Tuesday, December 4, 2012

Инвестирање на средствата на пензиските фондови


ТРКАЛЕЗНА МАСА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА
АСОЦИЈАЦИЈА НА ДРУШТВА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПРИВАТНИ ПЕНЗИСКИ ФОНДОВИ
Скопски Саем Конгресен центар/Дипломатик  сала 11.00-13.00 часот, 5.12.2012
ТЕМА: „СОСТОЈБИ И ПЕРСПЕКТИВИ НА РЕФОРМИРАНИОТ ПЕНЗИСКИ СИСТЕМ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА"

Инвестирање на средствата на пензиските фондови
Јанко Тренкоски – Генерален директор на КБ Прво Пензиско Друштво АД Скопје

I Дел – Големата слика

Денеска симболично одбележуваме 10 години од носењето на законите поврзани со реформата на пензискиот систем во Република Македонија. (1) Во тој контекст убаво е да се потсетиме зошто законодавецот се зафати со реформи? (2) И, зошто токму овој тип на реформа, позната како тростолбен пензиски систем? Тоа се стратешки работи. Во вториот дел на мојата дискусија ќе преминам на практични подточки.
Знаеме дека одговорот на првото прашање е стандарден речиси за секоја земја, а тоа е: зголемениот животен век на населението нанесува огромен удар врз солидарниот пензиски систем и тој како таков мора да се реорганизира за да имаме одржлива и фер износ на пензија за достоинствен живот. Дополнително, за разлика од развиените земји, имаме товар на низок стандард на живеење, мал сооднос помеѓу број на вработени наспроти број на пензионери, и сл.
Во контекст на мојата тема, а тоа е Инвестирањето на средствата на пензиските фондови, сметам дека одговорот на второто прашање, е од инзвонредно битен карактер. Имено, РМ во 2002 година со носење на ЗЗКФПО одлучи да се приклучи на еден мал број на земји кои навистина сакаа да внесат реформа во пензискиот систем. Да нагласам, станува збор за реформа што дури и една Америка(САД), не беше доволно спремна или можеби смела да ја спроведе, а да не кажам за Словенија, Србија, Чешка, и земјите од развиена Европа.

Во нашата реформа, според мене, кога станува збор за инвестирањето на средствата клучна е основната претпоставка, флоскула или како сакате: капитално финансирано. Што тоа значи?  Капитално финансирано?
Да одговорам: просто кажано, капиталот што најголем број од членовите на фондовите го вложуваат на редовна месечна основа треба да се размножува и на крај на работниот век да им даде достоинствена пензија, но и поголем дел од пензијата. Во пензиски жаргон: ако заменската стапка е 80% тогаш станува збор за речиси 2/3 од износот на пензијата-доаѓа од капитално финансираниот столб(вториот помал дел 1/3 доаѓа од првиот столб или 30% заменска стапка).
Ќе потенцирам дека зборот размножи”, илипридонесите вложени на индивидуалната пензиска сметка се инвестираат и акумулираат заедно со остварениот принос  е претпоставка! Колку добро се размножи? Што ако не?
Тука избирам повторно да се вратам на прашањето од почетокот на мојата дискусија(Зошто токму овој тип на систем?), и во тој дел има повторно клучна премиса, а тоа е: теоријата на Финансиите/Економијата, не учи дека постојат два несоборливи долгорочни принципи: (1) Акциите како класа на инструмент на долг рок носат поголем принос(богатство) од обврзниците, и (2) диверзификација на средствата, народски кажано ставање на јајцата во неколку кошнички, носи намален ризик и стабилен раст на парите, повторно на долг рок.
Дали вие, тука присутни, верувате во овие принципи? Дали јавноста верува во овие принципи? Дали законодавната и извршна власт верува во овие принципи, поврзани со пензиската реформа?
Одговорот треба да биде: ДА! Бидејќи тоа е основата на капитално финансирано”.
Сепак, во интерес на отворање на дискусија за системот, сметам дека е од исклучителна важност за понатамошен развој на нашиот реформиран систем сите ние-активни учесници, да се навраќаме на ова клучно прашање. Дополнително, сакам да кажам дека денеска во светот на финансиите, од Харвард до Стенфорд, од Њу Јорк до Шангај, Токио, се води жолчна дебата дали оваа, сега и наша општо прифатена Финансиската теорија држи вода? Некој ќе каже дека Светот се смени. Очекуваниот принос на акциите денеска, нема да биде таков како што бил во минатото! Акциите како класа на инструмент се мртви! Гледајте што се случи за изминатата декада! Диверзификацијата не функционираше во екот на кризата во 2008, кога беше најпотребна!...

II Дел – Статистика и вложување на средствата

Факти:
-          Задолжителните пензиски фондови заклучно со 31.10.2012 имаат акумулирано 330 милиони евра(4,4% од БДП) за 318.801 членови
-          Доброволните имаат 2,8 милиони евра за 14.938 членови
-          Просечниот 3-годишен принос за задолжителните фондови е 6,30% со 31.10.2012
-          Просечен годишен принос од почетокот на постоење на задолжителните фондови до денеска е: 5%;
-          Доброволните фондови имаат просечен годишен принос од почетокот во 2009 до денеска: 5,7%;
-          Просечната годишна инфлација за периодот од 2006 година до денеска е: 3%
-          Реалниот годишен принос е 2%. Кај доброволните фондови е 3%.
За во иднина, сметам дека треба да прифатиме општ консензус во јавноста за очекуван иден годишен принос. Дали тоа ќе биде 2% над инфлација за задолжителните и 3% за доброволните фондови или нешто друго? Тоа мерење на успехот на инвестирањето со претходно одреден параметар ќе допринесе до поголема транспарентност и знаење за системот.
-          Во 2018 година, за 5 години, средствата на задолжителните пензиски фондови ќе достигнат 1 милијарда евра и ќе бидат приближно во износ од 10% од БДП.

Алокација по група на инструменти е следната:
-          Државни обврзници,
-          Депозити во банки,
-          Акции во странство(директно во акции или преку пасивни индексни инвестициски фондови) и
-          Акции дома.
Кој е најдобриот сооднос? Кој е нашиот профил на просечен член?

Согласно условите на пазарот процентот на алокација во овие групи на инструменти варира од 2006 до денеска. Во овој дел има вградени искуства кај пензиските друштва и истото ќе допринесе да се искористат научените грешки(пр. волатилност на домашни акции, постоење на пазарен балон во 2008, мала ликвидност, рејтингот А на држава не значи гаранција како што не учеше теоријата, намалување на каматни стапки, и сл.).

Инвестирањето на средствата е исклучително важен елемент во оценката за успешност на реформираниот систем. Нашиот систем во овој дел има повеќе специфичности.
Во реформираниот пензиски систем во РМ средствата се инвестираат на принцип на ДЦ(defined contribution)-дефинирана уплата од придонеси од страна на членовите, што по дефиниција значи дека ризикот од инвестирање на средствата целосно е на грб на членовите. Ова е многу моќна системска претпоставка, исто така. Замислете, приватните пензиски друштва се одговорни за инвестирање на средствата но не и за успехот на тоа инвестирање? Зошто? Зарем не треба да ги натераме да гарантираат со својот капитал дека ќе остварат одреден минимален гарантиран принос?
Моето мислење, иако признавам обоено, е дека системот е добар во овој дел. Погледнете ја Словенија, каде што има гарантиран минимален принос, и ќе видете дека во такво сценарио речиси и да нема принос. Јас, со капата на член на пензиски фонд, би ја избрал македонската солуција.
Следно, имаме огромен број на членови а само една опција или избор за алокација на средствата! Како да се усогласат потребите на толку многу луѓе со само еден избор? Воведувањето на мултифондови е можен одговор. 
Следно, пензиските фондови се едни од најактивните инвеститори на домашната берза. Само за илустрација, за 2012 година 10% од прометот со акции на Македонската берза го носат пензиските фондови. Дополнително, тој процент расте ако се вклучат и обврзниците.
Мое мислење е дека инвестирањето на пензиските фондови на домашната берза на хартии од вредност е реална за условите поставени во системот. Да не заборавиме дека најголемиот пад на приносот на пензиските фондови во 2008 година е директно поврзан со инвестирањето во домашни акции. Дали е потребно, како во Хрватска, да се зголемат лимитите во однос на максималниот процент на сопственост на фондот во една компанија од 10% со што активно ќе се вклучиме во надзорот на компаниите? Што станува со транспарентноста и одговорноста на менаџментот на компаниите кои котираат?
Следно, инвестирањето во државни обврзници или хартии од вредност издадени од Република Македонија е стандардна и нормална работа за сите пензиски фондови во светот. Но, прашање е кој е оптималниот износ во проценти, пр. 50% или 65%, во оваа класа на инструменти а во исто време да се задоволи принципот на диверзификација? Мое мислење е дека овој процент е добро да се држи до 50% на долг рок.
Следно, можноста за диверзификација. Пензиските фондови во состојбата денеска немаат инвестирано во следните класи на инструменти кои се возможни согласно законот:
-          корпоративни обврзници во РМ
-          локални обврзници (издадени од локална самоуправа)
-          корпоративни обврзници во странство
-          приватни фондови во РМ.
Зошто?
Дополнително, дали дојде време да се разговара за отворање на можноста за инвестирање на дел од средствата во инфраструктура, недвижнини, берзански стоки?
Пензиските друштва сакаат да ги инвестираат парите на членовите во профитабилни и сигурни нови развојни проекти во Р. Македонија! Се разбира битен е соодност на добивка и превземен ризик. Убеден сум дека во иднина пензиските фондови ќе инвестираат во Република Македонија и тоа во домашна инфраструктура, недвижности, докапитализација на компании кои котираат на Берза.
Да потсетам, за нешто повеќе од 5 години, во 2018 година, ќе има акумулирано над 1 милијарда евра во системот. Живееме во динамичен свет. Затоа, потребно е континуирано следење и прилагодување на дел од законската регулатива за условите на инвестирање на средствата на фондовите да соодветствуваат со реалната понуда на пазарот и потребите на членовите.
Да заклучам, инвестирањето на средствата на пензиските фондови е можеби најбитна алка во реформираниот пензиски систем. Досегашните приноси на пензиските фондови, и покрај кризата од 2008 година, се во опсег на очекуваното. Успехот не е гарантиран, но знаењето кое постои во системот, како и слухот за потребите за одредени прилагодувања на системот, кој е присутен кај сите страни-денеска присутни, допринесува да имаме позитивни очекувања за просечниот принос во иднина! Денеска живееме во време кога се случува рецесија кај нас и во светот(5 години од 7 г. постоење на системот сме во рецесија), но треба да се очекува дека ќе дојде нов економски циклус на експанзија. Таа експанзија на глобалната економија надополнета со зголемен раст на БДП на македонската економија (ефектот на реформи, зголемена продуктивност, иновативност) може да допринесе да добиеме исклучително добри резултати во иднина. 

Monday, October 29, 2012

Црното стана бело

Изминатиот викенд Министерот за Труд и Социјална Политика Спиро Ристовски објави дека “Предвремената продажба на евро обврзницата не доведе до намалување на вредноста на портфолијата на двата пензиски фонда. Напротив, евидентен е дополнителен принос на индивидуалните сметки на членовите на вториот пензиски фонд, односно членовите ќе имаат повеќе средства на личните индивидуални сметки”.

Ова е класично дело на изолирање на дел од фактите за користење во сопствен интерес без да се гледа целата слика. Крстете го пропаганда, манипулација, што и да е.

Проблемот на овие изјави е во тоа што кога ќе се земат сите работи заедно епизодата за продажбата на евро-обврзницата нанесе целосно нарушување на основните претпоставки на реформираниот пензиски систем, нарушување на принципите на слобода на избор и пазарната економија, и директни и реализирани загуби на идни добивки од денешни 2,5 милиони евра распределени, некому повеќе некому помалку, на повеќе од 300.000 членови на системот. Точка!

Крајно, црн хумор, ако оваа логика на Министерот функционира во реалноста, по дедукција тогаш и физичкото отстрелување на маса невработени лица во земјата би се водел како успешен чекор во борбата за намалување на невработеноста. 

Нејсе, како што црното не може да биде бело, така и загубата неможе да биде добивка.

Wednesday, September 26, 2012

Должничка папазјанија

Премиерот беше низ светот(САД) и по враќањето дома во неделата објави дека ќе го врати внатрешниот долг со нови задолжувања.
Браво. Како му текна? Брилијантен потег. Американците се добар учител за како можеш да се зајмиш и да профитираш.

Интересно е да се каже дека во изминатата година дена, како што ми посочи еден мој колега, може реално да се каже дека секој просечен член на приватните пензиски фондови и позајмил на Владата(Буџетот) ни помалку ни повеќе туку 500 евра. Тоа е ново нето задолжување во билансите на државата. Бројот на членови е околку 300.000, а износот на средства е 150 милиони евра. Повеќе од 2% од БДП!? Тој износ ќе расте до 225 милиони заклучно со крај на јануари 2013 година.

Оттука може да се изведе дека членовите на приватните пензиски фондови и зајмат пари на Владата, за таа да го врати долгот кон фирмите, за тие да продолжат да работат. Во ваква спирала на работите, нешто не држи вода.  Членовите на пензиските фондови дури и се жртвуваат за благосостојбата во "милата наша" бидејќи(по тивко виткање на нивната рака од страна на Владата), се откажуваат од заработки со 7% камата во странство за да ги вратат парите за својата пензија дома и да ги вложат во Државни обврзници со 5,5%.

Си велам, што би било ако и отидеш на жена ти, и да и кажеш: "Жено, јас бев низ светот изминатата недела, и ми стана јасно што е решение на нашиот проблем. Јас предлагам да се задолжиме дополнително и да тераме така." Мислам дека ќе добиеш бокс во фаца, во најмала рака.

Cavaet Emptor.






Thursday, August 30, 2012

За подобро утре

- Направи тим на Обвинители (млади, етични, паметни, агресивни, амбициозни) со отворен мандат да ги разрешат сите коруптивни зделки
- Нулта-толеранција за криминал и корупција
- Ред и поредок
- Посебен третман за сите извозници
- Промоција на Субституција на увоз со субвенции (увоз на храна и енергија)
- Долгорочен договор со Албанците
- Приватизирај се повеќе од Државните Компании(Пошта, Телеком, Поштенска Банка)
- Покачи плати на луѓе во јавна администрација и високи функции
- Порект за департизација на јавна администрација
- Намалување на процедури и давачки
- Јако јавно здравство
- Администрација што служи(вадење на лични документи е под секоја чест)
- Дозвола за работа на ХТВ2, НОВА, РТЛ ХР, РТС1, Српски Пинк до момент кога ќе се направи јавен тендер за влегување на ПОП ТВ и/или РТЛ во МК
- Градење на железничка и патна инфраструктура
- Државен проект за изградба на нови Хидро-централи на период од 10 год.

Thursday, August 9, 2012

Summer 2012

Presa di Finika, Finike-Turkey
Ljubljana-Slovenia
Bologna, Florence, Tuscany,Venice-Italy
Pag-Croatia
Zadar-Croatia
Belgrade-Serbia
Halkidiki-Greece
Soča, Bovec-Slovenia

Thursday, July 12, 2012

Финансиска репресија revisited



Владата како таква е голема заблуда преку која секој граѓанин си замислува дека може да живее на сметка на сите останатиФредерик Бастиат, француски класичен филозоф.

На 23-ти јули, 2012 година е закажана пленарна седница на Собранието на Република Македонија за крајно гласање на Закон за измена на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. И покрај сите јасни пораки од стручната јавност, домашна и странска, и покрај очајничките крици на луѓе од индустријата, експертите, опозицијата, и некои упатени фактори во овој процес, сепак владејачката коалиција избра да оди до крај и да ја задржи штетната преодна одредба за присилно продавање на македонски евро-обврзници во рок до 15.01.2013 година.  Да бидеме јасни, одлуката за забрана на вложување на домашните пензиски фондови во македонски евро-обврзници на странски пазари е штетна, за државата и за штедачите. 

Има неколку силни причини. Прво, не смее да се дискриминира, а со тоа да му се нуди непазарни каматни стапки на домашниот инвеститор, во однос на странскиот. Второ, домашните пензиски фондови беа фактор кој дава стабилност и ликвидност на нашиот државен долг во странство,  а со тоа и индиректно привлекуваат повеќе странски инвеститори  кои за пониска цена ќе вложат во истиот тој долг. Трето, домашните пензиски фондови се бесплатни дефакто маркет-мејкери, т.е. партнери на државниот долг. Четврото, домашните пензиски штедачи преку инвестиции во овој тип на финансиски интрументи во екот на големата финансиска криза во 2009 и 2011 година заработуваа на сметка на странските исплашени штедачи кои продаваа пошто-пото.  Од друга страна, втората одлука во измена на горенаведениот Закон-за присилно продавање на вложувањата на македонските пензиски штедачи во македонската евро-обврзница со доспевање во декември 2015 година со рок до 15.01.2013 е повеќе од штетно. Тоа е финансиска репресија!

Министрите ја образложуваат одлука како неопходна за сигурност на државата, и дека токму тие пари се клучот за стабилност на тековната сметка. Велат дека денеска живееме во голема криза во Европа и дека секоја држава си го штити домашниот пазар со тоа што ги тера сите домашни инвеститори да ги задржат парите во земјата. Крајно, инсистираат дека е добро тие пари од сопствените граѓани-штедачи да бидат позајмени од страна на државата со ниски каматни стапки. 

Сепак, со овој потег, македонскиот долг во странство станува поскап, затоа што домашните пензиски фондови беа единствени активни купувачи и продавачи на државниот долг во странство. Таа улога на т.н. маркет-мејкер се брише. Затоа, денеска државата има голем проблем да се задолжи за 6% каматна стапка во странство, туку мора да плаќа многу повеќе. За илустрација, од денот пред неколку месеци кога се најави овој Закон, веднаш цената на македонскиот долг ослабе и каматата се зголеми. Ние како држава станавме поризични едноставно со ставање на овој предлог Закон на маса! Звучи чудно, парадоксално, но е чиста вистина. Зарем дојдовме до тоа дереџе за да го ризикуваме финансискиот рејтинг на Р. Македонија, да правиме и најмала загуба на приватните пензиски сметки на сите нас, за толку малку ефективни пари? За појасна слика на соодносот, Република Македонија добива над една милијарда и половина евра во трансфери од нашите граѓани во странство на годишно ниво.  Парите од евро-обврзницата се легитимна и законска инвестиција на граѓаните и без преодната одредба ќе дојдоа во Р. Македонија во 2015 година. За илустрација, денеска со измената на Законот нашите заштеди за пензија што носат пазарна каматна стапка од над 6%, не присилуваат да ги разрочиме со пенали и да ги префрлиме во заштеди дома што носат каматна стапка од нешто над 5% во име на стабилност на државата. Пеналите ги наплаќаат странските штедачи, и повисоката каматна стапка ќе ја заработуваат странските штедачи.

Крајно, реформираниот пензиски систем е нешто што сите ние сме го граделе во период од 15 години, со илјадници часови на дебати, пишани документи, анализи, учество на врвни експерти од дома и целиот свет, и со поддршка на сите парламентарни состави досега.  Денеска, за оваа одлука никој не беше информиран ниту пак консултиран надвор од затворениот круг на неколку луѓе на врвот на нашата држава. Промената на Законот е повеќе од сериозна, затоа што таа одлука го поткопува основниот темел на реформираниот пензиски систем-сигурноста на парите за пензија.  Се прашувам, каква Држава ние градиме? Градиме ли Држава? Во делот на пензиите, очигледно, треба добро и долго да се запрашаме.

Tuesday, July 10, 2012

Почивај во мир, најмила Мајко!

Невенка Тренкоска.
8.12.1943-1.7.2012
Мајка, баба, психолог. Голем човек.
Секогаш ќе бидеш во моето срце.

Твој Јане