Tuesday, February 21, 2012

ТВ интервју со Вести 24

На 16.02.2012 дадов интевју за ТВ Прес 24

КОЛКУ ПАРИ МЕСЕЧНО, КОЛКАВ ПРОЦЕНТ МЕСЕЧНО ОД НАШИТЕ ПЛАТИ СЕ ОДВОЈУВААТ ЗА ПРИВАТНИТЕ ПЕНЗИСКИ ФОНДОВИ?
Од нашите плати на месечно ниво се издвојува 18% од целата плата за пензиски придонеси. Од тие пари точно 35% или 6,3% од целата плата оди на лична сметка во задолжителниот пензиски фонд. Во просек во фондот секој индивидуален член уплаќа 1582 денари секој месец.

ШТО ЗНАЧИ ОВОЈ ЛИСТ – ОВА E ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА СМЕТКА НА ЕДЕН КЛИЕНТ ВО ЕДЕН ПЕНЗИСКИ ФОНД – ШТО ЗНАЧИ ОВАА СУМА?
Вкупната сума во денари значи дека толку вкупно пари се акумулирани на лична пензиска сметка заклучно со последниот датум од извештајниот период.

ДАЛИ НИ ПРЕСМЕТУВАТЕ КАМАТА НА НАШИТЕ ПАРИ?
Да. Се пресметува нешто што се вика ПРИНОС, секој ден.

КОГА И ВО КОЈА ФОРМА ЌЕ БИДАТ ДОСТАПНИ ОВИЕ ПАРИ ЗА ОСИГУРЕНИЦИТЕ?
Парите ќе бидат достапни кога индивидуалниот член ќе исполни услов за старосна пензија согласно постечките законски прописи. Во тој период член ќе може да земе пензија од 2 извори: 1.Фондот за ПИОМ, 2.Индивидуална сметка во втор столб. Од ПИОМ, или првиот столб, пензијата ќе зависи од а.пензиска основа(просечна плата)и б.заменска стапка. Максимум може само 30%(минимум 11% што одговара на 15 години регистриран работен стаж) заменска стапка да се добие од нешто што се вика пензиска основа. Пензиска основа е просечната плата пресметана врз основа на сите плати во работниот век. Пензијата од прв столб ќе биде поголема ако имаш поголема плата и подолг работен век.
Вториот дел, или поголемиот дел на пензијата, е од штедењето во задолжителниот пензиски фонд. А ова може да се исплати преку програмирани повлекувања, ануитети, или комбинација.

ДОДЕКА ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ Е ЗАДОЛЖИТЕЛЕН, ТРЕТИОТ Е ДОБРОВОЛЕН? ШТО Е РАЗЛИКАТА?
Третиот пензиски столб-доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, овозможува придобивки за дополнително штедење. Основната цел е да обезбеди повеќе пари за пензија. Третиот столб дава даночни олеснувања, и принос на вложените средства, и со тие имате можност да си обезбедите добра заштеда. Секој индивидуалец и секоја фирма има можност доброволно, без никакви ограничувања или притисоци, да го користи.

РАСПОЛАГАТЕ СО НАШИТЕ ПАРИ, СО ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ – КАДЕ ГИ ВЛОЖУВАТЕ?
Инвестирањето на средствата се дефинира во посебни документи. Но, просто кажано во задолжителниот фонд средствата се 20% во странство во акции, 5% во домашни акции, 25% во депозити, 50% во државни обврзници.

КОИ СЕ ЗАКОНСКИТЕ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ВЛОЖУВАЊЕ?
Законот е доста стриктен и детален во овој поглед. Не може да се инвестира во: Недвижнини, инфраструктура, берзански добра(злато, сребро, житарици, итн.), ИПО, Фирми без рејтинг, држави без рејтинг, деривативи, и слично.

КОЛКУ И КАКО Е ЗАГАРАНТИРАНА БЕЗБЕДНОСТА НА ПАРИТЕ ВО ФОНДОВИТЕ?
Парите во фондовите се осигуруваат на повеќе начини. Јас ги викам Кинески ѕидови. Прво, принципот на инвестирање дефинирано во законот е врз основа на светото тројство: сигурност, ликвидност, диверзификација. За илустрација, не може да се инвестираат средствата во акции кои што се со сомнителен карактер, без рејтинг, без историја на постоење, во голема количина. Најголем дел од парите мора да бидат во сигурни инструменти како на пример државните обврзници на РМ(повеќе од 50%).
Второ, парите не се на сметка на фирмата туку на посебна сметка во т.н. Банка чувар на имот со посебна дозвола за таа работа од Народна банка. Секој ден, секој денар се порамнува на три места:КБ прво пензиско, Банка Чувар на имот(НЛБ Тутунска), и во МАПАС. Не може ниту еден налог за распределба на парите да помине ако не е согласно законот проверено од референти во Банката.
Трето, и во ситуација на голем стрес(пример: Војна), професионалците во КБпрво одговорни за инвестирање на парите можат да ги префрлат дел од парите во сигурни инвестиции на пример во Швајцарија. Сето тоа заедно, сметам дека го прави невозможно губењето на парите, што всушност се покажува по 6-годишна историја на постоење на фондовите. Во изминатите 6 години во Европа во финансискиот сектор имавме 2 супер-кризи од историски невиден размер, 2008 и 2011, а средствата во фондовите се во позитива.
Следно,постои минимум капитал(пр. 1,8 милиони Евра) за да работиш во овој бизнис во РМ, а исто така постои постојана контрола на институциите на пензискиот систем и високи казни предвидени за незаконско работење.

ШТО ДОКОЛКУ НЕКОЈ ПЕНЗИСКИ ФОНД БАНКРОТИРА?
Ако мислите на задолжителните и доброволните пензиски фондови во РМ, мое мислење е дека тоа не е можно. Начинот на работа на пензиските фондови е поставен во Законот. Законот е стриктен и поставува кинески ѕидови околу парите. Постојат строго дефинирани правила за инвестирање на парите. Можно е да се заработи оваков или онаков принос, да се заработат онолку или оволку денари, но да се банкротира е невозможно.

Thursday, February 2, 2012

Управувањето на Друштвото со КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд-Скопје

На 01.02.2012, ја истакнав оваа оценка на 2011 година во однос на управувањето на КБ Прво пензиско друштво АД-Скопје со КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд-Скопје. Јас, како прв човек на Друштвото, кое е лидер на пазарот и управува со огромен број на лични средства на нашите граѓани, сметам дека е потребно да се даде краток осврт на нашата работа во 2011 година.

“Истече шестата година од поставувањето на реформираниот пензиски систем во Република Македонија со почеток на првите уплати во системот во 2006 година. За овој период, сметководствената единица на задолжителниот фонд (КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд-Скопје) како основно мерило за успехот на фондот порасна од 100,00000 на 31.01.2006 до износ од 130,697013 на 31.12.2011. Дополнително, во изминатиот период надоместоците од придонеси се преполовија, од 8,5% на почеток во 2006-та година, до 4,0% денеска. Намалувањето на провизите директно и позитивно влијае врз заштедите на секој иден корисник на пензија од вториот столб. Во исто време, целта на пензискиот фонд дефинирана во нашите акти е приносот на годишно ниво да биде за 2 процентни поени поголем од просечната годишна инфлација. Тука сме подобри од реперот. Инфлацијата во просек за последните 3 години изнесува 1,57%, додека приносот во просек на годишно ниво за последните 3 години изнесува 6,86%.

Во 2011 година бевме сведоци на големи економски турбуленции како во светот така и во Македонија. Економската криза се врати на голема врата во Европа. Република Македонија не може да биде имуна на тој процес земајќи во предвид дека земјата е целосно евроизирана. Кризата со државниот долг на земјите од евро-зоната, особено во втората половина на годината, предизвика негативно влијание. Како резултат на тој процес, речиси сите хартии од вредност, без разлика дали се сопственички (акции) или должнички(обврзници), претрпеа намалување на цената. Сепак, конзервативниот концепт на поставување на ивестициите во фондот врз база на светата тројка (ликвидност, диверзификација и сигурност) доведоа до зачувување на вредноста на капиталот (‘return of capital’ наспроти ‘return on capital’). Исто така, можеме да издвоиме дека во 2011 година капитулираше основниот финансиски концепт на без-ризични и сигурни инвестиции во државни хартии од вредност во земји со А кредитен рејтинг (пр. Грција, Португлаија, Ирска, Италија, Шпанија).
Натаму, финансискиот свет како таков нема да биде ист!

Статистиката настрана, резултатот и работењето на Друптвото ставен во контекст на периодот на опасно живеење од 2008 година наваму, илустратитвно изразен преку маестралниот пад на акциите на берзите во целиот свет, потврдува дека треба да сме умерени оптимисти. Умерениот оптимизам за во иднина се должи на процесот на диверзифицирање на портфолиото на инвестиции на фондот во повеќе столбови на сигурност. Така, од фокусот на само домашни должнички хартии од вредност, активата на фондот веќе надминува 20% во инвестиции во акции (дома и во странство), за разлика од 2009 година кога износот беше помалку од 5%. Сигурноста на обврзниците е надополнета со можноста за заработка преку вкупниот принос (дивиденда плус капитални добивки) на акциите. Дополнително, во текот на годината фондот постигна зголемена географска и рочна дисперзија на вложувањата заради намалување на ранливоста на портфолиото на криза на поединечни пазари (вклучувајќи ја и Република Македонија).

Каде ќе оди економијата на РМ, САД, ЕУ, Кина или останатиот свет во кратка иднина? Никој со сигурност не може да одговори на ова прашање. Ризиците се тука, и ќе останат. Но, задолжителниот пензиски систем во Република Македонија има неколку предности во ваква ситуација на теренот. Прво, долгорочниот карактер на обврските кон членовите, идни корисници на пензија, дава флексибилност во инвестирањето и можност за користење на кризата во одредени моменти на пазарите за капитал. Старата максима, ‘купувај кога сите се плашат’ ќе го држи тестот на времето. Второ, тековната стабилност на финансискиот пазар во Република Македонија овозможува среднорочна заработка на приноси од домашни финансиски инструменти со фиксен принос (над 75% од вредноста на целиот фонд) над просекот во споредба со приносот на оние во голем дел од светот, и со вкалкулирање на разумен ризик. Трето, шест години на штедење се само 15% од просечниот работен век на еден граѓанин, и главните уплати предстојат и со надеж во многу подобри економски услови. Во светот на пензиски системи како што е македонскиот, Чиле и Перу се земји кои што во литературата се даваат како пример за успешност. Тој успех, во најголема мерка се должи на историјата на континуитет на значителен просечен годишен пораст на БДП на тие земји. Со надеж дека економијата на Република Македонија ќе ја достигне таа траекторија во иднина!
Нашата задача останува да бидеме лидер и да се стремиме со голем напор да обезбедиме на Македонските граѓани повеќе пари за во пензија. Јас ви ветувам дека тимот на КБ Прво безрезервно ќе продолжи да ги бара сите разумни можности за да го зголемиме приносот на пензискиот фонд со превземање на прифатлив ризик преку светски докажани техники.Искрено, Јанко Тренкоски, Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.”


за повеќе информации:
http://www.mapas.gov.mk/
http://www.kbprvo.com.mk

Thursday, January 26, 2012

Закон за исплата на пензии

На 23-ти јануари, пред 3 дена, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за исплата на пензии од реформираниот пензиски систем. Овој Закон е базиран на искуствата на Чиле и спроведен врз основа на консултантска работа на 2-ца чилеанци, Гилермo Мартинез и Аугустo Иглесијас, во координација со Министерството за Труд и МАПАС во текот на 2010 и 2011 година.

Така, за прв пат во Македонија се поставуваат условите и дефинициите за нови производи во осигурителниот бизнис, но не толку нови во светот. Станува збор за т.н. ануитети, или по дефиниција на законот: ануитет е вид на исплата на пензија или пензиски надоместок кој се исплатува месечно од друштво за осигурување на корисникот на пензија. На пример, во САД во 1912 година е исплатен првиот ануитет, но индустријата за ануитети во САД заживува со носење на законите за потикнување на штедењето за пензија од Новиот Дил на Франклин Д. Рузвелт. Со текот на годините ануитетите од едноставни стануваат и посложени. Варијабилниот ануитет, кој постои и во нашиот закон, е различен од Доживотниот ануитет.

Како ќе се развива овој тип на производи на нашиот пазар во иднина?
Дали може да се постигне економија на обем за да се даде добра понуда?

to be continued...

Friday, January 20, 2012

IPO треска во Македонија - Дали ТОБАКО е првото т.н. IPO?

Во јануари 2012 година во јавноста во Република Македонија се појави известување во Службен Весник од Комисија за хартии од вредност(КХВ) дека е дадено одобрување за првата т.н. јавна понуда во историјата на Републиката. Се работи за ТОБАКО АД.
Во среда 18-ти јануари е објавена Јавната понуда за запишување на акции на сајтот на Македонска Берза. Истата информација е објавена во Дневник како комерцијален оглас од страна на Друштвото овие денови. За што станува збор?
Дали ова е долго-очекуваниот почеток на новиот бран на развој на Македонската берза?
За Тобако АД не знам многу, освен што сум влегол во продавницата на влезот на Зоолошка градина. Од време на време, во од, забележав на англиските термини налепени на киосците низ Републиката со кои инсистира да се брендира оваа компанија. Од друга страна, гледам дека во јавноста се објавија квалитетни и транспарентни информации за финансиското работење на Друштвото. Празник за очите на секој инвестициски аналитичар. Оваа можност, по молкот на дведецениската транзиција, дефинитивно треба да се одбележи со мое повторно враќање на пишаниот збор. Voila.
Пред се, треба да се симне капа на сите луѓе вклучени во процесот на изработка на пакетот на извештаји за лансирање на првото македонско "IPO". Секоја чест. Развојниот план на Друштвото од прва рака изгледа доста агресивен и динамичен. Значително очекување за зголемување на продажбата, профитот, и бизнисот, е добредојдено за секој инвеститор. Но, што е со минатото? Како се развивало Друштвото во минатиот период? Колкав е ризикот за инвестирање?
Прво, се забележува пад на продажба во првите 6 месеци од 2011 во споредба со 2010. Лош знак. Дополнително, загубата и задолжувањето на фирмата се огромни кога ќе се споредат со капиталот. Трето, проценката на вредноста на брендот како главна инвестиција и капитал на Друштвото во висина од над 3 милиони евра е наивна работа. Се граничи на непристоен предлог.
Хммм, "Something is rotten in the State of Denmark". Финансиските извештаји наведуваат дека парите од јавната понуда наместо во развој на целиот коцепт ќе завршат кај кредиторите. Како тогаш загубата ќе се претвори во добивка? На денешни цени, Скопски Пазар АД со целиот свој бизнис, капитал, добивка, вреди околку 5,5 милиони евра. ТОБАКО АД по јавната понуда со цени од 10 евра по акција би требало да вреди околу 5,5 милиони евра. Мојот избор, согласно мојот апетит за ризик е инвестиција во Скопски Пазар АД.
За среќа некои локални инвеститори се софистицирани и можат да препознаат добра понуда. Им завидувам на храброста.
Интересно е да се забележи дека во изминатиот период во САД, и покрај кризата, излегоа низа јавни понуди за фирми како: Зинга(креаторот на забава за мноштво наши граѓани-Farmville, Facebook Poker, и сл.), Мајкл Корс(мода), Групон(купони преку мејл), ЛинкедИн(социјална мрежа), и во очекување на Фејсбук. Кај нас, освен ТОБАКО, добивам информации дека и ЕУРОХАУС(брокерска куќа)има спроведено втора јавна понуда. Споредете ги амбициите и бизнис плановите на тие компании со нашите, преку анализа на Проспектите!
Сепак, за каква-таква држава дефинитивно е чекор напред да имаме какво-такво прво т.н. IPO.
Со лесно!

Sunday, September 19, 2010

Интересни изјави

"If you notice a drunkard drowning, you get your butt dirty and try to save him; there is no moral hazard there. Similarly, the reasoning went as so when JPM got involved to save Bear Sterns." Jamie Dimon CEO of JPM Chase.

"Throw some sphagetti on the wall and see what sticks". - Chinese working on clean-tech industries.

Sunday, August 29, 2010

Триглав 2010



Во Словенија често пати ќе слушнеш со доза на сериозност: Ако не си бил на Триглав, не си прав Словенец! Си велам, дај да ја тестираме оваа хипотеза. Дали е тоа така? По втор пат во животот, ова лето 2010-та, организиравме експедиција да го освојуваме Триглав. Борис, мојот колега од Словенија, од Крањ, се зафати да и стави ред на нашата мисија-да се стапне не врвот на симболот на Словенија-Триглав. Во прво време имавме 7 пријавени колеги, но со тек на време заради објективни причини, нашиот тим се сведе на мене, Борис и Филип. Го проверувавме времето. Борис одлучи дека не треба да се тргне во среда заради дожд, туку во четврток кога се очекува сончев ден. Најголем непријател на Триглав се "стрелитe", или громови на македонски.
Зора е, четврток 26-ти август. Борис пристигна во Сити Хотелот во центарот на Љубљана во точно 5 часот наутро. Јас неможев да заспијам во пресрет на денот-Д. Лош кревет, тесна соба, ладна клима, тешка перница, или едноставно возбуда, нервоза во очи на свесното влегување во опасност.
Зошто луѓето ги качуваат планините?
Има повеќе одговори. Затоа што планините се таму, ќе каже еден Џорџ Малори-еден од првите луѓе што покренале експедиции на Монт Еверест. Затоа што сакаме да почувстуваме постигнување на цел, да стигнеш до таму, инспирација, духовно прочистување, аспирација, адреналин, спој со природата, или да избегаш од реалноста. Јас би одговорил за да бидеме поблиску до севишниот, нешто како верувањето на Инките во Перу. Бев во Перу во април 2010, на изгубениот град Мачу Пичу-изграден на врвот на еден планински венец и се запознав со таа филозофија.
Застанавме попат, на Петрол станица за да земеме вода и сендвичи. Филип ќе каже толку многу коли на автопат не може да се видат во Македонија, илустрација на нашиот понизок стандард. Борис надополнува дека луѓето веќе ги завршуваат годишните одмори и се прибираат дома. Се напив кафе. Продолживме кон долината Врата, на излез од Јесенице преку Мојстрана. Триглавскиот национален парк се простира низ неколку долини и на самиот врв може да се пристапи од повеќе страни. Ние одиме кон северната страна која е стрмна и без изложеност на многу сончеви зраци. Размислувам и за јужната страна. Велат дека приодот од Бохињ дава најдобар поглед кон Триглавскиот масив. Од таму, всушност, и може да се забележат трите глави, а патот води кон ланец на мали езера се до планинарскиот дом Планика, под врвот. На нешто над 1000 метри се наоѓа нашата прва дестинација, планинарскиот дом-Аљaжев дом. Аљaж е основоположник на традицијата на љубов кон Горите(планини на словенски јазик). Точно пред една година, 2009 година, кога прв пат пристапував кон врвот, безуспешно за жал, одбравме да преспиеме во овој дом за свежина и да се фати денот.
Се паркиравме во 6.45 часот. Секој се припремаше со редовната процедура. Ранец наполнет со минимум облека(гаќи, пар маици, ветровка, монтка, ствари со долги ракави), вода, енергетски Изостар оброци, 2 сендвичи, наочари за сонце, влажни марамчиња, пешкир. Филип и Јас ги ставивме и толку потребните ракавици без прсти и пластичен шлем за заштита од одрони. Тргнавме преку Праг. Праг и Томиншков пат се 2 пристапи до планинарскиот дом Кредарица, последната станица пред врвот, преку северната страна. Има уште еден пат кој оди преку другиот гребен и близу до Шкрлатица-вториот највисок врв во Словенија и познат кај народот како жената на Триглав. Од друга страна, Томиншков пат е нешто поразличен и планиравме преку него да се вратиме назад до колата, следниот ден. На местото каде што се раздвојуваат двата пата, се наоѓа огромен спомен клин како симбол на овој спорт. Истотака, симпатични црвени железни патокази одбележуваат со бели букви дека се потребни 6 часа до врвот. Продолжуваме со благо качување, на бел ситен камен, непосредно до потокот со вода со прозирно небесен сјај, упатени право кон крајот на долината и директно под самиот врв. Јас не можев да ги видам трите глави од Врата и затоа често пати се запрашував од каде токму тоа име-Триглав? Далеку нагоре, како нерамнини од добро растопена висока и дебела свеќа, во каменот гледав само точка врв со масивна препрека, стрмна грбка како од камила, и самиот гребен од врвот. Се движевме во благо искачување се до крајот на долгата и тесна долина. Пред нас гордо стои масивната планина, камена, стрмна стена без многу вегетација. Рај за дивите кози, а предизвик за човекот.


Словенците ги сакаат планините. Тоа е нивниот херитиџ(богатство). Велат дека само во Словенија се така добро одбележени сите патеки, подобро од Австрија и Швајцарија. Ги бараме црвените кругови со точка во центарот-булс ај, на секои педесетина метри за да сме сигурни дека го имаме правиот пат. Црвените ознаки се со боја и нанесени на самиот камен, карпа или некогаш одрони во текот на целата дистанца. Се движиме брзо, го знаеме патот од минатата година. Го одминуваме зелениот појас трева и оскудни дрва. Стрмнината се зголемува и навлегуваме во самиот камен. На секои триесетина минути земаме одмор за голтка вода, дел од сендвич, или енергетски залак Изостар. Се бодриме. Борис е решен да не води до целта. Тој е нетипичен Словенец. Голем но не многу висок, искрен, со големо срце и љубов во него. Филип истотака верува во нашиот успех, лицето му е свежо а очите со сјај на самодоверба.
Стигнавме и до клиновите. Набргу се појави и првата спомен плоча, ин мемориам, за почината млада 19 годишна девојка пред десетици години. Даваме должен респект и се потсетуваме дека момент на непретпазливост не дели од фатална несреќа. Срцето чука побрзо, адреналин е зборот што се повторува. Воглавно на планината постојат две фатални опасности. Една е од губење концентрација додека ги искачуваш вертикалните потези од пет до дваесетина метри преку клинови и сајли, а втората е од одрони. Ние бевме со добар фокус, физички спремни, и покрај мојот страв од висина, без големи проблеми околу освојување на најстрмните делови. Борис повторуваше дека е добро што немаме премногу луѓе пред нас и затоа веројатноста од одрони беше значително намалена. Памтам минатата година, во текот на качувањето на само неколку метра од нас профуја како хаубица еден камен поттурнат од екипата триесетина минути пред нас во вијугите на планината на некои петсто метри воздушно растојание. Тоа беше сериозен потсетник дека не сме дојдени на излет.
Во цик-цак движење, низ целосно камен предел, како гасеница одиме кон највисокиот дел на овој гребен во правец кон Кредарица. Веќе сме на 1700 метри и пресретнуваме млада девојка, околу дваесет години, и постар маж. Во одпоздравувањето гледаме дека се од Хрватска. Она е прв пат на планината, додека тој потенцира дека пред многу години го поминал сето ова. Некако те храбри кога гледаш дека и овие луѓе, далеку физички понеспремни од нас, се качуваат кон истата цел. Доаѓаме до главната пречка по патот Праг. Тоа е над десет метри вертикала која треба да се искачи преку веќе забиени клинови и во одредени делови поставена метална сајла. Убаво е да се знае дека Словенечките планинарски друштва имаат поставено безбедни клинови и сајли на сите најкритични места низ текот на целиот пат до врвот. Во еден здив го поминуваме овој дел. Адреналинот е интересна работа. Во борбата сам со себе и надминување на стравот од пад, срцето интензивно забрзува, нагло ожеднуваш, а капацитетот на сите чула како да се дуплира. Тоа е природа, и оној животински инстинкт кај луѓето.
Веќе сме над 2000 метри, одминати се сите стрмини, и пред нас во далечина се исправува врвот. Бела карпа, малку снег, многу одрони, дразби, без било какво растение, го одсликуваат овој дел. Тука речиси сите прават заслужен одмор, и се пресретнавме со пар од Вроцлав, Полска, и неколку групи на млади Словенци. Изминати се активни четири саати а на половина саат е Кредарица.
Кредарица е планинарски дом на 2.500 метри надморска висина. Изграден во 19 век, а целосно обновен пред десет години со донации од сите главни Словенечло фирми. Тука има многу историја и голем дел од неа е изложена со слики и текст на секој можен ѕид и простор внатре во куќата. Планираме да закрепнеме еден саат, а потоа во еден часот попладне да го качуваме и последниот најстрмен гол дел до врвот. Две глави на Триглав се изложени како на дланка пред нас. Врвулица на планинари, понекоја чорба, многу пиво, сонце, дрвени маси поставени надвор, енергија, спокој, задоволство.
Стравот од висина е нешто со што се борам во овој момент. Секогаш кога ќе се качам на се што е над 5 кат, ми предизвикува чувство на зашеметеност во главата, грч во стомакот, омалаксаност на нозете. Како ќе успејам да го совладам овој предизвик? Потребен е еден саат да се стигне до врвот. Ги гледам групите што одат, а и оние што се враќаат. Се прашувам дали сум единствениот со ова тешко чувство. На толку народ, не е можно! Борис вели дека кога си зариен горе во каменот и не е толку страшно. Се сомневам.
Тргнавме. Одлучив да ги бројам сите чекори, но и оние со рацете, за да се придржувам на основното правило во искачувањето на стрмни карпи-во еден момент не смее повеќе од еден од четири екстремитети да биде слободен. Исто така, имав стратегија да размислувам во кратки дистанци без да ме интересира уште колку такви висини има пред нас до целта. Правев психички одмор по секоја измината кратка релација и се консултирав со Борис и Филип. Карпата ми стана како второ јас, ја чувстував во голите краеви на прстите. Во тој занес, приметив дека веќе сум на најстрмниот дел, или како што јас ја нареков-грбката на Триглав. Ако човек би погледнал кон северозапад од тој дел ќе види илјада и кусур метри чист пад. Не е за потценување. Гледам мемориална табла на погинат човек со датум 01.05.2010. Повторно страв.
Се наоѓаме на крајот од првата глава, и одиме по работ на планината. Убаво е чувството, низ хоризонтот се гледаат разни врвови од Алпите и Караванките. Сајлата е неизбежна, и дава сигурност. Се убедив сам во себе дека ако постои сигурна сајла, можам да бидам океј и на целосни вертикални качувања. Се разминуваме со многу луѓе. Млади, постари, жени, деца, странци. Во тие два и половина саати престој на последниот дел од планината пресретнавме над стотина планинари. Браво за Словенија.
Успеавме. Се искачивме на Триглав, симболот на Словенија. Во втор обид. Часот е еден и половина а ние сме на 2.864 метри. Многу сме жедни.

