

На почетокот од месец март Македонската Берза излезе во јавноста со соопштение дека податоците од тргувањето со хартии од вредност на Македонската берза се достапни преку сервисот на Блумберг. За просечен човек или инвеститор оваа информација е сосема небитен шум во време на изборниот циркус. Сепак, “Македонија на Блумберг” е многу битен катализатор за развојот на домашната берза во иднина. Дури, може да се оди дотаму за да се прогласи овој чин за “светиот грал” за враќање на берзата од нок-даун. Во периодот на демократизација на финансиските пазари низ целиот свет, по падот на Берлинскиот ѕид од дведесетите години наваму, потребата за Блумберг сервисот експоненцијално расте. Мајк Блумберг, сегашниот градоначалник на Њу јорк, е основоположникот на овој сервис за дистрибуција на информации, податоци, вести, и анализи за сите финансиски инструменти и хартии од вредност од секое ќоше на светот. Ова е класична приказна за успех на една старт-ап команија; од идеја до светски бренд. Првата верзија на прочуената десктоп машина-терминал се појавува на пазарот во далечната 1984 година. Компанијата Блумберг, изнајмува терминали за пристап до сервисот, преку месечна рента, на над 250 илјади финансиски институции и професионалци низ светот, меѓудругото и на НЛБ Тутунска банка и Комерцијална банка во Македонија. Ова е неопходен сервис за институционалните инвеститори (фондови, осигурателни компании, банки) што се бават со пласман на пари на финансиските пазари (т.н. buy side), од една страна, и за сите оние што се задолжуваат (т.н. sell side), од друга. За прв пат се сретнав со прочуениот терминал за време на мојата работа во Мерил Линч во 1997 година. Тогаш, сите новодојдени млади вработени, како деца во слаткарница, се тепавме да дојдеме до пристап на само едната инсталирана верзија на машината за канцеларија од 300 луѓе. Нормално, како последни во хиерархијата, мораше да се чека до касно навечер за да може да се ужива во доживувањето наречено Блумберг. Понатаму, имав среќа во 2007 година, како учесник на 60-ет годишнината на ЦФА Институтот, да посетам специјален прием-коктел на дваесет и деветиот спрат од прекрасната многукатница и седиште на компанијата во Њу јорк. На тој начин и директно, од внатре, се запознав со моќта на Блумберг. Кругот се затвори во текот на 2008 година кога бев во тесна комуникација со бизнис пријател од големата холандска осигурателна куќа и асет менаџер-ИНГ. Господинот Хенк де Брујне од Холандија, ме извести преку е-маил порака дека нивната ќерка компанија, ИНГ-Друштво за управување на инвестициски фондови со седиште во Грција, сака да инвестира во рамки на нивниот Балкански Фонд во компании кои котираат на Македонската берза. ИНГ Инвест Балкан фонд инвестира во компании во Грција, Турција, Бугарија, Романија, Хрватска, Србија, Словенија и има статутарно одобрување за инвестирање во Македонија. Во рамки на нашата дискусија, крајно, излезе дека единствена пречка за реализација на нивните инвестиции беше, процедурална, но битна: „Македонија не е на Блумберг!”. Поаѓајки од фактот дека грчките инвеститори гледаат можности и во Македонија, по Букурешт, покажува дека во светот на инвестирањето политиката е најмал проблем. Но, неповрзаноста е! Во тој контекст, за пофалба е вложениот труд од страна на Македонска Берза АД да биде дел од Блумберг и да се зацврсти и оваа алка од поврзаниот синџир. Така, т.н. “електронско крдо”, што е опис за фондови и инвеститори од целиот свет кои вложуваат и влегуваат на пазарите со голема брзина, но со исто толкава динамика ги напуштаат истите, ќе може истотака да дејствува и во Македонија. Ние сме дел од инвеститорскиот свет, и на овој начин со помошта на анализите на Блумберг платформата, еден обичен граѓанин од Кина или Индија преку инвестициски фонд во локалната земја ќе може да инвестира во компании во Македонија за да дојде до разумен профит на долг рок. Крајно, Македонските компании и пазар ќе влезат во групата на земји од Пазарите на маргините (Frontier Markets) како посебна атрактивна група на пазари за инвестирање со надпросечна стапка на раст и развој. Во рамки на светскиот инвеститорски жаргон, Фронтиер маркетс е добра работа, и во таа номенклатура се Словенија и Хрватска покрај Бугарија, Романија, Естонија, Казакстан, Украина, земјите од Блискиот исток, некои пазари во Африка, Виетнам и Шри ланка. Овие земји имаат развиен Пазар на капитал, брзо-растечки компании, интерес кај странските институционални инвеститори, но и информација за нив на Блумберг.