Thursday, December 18, 2008

Години на турбуленција


Основните правила на природата како на пример „што лета високо, ниско паѓа” познато како втор Њутнов закон, и сл., се случуваат кога најмалку ги очекуваш. Но, тие небески правила се секогаш тука околку нас и удираат без пардон. Во 2008 година, како илустрација, треснаа на земја дузина великани на светските економски процеси и инвестиции. Ми доаѓаат на ум Алан Гринспан и Бил Милер. Гринспен е познат по долгорочноста на својата кариера, како и по тоа што беше на чело на процесот што доведе до период од една од најголемите ренесанси и просперитет на американската економија. Бил Милер, пак, се издвојува како најдобриот менаџер на пари во последните 20 години со конзистентен позитивен резултат и надминување на реперите, од година за година. Во 2008 година двајцата доживуваат целосен срам врз својот лик и дело. Така, во 2009 година не може да се очекува дека овие правила на природата ќе се замрзнат туку напротив дека ќе пролиферираат. Од аспект на ретроспектива, и фактот дека работите сигурно изгледаат нормални кога се враќаме наназад, би го издвоил размислувањето на Гринспен. Имено, во септември 2007 година, на пазарот во западниот свет се објавија мемоарите на Ален Гринспен, маестрото на американската централна банка и нејзин шеф во последните 20 години, во книгата “Ера на турбуленција” (The Age of Turbulence). Во книгата, во предвидувањата за иднината на глобалната економија Гринспен дава песимистички осврт на времето што доаѓа. Имено, тој вели дека растот на продуктивноста, пред сé, на американската економија, ќе оди надолу, на 2% на годишно ниво, од просекот од 3% постигнат од 1995 до 2005 година. Понатаму, неговиот страв е дека инфлацијата во САД ќе се заголеми и до 5 проценти, што ќе доведе до пораст на каматните стапки. Крајно, тој е загрижен за сите трошоци што ќе произлезат од одењето во пензија на најмасовната генерација на американци, т.н. „бејби-бумери”, во бројка од над 70 милиони луѓе, или 28% од популацијата на таа земја во годините по 2010. Сумарно, Гринспен гледа голема турбуленција на економијата во краткорочна иднина. На тој начин, иако тој се извини на јавноста во текот на оваа година и призна дека направил грешка во проценките за позитивниот ефект на неговите политики на „невидлива рака” согласно нивниот огромен негативен ефект врз економијата - Гринспен несомнено е голем економист. Каква е прогнозата за Македонија за 2009? Во Македонија во годините што доаѓаат, во таа природна фаза на конвергенција кон ЕУ, сите ние веруваме дека нашиот стандард на живеење значително ќе се подобри. Но, стартот на маѓепсаните 10 години раст и развој како оние што се појавуваат во развојот на Ирска, Грција, Португалија или Словенија, ќе го чекаме за некоја друга година. Пред нешто повеќе од една година, проекциите на Владата во својата макроекономска политика за 2008 година беа за пораст на БДП од 6,0%, износ на инфлација од 3,0%, буџетски дефицит од -1,5%, пораст на извоз од 8%, пораст на трговскиот дефицит за -26% од БДП, и износ на странски директни инвестиции од 400 милиони евра. За жал, ниту една од овие бројки не се достигна и надмина. Напротив, сведоци сме на сериозни проблеми предизвикани од високата инфлација и трговскиот дефицит во 2008 година. За 2009 година, сега се проектира раст на БДП од 5,5%, износ на инфлација од 3,5%, буџетски дефицит од -2,8%, пораст на извоз од 16%, а пораст на увозот од 13%, и износ на странски директни инвестиции од 500 милиони евра. Главна реформа се спроведува во намалувањето на придонесите, а со тоа се проектира дека стапката на невработеност ќе се намали од 34 на 31,5% за само една година, до крајот на 2009 година. Согласно горенаведеното од годинашниот Буџет на државата се гледа дека просперитетот и оптимизмот на Владата е во дивергенција со оној на развиениот свет. Но, донекаде тоа не е неприродно земајќи во предвид дека нашата економија тргнува од ниска база и од период на стагнација. Сепак, треба да имаме во предвид дека во 2009 година во нашата економија ќе се прелеат забавените економски процеси од развиениот свет со што ќе не примораат во ревидирање на сите очекувани проектирани бројки. Истотака, сведоци сме на нашата лоша способност за предвидување на настаните. На пример, за 2008 година погодивме само дека Косово ќе стане независно. Сé друго, почнувајќи од исходот во Букурешт, претпоставките во Буџетот, до големината на светската криза, не изненади многукратно. Затоа, ако може нешто со сигурност да се прогнозира тоа е дека ќе има значителна турбуленција. Да ги врземе појасите!

No comments: