Sunday, May 17, 2009

Колку долго може да останеме бонитетни?


На крајот на месец април, согласно мојот професионален ангажман, учествував на годишната конференција за инвестирање на ЦФА Институт од САД во Орландо, Флорида. Како и секоја година, овој настан ги изложи сите најнови размислувања за состојбата на светските економии и пазари на капитал. Ги упивавме идеите на релевантни предавачи од инвеститорскиот свет на академијата и праксата, на пример: Нуриел Рубини, Мајкл Мобусин, Мајкл Луис, Марвин Зонис, Андру Ло, Витни Тилсон, Расел Напие, и сл.. На почеток, обемот на светската криза на сите ни беше јасна кога разбравме дека бројот на учесници од 62 земји е преполовен во однос на минатата година. Суштински, во текот на таа недела се издвоија две линии на размислување за иднината на глобалната економија, една релативно црна и една донекаде розова. Црната варијанта ја доближи гуруто на тековната криза-т.н. „голема рецесија”, Нуриел Рубини професор од Њујорк Универзитетот. Тој смета дека рецесијата наместо на буквата В на латиница, како што очекуваат експертите, или пак У, ќе ја следи патеката на буквата Л-пролонгиран период од неколку години на стагнација или незабележителен раст во развиениот свет. Тој проектира дека во 2010 година САД ќе имаат незначителен економски раст од 0,5% во однос на размислувањето на консензусот на економисти во износ од 2%. Дополнително, Рубини смета дека ваквата ситуација ќе доведе до значителни проблеми во земјите во развој како на пример Кина, Источна Европа, Русија и Бразил. Кина има 25% намалување на извозот во однос на истиот период минатата година(Македонија има 43% намален извоз), и тоа води кон колапс на светската трговија. Во поблага варијанта, Мајкл Луис-авторот на неколку бест-селери во жанрот за финансии, со луцидни примери истакнува дека американските водечки финансиери се нашле во црна дупка без компас, со абсолутно незнаење, во однос на комплексноста на производите што нивните подредени луѓе ги продавале во понудата на нивните фирми, не само во Америка, туку и низ целиот свет. Имав чест накратко да позборувам со г-от Луис додека тој ставаше автограм на мојата копија на неговата нова книга „Паника - Приказна за модерната финансиска лудорија”. Ми кажа дека му е жал за сé, поврзано со кризата, што неговата земја ни стори на нас граѓаните на Југоисточна Европа! Пробав позитивно да го абсорбирам тој гест, и безмоќно одговорив: „Памти па врати”! Нејсе, низ спектрумот на размислувања, се надодаде Мајкл Мобусин, еден од 30-те најмоќни луѓе на Волстрит, кој издвои дека денеска во светот на финансиите мора да се земе во предвид и неперфектноста на човекот како таков. Тој вели: „Нашиот најголем проблем-сме ние самите”, затоа што, меѓудругото, „не ги вкалкулиравме сите ризици во веројатноста за очекуваните заработки”. Од аспект на розевата слика, Лиз Ан Сондерс од Шваб анализираше дека има индикации дека кризата е надмината, но со предзнак на внимание. Прво, пазарот на капитал изразен преку МСЦИ Глобалниот индекс има пораст од 34% од 9-ти март, дното на клучните берзански индекси на секаде во светот, до денеска. Второ, дури и конзервативниот Трише, главниот европски банкар, пред една недела изјави дека најлошото поминало. Трето, падот на потрошувачката на граѓаните во САД е стабилизиран. Четврто, масовниот фискален и монетарен стимул мора да излезе во некои од бројките. Петто, атрактивноста на цената на некретнините во САД е на историски високо ниво. Сите овие индикатори, заедно, покажуваат зрак на надеж. Крајно, јас го прифаќам мислењето дека светската економија концептуално треба да се адаптира за да ја прифати реалноста. Би ги истакнал Мартин Вулф од Фајненшл Тајмс и Мохамед Ел-Ериан од Пимко Инвестментс, како предводници на оваа линија на дебата. Реалноста покажува дека Америка и Британија нема да можат да продолжат да се задолжуваат за да може Кина, Јапонија и Германија да продолжат да извозуваат. Годишно, последните три земји во 2007 година правеа над 800 милијарди долари во суфицит на тековната сметка, за сметка на другите земји, највеќе на САД. Иако на сите земји во овој момент им тоне бродот, денеска, Американскиот потрошувач е задолжен до гуша, и ќе мора да штеди за да ги врати долговите. Во истовреме, Америка мора да го зголеми својот извоз со цел да оддржи макро стабилност на подолг рок, да го задржи статусот на добар домаќин и да има стабилна валута. Некој треба да ги купува тие производи. Кој? Кина, Јапонија и Германија, меѓудругите, велат Американците и Британците. Кинезите би сакале светот да се врати по старо. Тие заедно со Европјаните сметаат дека не се криви за кризата. Денеска, сите овие позиции се вртат во круг. Нема одговор на ова клучно прашање. А ние, ние би можеле да се поистоветиме со еден цитат од Кејнз кој вели: „Пазарите може и подолго да се ирационални, отколку што ти можеш да останеш бонитетен”.


footnote:
Процентот на потрошувачите во БДП на Кина во 2007 година е 35%, додека во САД е двојно повеќе или 70%. Втората страна на медаљата е дека Кинезите штедат и нивниот процент на Штедни влогови во однос на БДП е нешто над 50% во 2007.

Tuesday, April 21, 2009

Имаме акал за трка

Во светските медиумски кулоари денеска една од темите за јавна дискусија е поврзана со интелегенцијата-дали е наследена или пак може да се изделка во текот на развојот на еден човек? Актуелни се две книги, “Intelligence and How to Get It,” од Ричард Нисбет, професор на психологија на Универзитетот на Мичиген, и "Outlier" новиот бестселер на Малком Гладвел. Така, иако генералното толкување на интелегенцијата досега се објаснувала со генетика, се повеќе се говори за влијанието на семејството, околината, едукацијата и општеството на интелектуалните сопособности на луѓето. За илустрација, угледниот колумнист на Њујорк Тајмс, Николас Кристоф, го дава примерот на посвојување на сиромашни деца од страна на семејства во високата средна класа, и како ИК(коефициент на интелегенција) на децата расте за 12 до 18 поени, во зависност од истражувањето. Дополнително, тој цитира француско истражување кое покажува дека овие деца, од сиромашни семејства посвоени од родители со повисок статус во општеството, имаат ИК резултат и до 111. За разлика од нив, нивните браќа и сестри кои останале непосвоени имаат резултат од 95. Истотака, Нисбет, ја истакнува едукацијата на рани години како клуч за подобрување на перформансот во текот на животот. Корелацијата е видлива и реална. Колку повеќе се стимулира детето со интензивни програми за едукација во своите предшколски и рани школски години, толку повеќе тој човек понатаму во животот ќе биде спремен да се судри со реалноста на глобалната економија. Малком Гладвел во својата книга, истотака, дава нова светлина во однос на креацијата на успешни луѓе. Меѓудругото, тој презентира еден чуден тренд на зголемена успешност на спортисти кои во годините на развој биле повеќе стимулирани само затоа што биле родени во првиот квартал на годината. Така, во пионерските категории овие спортисти покажувале природно подобри резултати со оглед на тоа што биле физички поразвиени од оние родени во последниот квартал на годината. Но, со самиот факт што истите се исфорсирани од страна на околината како подобри, со повеќе внимание и дополнителни тренинзи, веќе во подоцнежните години како кадети или младинци нивните резултати драматично се подобри од оние на само нешто помладите конкуренти. Овој пример ме потсетува на моите искуства во пливањето во осумдесетите години кога во Македонија за прв пат масовно се развиваше овој спорт си отворањето на новиот базен Младост во Карпош. Настрана суперталентираните деца, секогаш во себе се лутев на оние пливачи само нешто постари од мене кои почесто влегуваа во екипата на пионери, над десет години, да се такмичат на југословенско ниво. Истите, мотивирани од патувањата ширум државата, понатаму, во само неколку години направија недостижна разлика помеѓу нашите резултати. На сличен начин може да се гледа и инвестицијата во развојот на децата. Со поголема доза на едукација и инвентивност на почетокот на едукативниот циклус, толку повеќе децата имаат капацитет да абсорбираат се повеќе нов материјал, и кога ќе се споредат со оние деца кои немале ваква поставеност на работите, веќе на адолесцентна возраст возот е толку избеган, што никогаш неможе да се достигне од страна на оние едукативно хендикепирани деца. Согласно тоа, во Македонија може да се констатира зачеток на еден перспективно многу моќен никулец. Забележувам позитивни ветришта во развојот на македонската младина. Интелектот на голем опсег на деца се стимулира преку широко распространет паралелен систем на едукација. Иако, училиштата и градинките се дотолчени и оставени на милост на буџетот, во Македонија, од Струмица, до Охрид, и Скопје, деца веќе од пет-шест години возраст, влегуваат во него. По училиште, во послепладневните часови интензивно со учи англиски, германски, кошарка, пливање, играорно, компјутери. Децата имаат мобилен, се допишуваат на скајп, а се шмекаат на фејсбук. Овие деца утре ќе бидат работната сила на страната на понудата. Македонија мора напорно да работи на страната на побарувачката, меѓудругото, и со доближување на овој тренд на потенцијалните странски инвеститори.

Monday, April 6, 2009

Реформи на реформите

Во изминатиот период имавме две големи реформи поврзани со начинот на исплаќање на платите, и тоа воведувањето на системот бруто-плата, и намалувањето на стапките на придонесите-за пензиско и здравствено осигурување. Иако е потребно време од неколку месеци за да легне целата реформа, и за да се прават веродостојни анализи, сепак, сведоци сме на почеток на дебатата поврзана за успехот на целиот проект. Така, Министерството за Финансии информираше дека наведените реформи се успешни, меѓудругото, со оглед на тоа што просечната месечна исплатена нето-плата за јануари 2009 година, во однос на декември 2008 година, е поголема за 13%(по мои анализи бројката е 8%, или зголемување од 17020 на 18426 денари). Тоа значи дека концептот на бруто-плата довел до вклучување на надоместоците за храна и превоз во бруто-платата кај најголем број на граѓаните. Супер, доколку е така! Мое мислење е дека концептот на бруто-плата е добар затоа што ја подобри ефикасноста на сметководствата во компаниите во однос на евидентирањето и исплатата на платите и придонесите, го намали исплаќањето на плати на црно, и ја зголеми контролата на даночните органи врз работењето на фирмите. Сето тоа е позитивно, и треба да се очекува дека ќе придонесе за зголемени уплати во социјалните фондови и зголемена продуктивност на компаниите, доколку се друго остане константно. Но, тезата дека вклучувањето на надоместоците за храна и превоз во бруто-платата е фактор за зголемување на нето платата во државата, ако се иземе државната администрација, е неточна. За илустрација, кај најзагорзените групи на работници, како на пример оние пријавени на минималец, евидентно е намалувањето на исплатените придонеси и за 40% во јануари 2009 во однос на декември 2008, што докажува дека позитивните ефекти изразени преку вклучувањето на храна и превоз во концептот на бруто-плата не ги зафаќа овие најголеми целни групи на вработени. Така, придонесот за ПИОМ на луѓето вработени на минималец, станува збор за десетици илјади работници во Република Македонија, во јануари 2009 година изнесува 2613 денари, а истиот во декември 2008 година изнесувал 3718 денари, разлика од над 40%. Ова е резултат на две работи, намалената најниска основица за пресметка на придонесите за ПИО (од 65%најниска нето месечна просечна плата на 50%од на најниска просечна бруто плата), и на намалените придонеси, заедно. Сега, прашањето е како овие реформи ќе влијаат врз висината и исплатата на пензиите за луѓето пријавени на минималец, но во истовреме, и членови на реформираниот пензиски систем? Повторно станува збор за десетици илјади луѓе. Згора на тоа, има десетици илјади други луѓе, со плати над просечната нето 18000 денари но не повеќе од четири просечни плати во износ од 73000 денари, кои видоа намалување на нивните уплати во приватниот пензиски фонд без разлика што храната и превозот влегоа во пресметките. Дополнително, во 2010 и 2011 се планира да се заокружи реформата за намалување на придонесите со што нашиот пазар за работна сила ќе може да се истакне како поконкурентен во однос на 2008 година од аспект на странски инвеститори, со пониски трошоци за социјални придонеси отколку во 2009 година. Сето тоа е добро од аспект на макро план-„големата слика”, за да се раздвижи нашата заспана економија. Но, негативен резултат на сите овие измени е целосна промена на очекувањето за висина на пензијата на голема група на луѓе-членови на приватните пензиски фондови. Со други зборови, за една голема целна група на граѓани сите оригинални пресметки на реформата за воведување на вториот столб паѓаат во вода. Ако би можеле ова да го споредиме со ситуацијата во Хрватска, каде што се дигна голема прашина поврзана со функционалноста на вториот пензиски столб само затоа што одредена група на нивни граѓани се пожалија кај Владата дека имаат помала пензија во компарација со пензијата од првиот столб, тогаш и во Македонија треба да се дигне истотолкава џева. Но, главната причина за недоволните износи за пензија не е светската криза и намалените приноси од инвестирањето на фондовите, туку воведувањето на реформи на реформите! Тоа како да се случува со секоја нова Влада без да се направи сеопфатна пресметка на очекуваните ефекти, и спроведување на соодветни измени. Крајно, во следниот период потребно е формирање на три-партитна (државата, синдикатите и приватниот сектор) комисија за синхронизирано испитување на сите оригинални претпоставки од реформата на пензискиот систем, вметнување на новите реформи поврзани со измените во износот на придонесите(Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување Сл.Весник 142), и изготвување на документ со предлог мерки за измени на тековните закони за да се постигне усогласување на претпоставките.

Monday, March 30, 2009

Македонија на Блумберг



На почетокот од месец март Македонската Берза излезе во јавноста со соопштение дека податоците од тргувањето со хартии од вредност на Македонската берза се достапни преку сервисот на Блумберг. За просечен човек или инвеститор оваа информација е сосема небитен шум во време на изборниот циркус. Сепак, “Македонија на Блумберг” е многу битен катализатор за развојот на домашната берза во иднина. Дури, може да се оди дотаму за да се прогласи овој чин за “светиот грал” за враќање на берзата од нок-даун. Во периодот на демократизација на финансиските пазари низ целиот свет, по падот на Берлинскиот ѕид од дведесетите години наваму, потребата за Блумберг сервисот експоненцијално расте. Мајк Блумберг, сегашниот градоначалник на Њу јорк, е основоположникот на овој сервис за дистрибуција на информации, податоци, вести, и анализи за сите финансиски инструменти и хартии од вредност од секое ќоше на светот. Ова е класична приказна за успех на една старт-ап команија; од идеја до светски бренд. Првата верзија на прочуената десктоп машина-терминал се појавува на пазарот во далечната 1984 година. Компанијата Блумберг, изнајмува терминали за пристап до сервисот, преку месечна рента, на над 250 илјади финансиски институции и професионалци низ светот, меѓудругото и на НЛБ Тутунска банка и Комерцијална банка во Македонија. Ова е неопходен сервис за институционалните инвеститори (фондови, осигурателни компании, банки) што се бават со пласман на пари на финансиските пазари (т.н. buy side), од една страна, и за сите оние што се задолжуваат (т.н. sell side), од друга. За прв пат се сретнав со прочуениот терминал за време на мојата работа во Мерил Линч во 1997 година. Тогаш, сите новодојдени млади вработени, како деца во слаткарница, се тепавме да дојдеме до пристап на само едната инсталирана верзија на машината за канцеларија од 300 луѓе. Нормално, како последни во хиерархијата, мораше да се чека до касно навечер за да може да се ужива во доживувањето наречено Блумберг. Понатаму, имав среќа во 2007 година, како учесник на 60-ет годишнината на ЦФА Институтот, да посетам специјален прием-коктел на дваесет и деветиот спрат од прекрасната многукатница и седиште на компанијата во Њу јорк. На тој начин и директно, од внатре, се запознав со моќта на Блумберг. Кругот се затвори во текот на 2008 година кога бев во тесна комуникација со бизнис пријател од големата холандска осигурателна куќа и асет менаџер-ИНГ. Господинот Хенк де Брујне од Холандија, ме извести преку е-маил порака дека нивната ќерка компанија, ИНГ-Друштво за управување на инвестициски фондови со седиште во Грција, сака да инвестира во рамки на нивниот Балкански Фонд во компании кои котираат на Македонската берза. ИНГ Инвест Балкан фонд инвестира во компании во Грција, Турција, Бугарија, Романија, Хрватска, Србија, Словенија и има статутарно одобрување за инвестирање во Македонија. Во рамки на нашата дискусија, крајно, излезе дека единствена пречка за реализација на нивните инвестиции беше, процедурална, но битна: „Македонија не е на Блумберг!”. Поаѓајки од фактот дека грчките инвеститори гледаат можности и во Македонија, по Букурешт, покажува дека во светот на инвестирањето политиката е најмал проблем. Но, неповрзаноста е! Во тој контекст, за пофалба е вложениот труд од страна на Македонска Берза АД да биде дел од Блумберг и да се зацврсти и оваа алка од поврзаниот синџир. Така, т.н. “електронско крдо”, што е опис за фондови и инвеститори од целиот свет кои вложуваат и влегуваат на пазарите со голема брзина, но со исто толкава динамика ги напуштаат истите, ќе може истотака да дејствува и во Македонија. Ние сме дел од инвеститорскиот свет, и на овој начин со помошта на анализите на Блумберг платформата, еден обичен граѓанин од Кина или Индија преку инвестициски фонд во локалната земја ќе може да инвестира во компании во Македонија за да дојде до разумен профит на долг рок. Крајно, Македонските компании и пазар ќе влезат во групата на земји од Пазарите на маргините (Frontier Markets) како посебна атрактивна група на пазари за инвестирање со надпросечна стапка на раст и развој. Во рамки на светскиот инвеститорски жаргон, Фронтиер маркетс е добра работа, и во таа номенклатура се Словенија и Хрватска покрај Бугарија, Романија, Естонија, Казакстан, Украина, земјите од Блискиот исток, некои пазари во Африка, Виетнам и Шри ланка. Овие земји имаат развиен Пазар на капитал, брзо-растечки компании, интерес кај странските институционални инвеститори, но и информација за нив на Блумберг.

Monday, March 16, 2009

Соларна Република


Минатиот викенд помина со уште една акција за садење на дрва. Ако ги следиме рекламите во некои од дневните весници за како акцијата „Ден на дрвото” епидемиски се распространува ширум светот човек ќе си каже дека навистина сме го изоделе патот. Но, сепак, светот ниту почнува ниту завршува во нашата република. Денеска, светските сили, иако во големи економски тешкотии, почнуваат една нова трка за превласт, слична на трката за освојување на вселената и носење на човек на месечината, помеѓу САД и СССР, за време на Студената војна во шеесетите години од минатиот век. Оваа најнова трка е за фаќање на приклучок, пред се, но и и за евентуална доминација во новата голема индустрија - градење на ‘чисти енергетски системи’, кованица на Том Фридман - колумнист и автор од Њу јорк тајмс. За да се потврди сериозноста на оваа теза, на пример, Фајненшл тајмс неодамна објави споредба помеѓу сите големи земји од Г-8, нивните најнови пакет мерки за потикнување на домашната економија и колкав процент од пакетот опфаќа инвестиција во зелени бизниси и проекти. Така, Кина, ЕУ и САД се покажуваат како исклучително посветени на овој тип на стумил за развој на нивните економии за следните години. Во Кина, за илустрација, од предвидените 586,1 милијарда долари за фискална инекција во домашната економија, 221,3 милијарди или 38% од пакетот, отпаѓа на зелени мерки. Во проценти бројката за ЕУ е уште поголема со 59% (Европска Инвестициска Банка издвоила 12 милијарди евра за зелени проекти за следните 2 години). За да биде појасно, овие инвестиции се наменети за воведување на подобра енергетска ефикасност во зградите, стимулирање на употреба на возила и скутери со електрична енергија како напојувач, јавни транзитни системи, проекти за конзервација на енергија, даночни олеснувања за воведување на соларни панели, намалување на ддв за ветерници, нуклеарна фузија и сл. Од таму, Македонија има интерес да се приклучи на ова движење преку тектонски промени во начинот на кој размислуваме, живееме и работиме. Македонија може да создаде имиџ како најзелена, најенергетски ефикасна, и најенергетски продуктивна земја на Балканот. Да ги ‘надзелениме’ нашите соседи! А, така, уште едаш ќе потврдиме дека сме дел од Европа, иновативен дел. За таа работа, потребно е паралелно воспоставување на повеќе проекти. Прво, како во Германија и дузина други Европски земји, така и кај нас треба да имаме систем за поврзување во електричната мрежа и исплата на произведувачи на електрична енергија од обновливи извори. Едноставно кажано, државата со финансиски стимул да ги потикне домовите и бизнисите да произведуваат зелена енергија. Во Германија, на пример, индивидуалци кои поставуваат соларни панели на крововите на своите куќи можат да бидат платени и до 4 пати повеќе за производство на електрична енергија во споредба со електростопанството. Германија на сите овие претприемачи им гарантира сигурен поврат на инвестицијата со цена фиксирана со закон за цели дваесет години. Зарем не треба Македонија, земја со Сонце на својот грб и знаме, да биде лидер во инсталација на соларни системи? Зарем не треба да живееме од Сонцето во иднина, наместо да се враќаме на Сонцето од минатото? Следно, нашата ЕУ перспектива треба да е насочена во превземање на know-how и искуства поврзани со зелената енергија како нова огромна индустрија во светот во следниот век. Не е касно да почнеме програми за изучување на овие технологии на нашите универзитети. Да ги бараме странските инвестиции поврзани со производство на силиконски фотоволтаични соларни ќелии, кои ги конвертираат сончевите зраци во електричната енергија. Со субвенции да ги привлечеме инвестициите од фирми-производители како Шарп од Јапонија, Сантек Пауер од Кина, или БП од Британија; и не е страшно за предност да нудиме високопродуктивна но ефтина работна рака. Потоа, локалната самоуправа може да направи промена на сите традиционални улични светилки со флуоросцентни еко-светилки за заштеда на енергија, јавниот превоз да биде со автобуси со хибриден мотор (плин+електрична батерија), а спортските сали напојувани со геотермална енергија. Понатаму, според едно релевантно истражување на МкКинсеј Глобален Институт употребата на електрична енергија во зградите може да се намали и до 30% ако се воспостават системи за зголемена енергетска ефикасност. Зошто да не се постави регулатива за воспоставување на ваков начин на градење на нови згради, со искуства од Јапонија на пример? Заштедата на енергија е најдобриот начин за намалување на потрошувачката и на тој начин имаме шанси да ја намалиме потребата за барем една нова 500 мегаватна централа до 2020 година. Крајно, како престиж на нашата соларна република, куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје може да биде пример за “нето-зеро зграда”, т.е. обијектот да троши толку колку што произведува енергија.

Monday, March 9, 2009

Дали стравот ги хипнотизира инвеститорите?


Македонската берза, изразено преку индексот МБИ-10, во изминатиот период падна на вредност од 1.700 поени, ниво видено за последен пат во март 2005 година. Дури и лаиците ќе кажат даке овој неверојатен пад на цените на акциите е предизвикан од глобалната економска криза. Но, истотака, прашање е дали можеби цената на акциите на Македонски Телеком е толку ниска за да се добива принос од дивиденда од над 30%? Или за Стопанска Банка Битола да се добива дивиденден принос од над 15%? А што станува со Комерцијална Банка со речиси 10%? Или, Макпетрол на 4,5%, Алкалоид (3,5%)? За што станува збор? Нормално, купувањето на акции подразбира превземање на ризик, и истотака нема гаранции за идните дивиденди или профити(загуби). Но, оваа летаргичност на инвеститорите дефинитивно ја фрла во вода економската теорија за ефикасни пазари во која разумни луѓе носат разумни одлуки за вистинските цени на производите и услугите. Истотака, падот на цените оди до таму што процесот пркоси на било какво рационално однесување. Во нормални времиња, цената на акциите се очекува да расте на ниво од 8 до 12% на годишно ниво, надополнето со принос од дивиденда од 2-3%. Севкупно, очекуваниот номинален принос за инвестирање во акции на Македонската Берза треба да се движи и до 15% на годишно ниво, во просек, во некој среднорочен период од 10 години. Од таму, во овој момент кога на Македонската Берза имаме можност за толкави реални заработки од дивиденда повторно се појавува дисбаланс на пазарот на капитал. Некој ќе каже дека среќата ги прати храбрите, и дека сега е инзвореден момент за купување на селектирани хартии од вредност. Сепак, денеска сме сведоци дека и при вакви цени, речиси и да нема куповни налози за најдобрите македонски компании на Македонската берза. Брет Арендс, новинар од Волстрит Журнал, го нарекува овој процес на „хипноза на ефикасен пазар”, изведен од постоечката теоријата на „хипотеза на ефикасен пазар”. Хипнозата е пресликана во тоа што како инвеститори веруваме дека е сосема нормално една добра компанија да има пад на својата вредност од 90%, и дека има добра причина за тоа. Дополнително, забораваме дека пред една и пол година пазарот одеше во сосема обратна насока, и нормално, и за тоа имаше добра причина. Многу луѓе, не се исклучувам себеси, беа заведени од заслепувачката моќ на растечкот пазар во 2006-та и 2007-ма година. Во тоа време, луѓето што зборуваа за продавање на акциите бидејќи се наоѓаат на математички неприфатливо ниво, се ставаа во вагонот на берзански еретици. Затоа што, и по Вакниновиот повик „МБИ-10 на 4.300” од јуни 2007 година кога индексот беше на ниво од 6.800, берзата порасна за дополнителни 50% до врвот од 10.058 поени во август 2007-ма. Иако во прво време оценет како несериозен, тој беше во право. Но, со нешто задоцнет ефект. Тогаш коефициентот на мултипликатор на П/Е, цена во однос профит, на компаниите во МБИ-10, индексот на македонската берза, беше на ниво од над 50 пати. Денеска, истиот животари на ниво од 5 пати. Овој коефициент, при рамномерна работа, го означува бројот на години што е потребен за целосно да ти се вратат парите од вложената инвестиција исклучиво преку добивката на компанијата. За споредба, во Америка како најразвиен светски пазар за акции, во овој момент истата бројка е на ниво од 15 пати. Не е сигурно колку длабок рез ќе остави оваа криза, ниту пак колку години ќе трае. Но, со сигурност може да се каже дека луѓето имаат фундаментална потреба и се мотивираат од приказни за успех, од градење на вистини преку искуствата на блиските, и истотака од слепо верување во чуда од типот „збогатување преку ноќ”. Истото важи не само за македонските, туку и за словенечките, хрватските, европските инвеститори. Оваа психолошка и социлошка димензија на инвеститорите се опишува во најновата книга на Шилер, „Животински инстинкти”, и во една фантастична статија во Фајненшл тајмс. Останува да го следиме развојот на настаните и да веруваме дека сепак еден ден ќе дојде принцот на белиот коњ за да не врати во реалноста.

Monday, March 2, 2009

Администрацијата е ѕверот


Во предвечерјето на изборите вработувањето е секогаш релевантна тема. Во изминатите денови сме сведоци на големи неусогласувања на статистиката во однос на бројот на нови вработувања објавени во некои од дневните весници. Така, во земјата официјално се водиме со цифра од околу 33% на невработеност. Од друга страна, Заводот за статистика и Агенцијата за вработување немаат заеднички показател за состојбата на пазарот за труд. А, внатре во тие бројки се наоѓа и големиот ѕвер - Администрацијата. Според некои неофицијални статистики, големината на државната администрација брои 120.000 луѓе. Официјални податоци нема, и се прашувам зошто? Според СОНК во образование, наука и култура има над 30.000 вработени. Во здравството се уште околу 20.000 вработени. Преостанатиот дел од вработувањата во јавната администрација припаѓаат на државната и локалната управа. Од таму, во Македонија отпаѓа околу 10% на бројот на јавната администрација (без образование, здравство и јавни претпријатија) спореден со вкупниот број на вработувања во државата. Во другите земји со кои сакаме да се споредуваме овој број варира од околу 10% во Белгија, 9% во Франција и Грција, понатаму нешто над 6% во Полска и Чешка, се до 4% во Финска и Ирска. Од средствата во Буџетот на Република Македонија за 2009 година се предвидени 410 милиони евра за плати и надоместоци во тековните расходи. Интересно е да се напомене дека буџетот на нашата држава пред само 5 години, во 2004 година, изнесувал 1,4 милијарди евра, а сега во 2009 година ќе биде речиси двократен со износ од 2,7 милијарди евра, а за истовреме ставката за плати и надоместоци во тековните расходи е зголемена за само 17%. Така, се поставуваат неколку прашања. На пример, дали во Македонија во изминатиот период од 5 години има зголемен број на вработувања во јавната администрација на сметка на релативна стагнација на покачувањата на нивните примања? Или, колкав е бројот на нововработени лица во државниот и локалниот апарат во истиот период? Колкава е продуктивноста на оваа маса на луѓе споредена со истата во Финска која секоја година завршува на врвот на листата на најконкурентни држави? Или обратно, колкав дополнителен економски трошок прават сите луѓе кои не се правилно распоредени со конкретни работни задачи согласно планот за систематизација на соодветната работната единица? Дали овој број на јавна администрација некогаш ќе дојде под лупа и ножиците на Регулаторната гилотина на Ставревски? Кога се прават анализите за конкурентноста на државите, на пример според методологијата на Светскиот Економски Форум, влијаат многу фактори како на пример институциите, макроекономската стабилност, едукацијата, инфраструктурата, големината на пазарот, иновацијата и сл. Но, едно е јасно. Колку бројот на луѓе кои добиваат пари од државата расте толку подоле Македонија ќе паѓа во својата конкурентност. Од едноставна причина, сите тие луѓе се навикнуваат на медот и без разлика на фактот што тие, нивните деца, и генерации што доаѓаат, ќе имаат намалени стапки за пораст на животниот стандард, повисоки даноци, висока невработеност, и неконкурента бизнис клима, истите одат на гласачките места за време на изборите и го даваат својот глас „За”. Тоа е мач со две острици, и затоа, до сега, во помладата историја на нашата држава, никој не сакаше да ја сече гранката на која што седи. Ова прашање, на адекватна и функционална бирократија, по Охридскиот договор дефинитивно се стави и ќе се става под тепих на владејачките гарнитури за годините што доаѓаат. До кога? Ако сакаме да имаме Европска Македонија, држава во која администрацијата работи како за двајца Финци, наместо како за еден Бугарин или Хрват, овој жежок костен некој политичар во иднина ќе мора да го грабне во рака. Не случајно во САД, најконкурентната земја во светот, денеска во јавните дебати се зема примерот со Франција, како еден пример за „како не треба” со претерана големина на јавниот сектор, и истотот се споредува со оној во Калифорнија, каде се случува буџетска криза и се даваат предлози за надминување на истата. До тогаш, навистина нема да имаме релевантен број за големината на државната администрација.