Thursday, February 2, 2012

Управувањето на Друштвото со КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд-Скопје

На 01.02.2012, ја истакнав оваа оценка на 2011 година во однос на управувањето на КБ Прво пензиско друштво АД-Скопје со КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд-Скопје. Јас, како прв човек на Друштвото, кое е лидер на пазарот и управува со огромен број на лични средства на нашите граѓани, сметам дека е потребно да се даде краток осврт на нашата работа во 2011 година.

“Истече шестата година од поставувањето на реформираниот пензиски систем во Република Македонија со почеток на првите уплати во системот во 2006 година. За овој период, сметководствената единица на задолжителниот фонд (КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд-Скопје) како основно мерило за успехот на фондот порасна од 100,00000 на 31.01.2006 до износ од 130,697013 на 31.12.2011. Дополнително, во изминатиот период надоместоците од придонеси се преполовија, од 8,5% на почеток во 2006-та година, до 4,0% денеска. Намалувањето на провизите директно и позитивно влијае врз заштедите на секој иден корисник на пензија од вториот столб. Во исто време, целта на пензискиот фонд дефинирана во нашите акти е приносот на годишно ниво да биде за 2 процентни поени поголем од просечната годишна инфлација. Тука сме подобри од реперот. Инфлацијата во просек за последните 3 години изнесува 1,57%, додека приносот во просек на годишно ниво за последните 3 години изнесува 6,86%.

Во 2011 година бевме сведоци на големи економски турбуленции како во светот така и во Македонија. Економската криза се врати на голема врата во Европа. Република Македонија не може да биде имуна на тој процес земајќи во предвид дека земјата е целосно евроизирана. Кризата со државниот долг на земјите од евро-зоната, особено во втората половина на годината, предизвика негативно влијание. Како резултат на тој процес, речиси сите хартии од вредност, без разлика дали се сопственички (акции) или должнички(обврзници), претрпеа намалување на цената. Сепак, конзервативниот концепт на поставување на ивестициите во фондот врз база на светата тројка (ликвидност, диверзификација и сигурност) доведоа до зачувување на вредноста на капиталот (‘return of capital’ наспроти ‘return on capital’). Исто така, можеме да издвоиме дека во 2011 година капитулираше основниот финансиски концепт на без-ризични и сигурни инвестиции во државни хартии од вредност во земји со А кредитен рејтинг (пр. Грција, Португлаија, Ирска, Италија, Шпанија).
Натаму, финансискиот свет како таков нема да биде ист!

Статистиката настрана, резултатот и работењето на Друптвото ставен во контекст на периодот на опасно живеење од 2008 година наваму, илустратитвно изразен преку маестралниот пад на акциите на берзите во целиот свет, потврдува дека треба да сме умерени оптимисти. Умерениот оптимизам за во иднина се должи на процесот на диверзифицирање на портфолиото на инвестиции на фондот во повеќе столбови на сигурност. Така, од фокусот на само домашни должнички хартии од вредност, активата на фондот веќе надминува 20% во инвестиции во акции (дома и во странство), за разлика од 2009 година кога износот беше помалку од 5%. Сигурноста на обврзниците е надополнета со можноста за заработка преку вкупниот принос (дивиденда плус капитални добивки) на акциите. Дополнително, во текот на годината фондот постигна зголемена географска и рочна дисперзија на вложувањата заради намалување на ранливоста на портфолиото на криза на поединечни пазари (вклучувајќи ја и Република Македонија).

Каде ќе оди економијата на РМ, САД, ЕУ, Кина или останатиот свет во кратка иднина? Никој со сигурност не може да одговори на ова прашање. Ризиците се тука, и ќе останат. Но, задолжителниот пензиски систем во Република Македонија има неколку предности во ваква ситуација на теренот. Прво, долгорочниот карактер на обврските кон членовите, идни корисници на пензија, дава флексибилност во инвестирањето и можност за користење на кризата во одредени моменти на пазарите за капитал. Старата максима, ‘купувај кога сите се плашат’ ќе го држи тестот на времето. Второ, тековната стабилност на финансискиот пазар во Република Македонија овозможува среднорочна заработка на приноси од домашни финансиски инструменти со фиксен принос (над 75% од вредноста на целиот фонд) над просекот во споредба со приносот на оние во голем дел од светот, и со вкалкулирање на разумен ризик. Трето, шест години на штедење се само 15% од просечниот работен век на еден граѓанин, и главните уплати предстојат и со надеж во многу подобри економски услови. Во светот на пензиски системи како што е македонскиот, Чиле и Перу се земји кои што во литературата се даваат како пример за успешност. Тој успех, во најголема мерка се должи на историјата на континуитет на значителен просечен годишен пораст на БДП на тие земји. Со надеж дека економијата на Република Македонија ќе ја достигне таа траекторија во иднина!
Нашата задача останува да бидеме лидер и да се стремиме со голем напор да обезбедиме на Македонските граѓани повеќе пари за во пензија. Јас ви ветувам дека тимот на КБ Прво безрезервно ќе продолжи да ги бара сите разумни можности за да го зголемиме приносот на пензискиот фонд со превземање на прифатлив ризик преку светски докажани техники.Искрено, Јанко Тренкоски, Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.”


за повеќе информации:
http://www.mapas.gov.mk/
http://www.kbprvo.com.mk

No comments: