Friday, June 15, 2012

Финансиска репресија Дел 2

Денеска дознаваме дека Владата ќе се зајми од Дојче Банка со само 75, наместо најавените 250 милиони евра. Што се случи? Каков договор всушност прави Министерот за финансии во име на граѓаните?
Мојата претпоставка е дека одговорот на овие прашања го знаат највеќе онолку бирократи колку што има прсти на раката. 
Ако може да се претпостави дека Дојче Банка сакала да даде кредит од 70 милиони евра по камата од 6,8% а останатиот дел од кредитот да го "синдицира", или со уличен жаргон да го понуди на други банки за разводнување на ризикот на повеќе инвеститори; тогаш доаѓаме до заклучокот дека останатите инвеститори процениле дека висината на каматата по која сакаат да и дадат пари на Р. Македонија треба да е повисока од претходно најавената. 

Зошто преку ноќ поскапеа парите што може нашата држава да ги позајми? Што се случи?
Министерот во вешто спакуван отчет го даде образложението дека ситуацијата на пазарите на капитал во светот драматично се влошила како последица на состојбата на финансиите на Шпанија, Италија и сл. 
Но, човек секогаш треба да гледа пошироко. 
Како светските инвеститори гледаат како се движи кредитниот ризик на одредена држава? 
Одговорот на ова прашање е едноставен: се приклучуваат на терминалите на Блумберг или Томсон Ројтерс и проверуваат како се движи кривата на приноси на државните обврзници. Така, ако внимателно се погледне кривата на приноси на македонските евро-обврзници на овие терминали забележуваме пораст на ризикот, т.е. зголемување на каматата, од месец април па наваму. 

Реално, ситуацијата на пазарите во Шпанија и Италија дефинитивно има удел во овој тренд. Но, не треба да се заборави дека токму во месец април Владата усвои контраверзен предлог Закон за измена на начинот на инвестирање на средставата на пензиските фондови во странство. Со овој предлог дефакто Владата ги натера домашните пензиски фондови да почнат да размислуваат да продаваат од својата залиха на македонски евро-обврзници. Така, може да се шпекулира дека токму тој предлог Закон доведе до нарушување(влошување) на состојбата на ризикот на Р. Македонија на светските берзи, а со тоа и поскапување на нашето задолжување во странство.

Caveat Emptor!

No comments: