Monday, October 5, 2009

Pension или Passion

Шведска има направено иновација во пенизкото осигурување. Се вика НДЦ - нефинансиска уплата на придонеси (non-financial ili notional Direct Contribution-NDC). Што значи тоа? Секој граѓанин на Шведска добива годишен извештај од државата, за сите свои уплати во солидарниот пензиски фонд(прв столб), од плата, за исплата на тековните пензионери. Овие уплати се бројат и се собираат на сметка, како да се вистински, на свое име. Секоја година сметката се зголемува. Во пресметката има одредени формули и правила, но идејата е дека на таа сметка всушност се следи колку секој граѓанин ќе има пензија во иднина. Затоа што шведското општество се судрува со проблемот на стареење на населението, т.е. наталитетот е мал, оваа реформа ги стимулира луѓето да се пензионираат подоцна со реални параметри. Што да се каже за држава каде што нема сиромашни луѓе? Сепак, овој систем е резулатат на стотици години раст и развој. Не доаѓа успехот преку ноќ, или пак за една деценија-две. И шведите правеле падни-стани.
Edward Palmer, меѓу другите, ни предаваше за деталите на овој систем. Дополнително, целата динамика на развојот на реформата ни ја предаваше таткото на реформата во Шведска, лидерот на либералната партија, и бивш министер, Bo Könberg. Импликациите за Македонија? Македонија треба добро да размисли дали сака приватни компании да даваат ануитети од пензиските заштеди? Дополнително, треба да се формира работна група, со претставници на сите релевантни партии, која би почнала да работи на сценарија, исплатливост, добри/лоши страни, за идна имплементација на НДЦ пензиски систем во РМ.

Monday, September 28, 2009

Нов ден во Стокхолм

Интернационалниот тренинг програм започна навистина интернационално. Имаме 20 учесници од следниве земји:

- Албанија
- Хрватска
- Грузија
- Ерменија
- Киргизтан
- Еквадор
- Перу
- Уганда
- Индонезија
- Филипини
- Пакистан
- Македонија
- Шведска - организатор
- Латвија - гостин предавач

Да можеше некој да направи ваков бучкуруш од земји, немаше да можам да поверувам.
Специфичности:
- во Уганда официјален јазик е Англиски а валута е Шилинг
- со авион летање од еден крај до друг крај на Индонезија е потребно 10 саати со авион
- Индонезија има 17.500 острови и над 250 милиони луѓе (4 на свет по популација после Кина, Индија и САД)
- Шведска е прва земја во свет што официјално почнала да води записи за своите граѓани, 1686
- Уганда има 15 компании котирани на својата берза
- Еквадор ги има Галапагос Островите(родно место на Дарвиновата Теорија на еволуција) и е земја со голема биоразличност
- следи повеќе!!!!

Saturday, September 26, 2009

One day in Sverige


Денеска дојдов во Стокхолм. На прва топка, неколку работи за Шведска и Швеѓаните (без да ги фалиме по нивните светски брендови: Ериксон, Волво, АББА, Х&М, Икеа, Сканиа, Сааб, Абсолут Водка, САС, Астразенека, Нобелова награда, Викинзи, Златан Ибрахимовиќ, Бјорн Борг, Пипи долгачорапа Icehotel, и сл.)

- Ведри
- Смирени
- Чисти
- 86% се евангел-лутеранци протестанти
- проамерикански (конзумираат и имаат ф-инг Seven/Eleven продавници, Бен и Џерис сладолед, МкДоналдс насекаде, Тропикана Џус од Флорида, и сл.)-поврзано со егзодус на 1 милион Шведи во САД во 19век
- Не се гледа дека имаат дојденци од Африка/Азија/Индија
- ставаат столни лампи на прозорци!?
- џогираат
- децата не им плачат
- многу јадат морско
- татковци чуваат деца
- огромен супермаркет на 4-спрат од бизнис зграда
- целосно развиена инфраструктура, и недвижности
- англиски сите зборуваат, и најчесто има превод на англиски
- Стокхолм е European Green Capital for 2010 и има конференција за енергијата во 2050
- патеки и посебни семафори за велосипеди насекаде
- вода и зелени дрва
- 1842 вовеле задолжителна посета на училиште за сите
- последниве 200 години немаат војна(неутрални за 1-ва и 2-ра светска војна) и тргуваат со надворешниот свет
- по 500 евра од стан се дава за одржување на влезот/зградата!?

толку за денес. God natt!

Thursday, September 24, 2009

Обраќање за бруцошите на Американ Колеџ

Почитувани професори, гости,
и нови студенти,

Ми претставува особена чест и задоволство да ви се обратам како нови студенти на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.
Јас сум претставник на Деловниот Совет на Универзитетот. Работам како генерален директор на КБ Прво пензиско Друштво - друштво кое управува со парите на идните пензионери во Македонија. На некој начин, јас го отсликувам Вашиот иден работодавач, човек кој ќе ви ја понуди вашата прва работа.
Вам ви претстои најубавиот дел од вашиот живот. Младоста си носи своја специфичност и возбудливост. Светот е пред Вас. Живејте го со полн здив-полни плуќа!
Но, сепак, тие моменти на романтизам, идеализам, и непокорност, несмеат да ви ја замаглат целта. Што е целта?
Целта, според мене, е да можеш да создаваш во областа што навистина ти лежи, да правиш додадена вредност. Ако би го искористил речникот на Ворен Бафет, најпознатиот инвеститор на светот, кој вели: ЈАС СУМ СРЕЌЕН ЧОВЕК ЗАТОАШТО СЕКОЕ УТРО - ПОТСКОКНУВАМ КОГА ОДАМ НА РАБОТА!
Зарем тоа не е убава цел?
За жал, таа цел за многумина од нашите сограѓани - не е реалност! Не дозволувајте истото да ви се случи и на вас. Убавината, е во тоа што секој индивидуално си ја крои судбината,целта-да го најдеме она што уживаме да го работиме.
Денеска живееме во глобален свет. Македонија е дел од тој свет. Некои наши тукашни сограѓани работат за фирми од Холивуд, други добиваат нарачки од Шведска, а трети испорачуваат стоки или услуги на Германија, Јапонија, Австралија. Не заборавајте дека во Кина секоја година има 7 милиони нови дипломирани студенти кои истрчуваат на полето за натпревар, на Гоцевото рамноправно поле за натпревар! Каде се студентите од другите замји?! Како ти, како ти, ќе направиш разлика, ќе се издвоиш, ќе бидеш подобар или подобра, во таква консталација?
За крај, од искуство, би издвоил 3 нешта како совет, или тајни ако сакате.
- Секогаш давајте повеќе отколку што се очекува од вас. Underpromise and overdeliver!
- Волунтирајте и добијте што е можно повеќе искуства! За илустрација, денеска, во Македонија преку една глобална невладина организација доаѓаат волунтери од Америка/Британија/Канада да земат учество во активно градење на куќи за семејства со потреба во ВЕЛЕС(ХАБИТАТ ФОР ХЈУМАНИТИ).
Зошто? Утре да добијат подобро работно место, меѓудругото. Јас волунтирав во неколку фирми додека студирав. Тоа искуство, не некој начин, ме издвои од другите, ми помогна да видам што ме интересира, што сакам и дојдов до тука!
Практичната работа е најголемата некажана тајна на вашиот студенски живот. Немојте да ја прокоцкате таа шанса.
- Крајно, би ви препорачал да ги гледате работите позитивно. Чашата е секогаш полуполна наместо полупразна.
Верувајте во вашиот инстинкт, паѓањето е дел од растот, и бидете свои без предрасуди или оптоварувања.
Со среќа и благодарам!