За чудо, гледаме млад дечко кој продава кока коли, ладни чаеви и пиво. Ги лади покриени со ќебе. Знаев дека сега ќе ја купиме најскапата кока-кола во нашиот живот, ама ќе го направиме тоа со задоволство. Цената е пет евра за лименка. Нека е. Во кусурот има педесет евро центи, со ликот на Триглав. Ќе ја зачувам таа монета како сувенир. Веднаш потоа, одиме до лимениот цилиндар, одбележје на врвот. Се сликаме со навијачки шал на Македонија. На шала, меѓу нас, почнуваме да го пееме првиот стих "Од Вардара па до Триглава". Не слушнаа двајца многу расположени Словенци. Не зезаа дека како секој добар Македонец не сме понеле ракија за да прославиме. Тие имаа вино со себе. Почнаа да пејат. Во еден момент препознавме дека ја пејат Болен ми лежи Миле Попјорданов. Неверојатно. Ја знаеа цела песна до последен збор, а пееја како професионалци. Подоцна ќе дознаеме дека се викаат Макс, фармер, и Боштјан, информатичар, над дваесет пати на врвот на Триглав, а за хоби имале квартет што изведувал хорски фолк песни. Пристигна група од дестина планинари. Веднаш се преслекоа и ставија маици со натпис-"Триглав 2010". Пристапија кон лимениот цилиндер и највозрасниот член се спреми за почеток на церемонијата на иницијација во клубот-освојувачи на Триглав. Секој што за прв пат стапнал на врвот, треба да добие три симболични камшикувања. Нормално, Филип и Јас се придруживме на групата. Воздишки, сликање, вртење на мобилен, понекој смс, восхит од погледот во далечина, вино со новите пријатели, среќа.
Симнувањето надолу во тој горен дел на планината одеше полесно. Веројатно веќе бевме изморени од стресот. Најголем проблем претставуваше разминувањето со планинарите што одеа во спротивен правец. Постојат правила на горско однесување. Тој што се симнува има предност, а редовно се поздравувавме со дан, сретно, живио, добар дан, здраво, и рокенрол.

Моќно е дружењето во вакви ситуации. Јо пјенсо позитиво порке сон виво, порке сон виво, ќе каже Џованоти. Температурата падна на десетина степени, внатре во домот се наполни со луѓе. Јадевме Крањска колбасица, чорба, купус, и кришка леб. Дојде ноќ и насекаде се пие пиво, вино, и понекој сок. Сите се со позитивна енергија. Седнавме до нашите нови пријатели, и некој брачен пар од Нирнберг. На соседната маса свиреше армонка во полка стил во еден маратонски настап од речиси два саати со кратки паузи. Во позадина на ТВ се следеше натпреварот Марибор-Палермо за пласман во натпреварот по групи на Лигата на Европа. Го пиевме новото пиво на Унион-Радлер со вкус на грејпфрут, вино, а потоа и Лашко светло. Преспавме со многу впечатоци во тесна соба со два кревети на спрат.
Симнувањето почна во петок 27-ми август во осум часот наутро со едночасовен од до Планинарскиот дом Станич. Таму доручкувавме јајца на око и чај. Одлучивме да се враќаме по потешкиот пат, Томиншков. Повторно клинови, сајли, карпа, стрес. Убави воздишки, чист воздух, и прекрасен амбиент. Ние сме таму далеку горе дел од гребенот. Овој пат е страшно тесен и со многу препреки. Времето се влоши и почна да дува. Нозете почнаа страшно да болат. Не е крајот крај додека пее оперската певица, велат американците. Ни требаше три часа да дојдеме до автомобилот, со почеток од Станичевиот дом. Стигнавме. Мисијата е извршена. Го освоивме Триглав.

Sunday, May 2, 2010

Peru visit april 2010

Неколку работи специфични за Перу:

- El Commercio дневен весник што го читав во Лима, Перу
- Mario Vargas Llosa - Conversacion en La Catedral - Најпознат писател од Перу со најчитаниот роман
- Cebiche
- Pisco Sour
- Chicha Morada
- Coca Tea
- One kiss for the lady on the cheek
- Claudio Pizarro
- AFP's
- Walter Bayly Llona from Banco Credito del Peru
- Larcomar
- Miraflores
- Salsa
- Ricardo Montaner
- Cusco
- Machu Picchu
- Sacred Valley
- Pachacamac
- San Martin
- Bolivar
- Alan Garcia
- Keika
- Rimac
- Nuevos Soles
- Growth of GDP
- Bembos
- Inkas
- No rain in Lima
- Security fences on houses
- Cleanliness
- Running in Lima
- San Isidro
-