Tuesday, December 9, 2008

Еко-луција


Трендовите некогаш стануваат движење, а движењето може да се претвори во револуција. Евидентно е дека во светските кујни на моќ се готви пелин за следните педесет години. Живееме во зората на ново време, или ера на “Енергија-Клима”-ера во која ќе заживее т.н. Е.Т. или Енерго-технологија (наспротив И.Т. или информатичка технологија), термини популаризирани од Том Фридман во неговиот најнов бестселер “Жешка, рамна и натрупана(Hot, flat and crowded)”. За што станува збор? Изминатиот викенд, Обама преку телевизиско интервју го образложи неговиот план за стимул на американската економија. Меѓудругото, тој планира фискална мега-инекција во “паметни” проекти со цел не само да се сврти негативниот тренд на безработица на краток рок туку и да се добие опиплив резултат со зголемена продуктивност на економијата на долг рок. На пример, тој најавува инвестиции во инфраструктурата - градење на патишта, модернизирање на училишта, проширување на достапот до широко-појасен Интернет до целото население, внесување на нова технологија во болниците, и подобрување на енергетската ефикасност на зградите и објектите. Од сите горенаведени макроекономски мерки, последната е нестандардна и свртува задолжително внимание. Таа мерка е почеток на еден значителен циклус на инвестиции во обновлива чиста енергија, енергетска ефикасност и конзервација на енергија во Америка. Ова е одговор на заканувачките процеси на недостаток на суровини, глобално затоплување, петро-диктатури и недостаток на електрична енергија. На овој процес веќе е надоврзана
ЕУ со својата декларација од 2007 година за намалување на негативните предизвикувачи на промени во климата, и тоа 20% намалување на емисии на јаглерод диоксид до 2020 година и сведување на истите на ниво од 1990 година, како и дистигнување на 20% од употребената енергија во ЕУ да доаѓа од обновливи чисти извори
. Сведоци сме оваа недела дека Саркози и покрај рецесијата ќе ги истурка сите планирани инвестиции на ЕУ на ова поле дополнети со формирање на “Фонд за солидарност” за инвестиции во чиста енергија на посиромашните земји-членки од Источна Европа. Дури и Кинеските автократи обрнуваат внимание на овие движења и се припремаат во брз период да се преориентираат на обновливи извори на енергија од тековната стратегија каде што речиси секои 2 недели градат нова термоцентрала на јаглен за задоволување на своите потреби за електрична енергија. Изненадувачки за нас, но вистинит е случајот на Португалија која на 23 ноември 2008 година, пренесено од Фајненшл Тајмс, објави дека во рок од 3 години до 2011 ќе изгради национална мрежа за достава на електрична енергија за електрични автомобили со нулта-емисија со 1.300 нови електро-станици низ целата земја. Оваа мрежа ќе ја прави заедно со Рено и Нисан. Во истовреме, Португалија ги стимулира сите компании и возачи кои купуваат електрични возила со даночни олеснувања за регистрација и данок на приход и до 1000 евра. Сето тоа е оперативна егзекуција на големата стратегија на Португалија за производство на 60% од својата електрична енергија до 2020 година со помош на ветер, сонце, вода и други обновливи извори. На кратко, Америка, како што сите други очекуваат, почнува да го превзема лидерството во овие големи процеси, револуција ако сакате, но сите други земји во светот ќе следат и ќе пробаат да се адаптираат, или да станат што ‘позелени’ од другите земји. Разликата ќе биде во брзо менување на сфаќањата. Ќе победат, односно ќе креираат нови квалитетни работни места, оние земји и компании кои ќе ги ‘надзеленат’ своите конкуренти. ‘Outgreening’ е концепт кој го менува начинот на размислување на луѓето воопшто, повеќе отколку што го менува начинот на работење со енергијата, велат Дов Сидман и Ендрју Шапиро-менаџмент консултанти. Во Македонија, наспротив овие светски процеси, имаме година во која заклучно со 9 месеци, крајот на септември, според Заводот за статистика имаме увезено 220 милиони евра на електрична енергија, наспротив 70 милиони за истиот период во 2007-ма(К’ј се парете?). Минатиот викенд, имавме криза со недостаток на дизел гориво. Имаме и проблеми во самата мрежа каде што одредени градови(
Тетово
), изминатите недели, остануваа без струја во подолг период во денот. Македонија не може да си дозволи да биде надвор од светските процеси. Електричата енергија е основа за подобар квалитет на живеење, бидејќи без нејзе човек не може да има ни мобилен, ни компјутер, ни едукација. Секоја паметна држава го става ова прашање на прво место. Нашиот основен проект за решавање на кризата со електрична енергија е изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште. Тендерот за нивно спроведување во реалност се поништи на 3 декември, а со тоа се губи скапоцено време кое ние неможеме да си го дозволиме. Седат на страна и проектите за мали хидроцентрали, Бошков мост, и сл. Ние како мала и адолесцентна нација, многу сакаме да бидеме дел од светот, па така се радуваме кога се приклучуваме на светските еко-трендови од минатиот век од типот „Ден на дрвото”. Но, ако веќе сакаш да бидеш дел од револуцијата, тогаш троши ги моите даночни пари на воспоставување целосна независност на генерирање на електрична енергија, и второ приклучи ја Македонија на тековните глобални иницијативи, согласно можностите, во делот на хидро и соларна енергија, како и во конзервацијата на енергијата.

No comments: