Thursday, March 1, 2012

Каде да штедам за подобра пензија?

Интервју за Капитал од 22.2.2012

"Како граѓаните можат сами да си ја заработат сопствената пензија, односно како да се крене свеста кај луѓето да не се потпираат само на пензиите што ги очекуваат од државата.
Во однос на тоа, кои алтернативни начини на инвестирање за оваа намена се најсоосдветни според Вас? Дали можете да ни пренесете некое интересно искуство од друга држава?"


Факт е дека секој граѓанин на Република Македонија ќе има ниска пензија. Како пример секогаш го давам Јаким Ивановски, долгогодишниот директор на Стопанска Банка Битола АД, кој, легендата вели, уплаќал придонеси на максимална сума целиот свој работен век од 40+ години. Станува збор за многупати поголема уплата на основ пензиски придонес од просечната. Истиот, денеска зема месечна пензија од 34.000,00 денари. Е, ова е вистинска солидарност!

За среќа, во денешниот реформиран пензиски систем во РМ, има алтернатива. Така, конкретно за потребата на штедење пари за пензија, постојат т.н. индивидуални пензиски сметки(ИПС). Овој модел е 100% штедење без било каков вкус на осигурување. Дополнително, во РМ постои животното осигурување-штедење со вметнат елемент на осигурување. ИПС е атрактивен бидејќи има стимулација од државата преку даночни олеснувања(персоналниот данок не се плаќа на почеток од штедењето) и затоа е поатрактивно од штедење во депозити во банка или директно преку инвестициски фондови.

Во светот, пример во САД, многу популарни се т.н. IRA(Individual Retirement Accounts) и 401k(професионална пензиска сметка на вработен во Компанија, финансирана од Компанијата), нешто што и во Македонија е возможно. Во целиот развиен свет овие даночно помогнати начини на штедење се многу популарни. Тие се разликуваат од обичното штедење во банка, затоа што дел од парите се инвестираат на пазарите на капитал и како што кажав имаат даночни олеснувања.

Пензиските сметки настрана, во РМ најпопуларен начин за штедење е вложувањето во депозити(камата од 6-7%) и купување на некретнина(стан, деловен простор и сл.). Следно, без некој распоред е: пензиска сметка, животно осигурување, инвестициски фондови, вложување директно во акции или обврзници, злато, сребро, и сл.

No comments: