Wednesday, December 24, 2008

Прогноза за 2009 за пазарот на капитал


Овој период е добра можност за да се извади магичната кристална кугла и да се позабавиме со предвидување на тоа што ни доаѓа во 2009 година поврзано со пазарот на капитал. Спремни ли сме за повторување на дебаклот од 2008 година кога индексот МБИ-10, генералниот индекс на македонски берзански акции, од ниво 7741 на почетокот на годината падна до денешните 2222, или 71% помала вредност, износ последен пат виден во декември 2005 година? Дали ќе го доживееме стресот од 2007 запечатен со најголемиот успех во историјата? За потсетување, во 2007 година пазарот на капитал изразен преку движењата на волуменот и цените на Македонската Берза ни донесе многу драматични случувања но и „хепи-енд”. Иако неочекувано за многумина, во 2007 година МБИ-10, порасна за точно 109%, од 3703 на 7741 индексен поен. Во 2006 година порастот беше 62%. Тоа беа времиња- кога имавме рекордно остварување и на светско ниво за пораст на еден берзански индекс во 2007 година. Но, за жал, состојбата на македонцките работи не е толку розова. Во 2009 година влегуваме со високо оптегнати едра директно во срцето на глобалната економска бура. Од една страна, имаме притисок врз тековната сметка на платниот биланс со вртоглав размер и потенцијал за нарушување на еден од основните заповеди на македонската економија - не смее да има ценовна нестабилност и девалвација на денарот. Од друга страна, се одмотува клопчето на забавен раст и развој на реалниот сектор. Сведоци сме на целосно замрзнување на кредитирањето од страна на банките, но во исто време и на намалениот обем на нарачки на извозниот сектор. Единствен позитивен сигнал добиваме од Владата која плови со полна брзина и во 2009 проектира инвестиции во инфраструктурата, надополнето со субвенциите за земјоделците и помош за трети групи од интерес. Крајно, и најбитно, големиот број на компаниите излистани на Македонската берза влегуваат во година во која приходите од работењето во најдобар случај ќе им останат на исто ниво, но најверојатно ќе им се намалат. Согласно основното правило за вреднување на хартиите од вредност, а тоа е потенцијалот за зголемени профити во иднина, континуирано во текот на годината ќе продолжи притисокот надолу врз евентуалниот замаец за раст на цените на акциите. Уште побитен е развојот на настаните во Словенија и Хрватска како најистурени бази на странските инвеститори во Македонија. Таму, работите не одат на добро. Инвеститорите ги книжат своите загуби заклучно со крајот на 2008 и ги фаќа ‘психолошки пишман’ или на англиски ‘buyers remorse’. За илустрација, тие инвеститори се изгорени од неликвидноста на Македонската берза, особено во деновите кога цените се движеа во надолна линија. Неликвидност, по дефиниција, значи дека не си во можност да го продадеш целиот износ на твојата позиција во одредени акции на одреден ден. Така, во инвестирањето во нашата земја, се повеќе и повеќе, има влијание т.н. ‘behavioral finance’, која ги објаснува овие човечки процеси на емоции наспротив рационално размислување. Следствено на тоа, аномалијата на човекот како таков, кој размислува преку емоции, ќе ги стави на страна сите бикови трендови на Македонската берза во 2009. Со други зборови, сите краткорочни трендови на движења на цените на акциите во нагорна линија во 2009 година, ќе бидат искористени од страна на странските инвеститори за топење на своите позиции во неликвидните акции на македонски компании, а со тоа ќе стават целосен поклопец врз евентуални значителни порасти. Моите очекувања се неутрални, и размислувам во насока за можен раст на МБИ-10 од 10% во однос на крајот на 2008 година, или МБИ-10 на 2500. Оптимистите ќе кажат дека во 2009 година ќе видиме превземања на некои големи компании од страна на странски стратешки инвеститори, и затоа цените на акциите на истите се со огромен потенцијален дисконт и со добра можност за заработка. Сепак, битно е да се напомене дека ризикот е голем, и дека во услови на намалена ликвидност берзата може да има барем еден период со дополнителна корекција. Во 2009 година квалитетот на корпоративното управување и правата на инвеститорите ќе станат жешки теми, согласно зголемувањето на бројот на локални институционални инвеститори.

No comments: