Tuesday, February 21, 2012

ТВ интервју со Вести 24

На 16.02.2012 дадов интевју за ТВ Прес 24

КОЛКУ ПАРИ МЕСЕЧНО, КОЛКАВ ПРОЦЕНТ МЕСЕЧНО ОД НАШИТЕ ПЛАТИ СЕ ОДВОЈУВААТ ЗА ПРИВАТНИТЕ ПЕНЗИСКИ ФОНДОВИ?
Од нашите плати на месечно ниво се издвојува 18% од целата плата за пензиски придонеси. Од тие пари точно 35% или 6,3% од целата плата оди на лична сметка во задолжителниот пензиски фонд. Во просек во фондот секој индивидуален член уплаќа 1582 денари секој месец.

ШТО ЗНАЧИ ОВОЈ ЛИСТ – ОВА E ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА СМЕТКА НА ЕДЕН КЛИЕНТ ВО ЕДЕН ПЕНЗИСКИ ФОНД – ШТО ЗНАЧИ ОВАА СУМА?
Вкупната сума во денари значи дека толку вкупно пари се акумулирани на лична пензиска сметка заклучно со последниот датум од извештајниот период.

ДАЛИ НИ ПРЕСМЕТУВАТЕ КАМАТА НА НАШИТЕ ПАРИ?
Да. Се пресметува нешто што се вика ПРИНОС, секој ден.

КОГА И ВО КОЈА ФОРМА ЌЕ БИДАТ ДОСТАПНИ ОВИЕ ПАРИ ЗА ОСИГУРЕНИЦИТЕ?
Парите ќе бидат достапни кога индивидуалниот член ќе исполни услов за старосна пензија согласно постечките законски прописи. Во тој период член ќе може да земе пензија од 2 извори: 1.Фондот за ПИОМ, 2.Индивидуална сметка во втор столб. Од ПИОМ, или првиот столб, пензијата ќе зависи од а.пензиска основа(просечна плата)и б.заменска стапка. Максимум може само 30%(минимум 11% што одговара на 15 години регистриран работен стаж) заменска стапка да се добие од нешто што се вика пензиска основа. Пензиска основа е просечната плата пресметана врз основа на сите плати во работниот век. Пензијата од прв столб ќе биде поголема ако имаш поголема плата и подолг работен век.
Вториот дел, или поголемиот дел на пензијата, е од штедењето во задолжителниот пензиски фонд. А ова може да се исплати преку програмирани повлекувања, ануитети, или комбинација.

ДОДЕКА ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ Е ЗАДОЛЖИТЕЛЕН, ТРЕТИОТ Е ДОБРОВОЛЕН? ШТО Е РАЗЛИКАТА?
Третиот пензиски столб-доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, овозможува придобивки за дополнително штедење. Основната цел е да обезбеди повеќе пари за пензија. Третиот столб дава даночни олеснувања, и принос на вложените средства, и со тие имате можност да си обезбедите добра заштеда. Секој индивидуалец и секоја фирма има можност доброволно, без никакви ограничувања или притисоци, да го користи.

РАСПОЛАГАТЕ СО НАШИТЕ ПАРИ, СО ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ – КАДЕ ГИ ВЛОЖУВАТЕ?
Инвестирањето на средствата се дефинира во посебни документи. Но, просто кажано во задолжителниот фонд средствата се 20% во странство во акции, 5% во домашни акции, 25% во депозити, 50% во државни обврзници.

КОИ СЕ ЗАКОНСКИТЕ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ВЛОЖУВАЊЕ?
Законот е доста стриктен и детален во овој поглед. Не може да се инвестира во: Недвижнини, инфраструктура, берзански добра(злато, сребро, житарици, итн.), ИПО, Фирми без рејтинг, држави без рејтинг, деривативи, и слично.

КОЛКУ И КАКО Е ЗАГАРАНТИРАНА БЕЗБЕДНОСТА НА ПАРИТЕ ВО ФОНДОВИТЕ?
Парите во фондовите се осигуруваат на повеќе начини. Јас ги викам Кинески ѕидови. Прво, принципот на инвестирање дефинирано во законот е врз основа на светото тројство: сигурност, ликвидност, диверзификација. За илустрација, не може да се инвестираат средствата во акции кои што се со сомнителен карактер, без рејтинг, без историја на постоење, во голема количина. Најголем дел од парите мора да бидат во сигурни инструменти како на пример државните обврзници на РМ(повеќе од 50%).
Второ, парите не се на сметка на фирмата туку на посебна сметка во т.н. Банка чувар на имот со посебна дозвола за таа работа од Народна банка. Секој ден, секој денар се порамнува на три места:КБ прво пензиско, Банка Чувар на имот(НЛБ Тутунска), и во МАПАС. Не може ниту еден налог за распределба на парите да помине ако не е согласно законот проверено од референти во Банката.
Трето, и во ситуација на голем стрес(пример: Војна), професионалците во КБпрво одговорни за инвестирање на парите можат да ги префрлат дел од парите во сигурни инвестиции на пример во Швајцарија. Сето тоа заедно, сметам дека го прави невозможно губењето на парите, што всушност се покажува по 6-годишна историја на постоење на фондовите. Во изминатите 6 години во Европа во финансискиот сектор имавме 2 супер-кризи од историски невиден размер, 2008 и 2011, а средствата во фондовите се во позитива.
Следно,постои минимум капитал(пр. 1,8 милиони Евра) за да работиш во овој бизнис во РМ, а исто така постои постојана контрола на институциите на пензискиот систем и високи казни предвидени за незаконско работење.

ШТО ДОКОЛКУ НЕКОЈ ПЕНЗИСКИ ФОНД БАНКРОТИРА?
Ако мислите на задолжителните и доброволните пензиски фондови во РМ, мое мислење е дека тоа не е можно. Начинот на работа на пензиските фондови е поставен во Законот. Законот е стриктен и поставува кинески ѕидови околу парите. Постојат строго дефинирани правила за инвестирање на парите. Можно е да се заработи оваков или онаков принос, да се заработат онолку или оволку денари, но да се банкротира е невозможно.

1 comment:

Rasadnik Gojković said...

Postavite link Vašeg Bloga u besplatnu BLOG LISTU