Wednesday, May 30, 2012

Фејсбук

Изјава за Дневник на 22.05.2012:

"Во пензиските фондови, исто така, велат дека имаат законски ограничувања да инвестираат во акциите на „Фејсбук“. Според првиот човек на „KБ прво пензиско друштво“, Јанко Тренкоски, компанијата во која сакаат да инвестираат мора да има кредитен рејтинг, што не е случај со многу од најдобрите компании, како и дека одредена хартија од вредност мора прво да котира пред да се вложи во неа. - Многу сме лимитирани во можноста да инвестираме во хартии од вредност во странство - вели Тренковски, но додава дека кога станува збор за акциите на „Фејсбук“, според негово мислење тие засега се преценети. Сепак, тој не исклучува можност да се инвестира и во овие акции доколку оценат дека нивната вредност е атрактивна, а тоа може да се случи посредно, откако оваа акција ќе влезе во индексот „Насдак 100“."

Поточно, Законот го вели следното:
Член 105 (Закон за ЗКФПО)
ј) акции издадени од странски компании или банки кои имаат рејтинг препорачлив за инвестирање според меѓународни кредитни рејтинг агенции, со кои се тргува на главните берзи во државите членки на ЕУ или на ОЕЦД;

Член 18(Правилник за инвестирање на ЗФ)
Средствата на задолжителниот пензиски фонд може да се инвестираат во акции од член 105 став (1) точка ј) од Законот, доколку:
а) Котираат на официјалниот пазар на берзите кои ги исполнуваат условите од член 6 од овој правилник;
б) Се издадени од компании регистрирани и со седиште во држава-членка на ЕУ или на ОЕЦД;
в) Компанијата издавач на акциите има пазарна капитализација од најмалку 500 милиони евра;
г) Кредитниот рејтинг (issuer rating) на компанијата издавач е “А-” или повисок рејтинг според Fitch Investor Service или Standard & Poor’s или “А3” или повисок според Moody’s; и
д) Државата на компанијата издавач на акциите има долгорочен кредитен рејтинг за надворешен долг во странска валута “А” или повисок рејтинг според Fitch Investor Service или Standard & Poor’s или “А2” или повисок според Moody’s.

Од горенаведеното може да се заклучи дека задолжителните пензиски фондови не можат законски да инвестираат во т.н. IPO емисии, како на пример Фејсбук во месец мај, 2012. Јас лично не се согласувам со тој став на законодавецот. Сметам дека кредитниот рејтинг на една компанија е врзан со нејзиното задолжување и нема никаква поврзаност со идниот развој на истата ниту пак со цената на акцијата. На пример, Apple и Google немаат кредитен рејтинг затоа што не побарале. Исто така, сметам дека можноста за инвестирање во IPO треба да се дозволи во рамки на Правилникот за инвестирање. На тој начин, товарот за носење на одлука за инвестирање во поединечни акции на компании во странство ќе се пренесе целосно врз професионалците за инвестирање вработени во пензиските фондови.

No comments: