниот темел на реформираниот пензиски систем-сигурноста на парите за пензија.  Се прашувам, каква Држава ние градиме? Градиме ли Држава? Во делот на пензиите, очигледно, треба добро и долго да се запрашаме.

Tuesday, July 10, 2012

Почивај во мир, најмила Мајко!

Невенка Тренкоска.
8.12.1943-1.7.2012
Мајка, баба, психолог. Голем човек.
Секогаш ќе бидеш во моето срце.

Твој Јане