Monday, September 14, 2009

Водечки индикатор дека кризата одминува


Денеска во Дневник се појави статија под име: "Пак се крадат капаците од шахтите". Овој наслов е индикатор дека цените на старо железо повторно се качуваат како во 2007 и 2008 година кога имавме рекорден број на украдени капаци на шахти. Но Македонија, тогаш, не беше единствена во светот, туку една од многуте земји каде што се случуваше ваква бизарна кражба.
Трговскиот дефицит на Македонија е директно врзан со цените на металите на светските берзи. Што повеќе расте цената на челикот, железото, никелот, силициумот, и сл., толку подобро ќе се живее во нашата Република!

Wednesday, September 9, 2009

18 години независност

На 8-ми септември 1991 година, Македонија се избори за сопствена независна држава. На 8-ми септември 2009 година, Македонија слави полнолетност. Честито! Економијата, во контраст, не е независна ниту полнолетна. Гордиевиот јазол - нулта раст, висока невработеност, трговски дефицит, е цврсто затегнат. Во 2009 година, стануваме сведоци, на уште една негативна година за растот на БДП, по 2001, и 1995 година. БДП е срцето на нашето битие. Како до континуиран раст од над 5% во период од 10 години? Како Кина има просечен раст од над 9% во период од почеток на реформата на Ден Ксиаопинг од 1979 година, 30 години, до денеска? Каде се нашите 10 волшебни години? Сонувам за 10 години на пораст на БДП со средна вредност од 6%. Како тоа изгледа? Сакам да ги видам фаците на граѓаните во такви услови, по десет години. Мора да е добро чувството. Груевски со неговата политика од 2006 година до денеска ги стави сите пари на една карта: странски директни инвестиции. СДИ како компонента од БДП го неутрализира негативниот допринос на трговскиот дефицит. Со други зборови, во услови на добри странски инвестиции, добри приливи од дознаки од гастербајтери, Македонската економија има значителна шанса да дојде до континуиран раст на БДП од над 6% на годишно ниво. Преродба во 100 чекори.
Бројките не покажуваат преродба.
Во првите 7 месеци од 2009 година имаме стоковна размена изразена во:
увоз 7мес. 2009...........2,77 милијарди УСД
увоз 7мес. 2008...........4,24 милијарди УСД
увоз 7мес. 2007...........2,68 милијарди УСД

извоз 7мес. 2009...........1,45 милијарди УСД
извоз 7мес. 2008...........2,51 милијарди УСД
извоз 7мес. 2007...........1,87 милијарди УСД

Во 2009-та сведени сме на бројки од 2006 година. Економскиот бум од втората половина од 2006, 2007 и првата половина на 2008 година, го понесе Груевски на крилјата на ангелите. Имавме енормни покачувања на бројот на трансакции, експоненцијален раст на ДДВ како најголема ставка од даноците, прилив и на странски портфолио инвестиции. Уфф, каков добар старт. Хусеин Болт да ни подзавиди. Ѕвездите се поклопија. Но, светската криза од втората половина на 2008 година, со 2009, не спушти во бездната на пеколот. Како дошло, така ошло. Во 2009 година имаме каматни стапки од над 10%, администрација од 150.000 луѓе, и целосно истиснување на приватниот сектор за сметка на државниот. Дајте ми го тој маж кој успеал да направи добра Бизнис клима од држава која што има најголем број на бирократи по единица вработени! Дали во Македонија постои равноправно поле за натпревар помеѓу фирмите? Не.

Зависиме од цената на челикот и никелот!? Цената на никелот достигнува 10.000 долари по тежина во мај 2006 година. Таа оди и над 20.000 долари во првата половина на 2007 година. Од јули 2008 па наваму е под 10.000, и на моменти околу 5.000 УСД. Е, еве ги бројките за извоз на фероникел од МК за:

извоз 2007 фероникел.............529 милиони УСД или 16% од вкупен извоз
извоз 2008 фероникел.............311 милиони УСД или 8% од вкупен извоз
извоз 2009 фероникел(проекција)..190 милиони УСД

Речиси 50% од извозот ни зависи од цените на железо, никел, и сл.

Имаме субвенции во земјоделието. Да ги видиме нивните ефекти:

извоз 7мес. 2009 храна...........152 милиони УСД
извоз 7мес. 2008 храна...........174 милиони УСД
извоз 7мес. 2007 храна...........127 милиони УСД

увоз 7мес. 2009 храна...........308 милиони УСД
увоз 7мес. 2008 храна...........364 милиони УСД
увоз 7мес. 2007 храна...........269 милиони УСД

Тренд на намалување на увозот а зголемување на извозот на храна, нема.

до скоро.

Saturday, June 20, 2009

Брод без кормилар

Давид Кацуџин Чао е бизнис човек кој потекнува од мајка Јапанка и татко Кинез. ВолСтрит Журнал во една статија објаснува дека овој извонредно успешен бизнис човек за да ги оствари зацртаните бизнис цели дури и не си одел дома, работел во пиџами во канцеларија, секоја вечер. Тој е одговорен зошто познатата Аппле Компјутери на агресивен начин во 80-те години ја зголемила продажбата од 80 милиони на 1 милијарда долари во Јапонија. Не само тоа, поважно, Давид Чао е олицетворение на денешната динамична глобална утакмица, каде што секој може да го надигра секого, без разлика на препреките со кои се судрува како дел на оспорувана етничка група. Тој како етнички Кинез во Јапонија и аутсајдер образложува дека само мантрата на сопставениот татко го направила она што е, екстремно успешен бизнисмен: “Како дел од малцинство, ти мораш да работиш 3 пати повеќе и понапорно од било кој друг!” Во Македонија, ние не можеме да излеземе од спрегата на нашата маленкост и да размислуваме на сличен начин. Тоа е резултат на искрената недоверба во нас самите. Нашите државници никогаш не ни инјектираа ваква фундаментална вредност како што врежал татко му на Чао. За илустрација, во нашата историја на економски план, македонската држава и граѓаните, не сме виделе јасна и гласна базична платформа за раст и развој која доследно ќе се дефинира и потоа спроведе од почеток до крај со многу напорна работа и откажувања. Затоа, наместо почитувањето на основната “Божја заповест” – пазарната и слободна економија како крајна дестинација, дебатата за економските политики што треба да не донесат до подобро утре цело време се губи во волунтаризмот на приликите од денес за денес.
Конкретно, велиме дека едни од клучевите за излез од кризата се дерегулацијата на пазарот во сите стопански гранки и намалувањето на вработеноста, а од друга страна работиме спротивно на тој план. Од таа перспектива може да се проследи најновата странска инвестиција во Македонија, купувањето на ЕСМ Дистрибуција од австриската компанија ЕВН. Нема простор за радост. Иако некој ќе каже дека придобивките на новата приватизација на дел од ЕСМ се многу големи бидејќи ќе дојдат нови идни странски инвестиции и нови јаки банки од типот на Рајфајзен, како и сигурност кај новите идни странци, сепак, во однос на приватизацијата на ЕСМ мора да ни се јасни два видни и суштински проблеми. Монополската позиција на новата компанија и очекуваното намалување на бројот на вработени на истата се косат со основните постулати од кои треба да работи секој економски кормилар на Македонија. Суштински е да се сфати дека во Македонија треба да создаваме услови за воведување на конкуренција и нови вработувања. И за дефинирање и поставување на таква економија потребно е многу напорна работа. Оваа трансакција не ги негува овие принципи. Главниот “про” аргумент во дебатата за приватизација на ЕСМ беше дека државата е лош стопанственик и затоа треба тие државни ресурси да прејдат во приватни раце. Ако е така, молам на Бога уште утре да изгрее сонце и по секоја цена следните волунтаристички приватизации да бидат Македонски Пошти, Јавното претпријатие Аеродромски услуги, Клинички центар како и преостанатиот дел од ЕСМ. Но, дали можеме нешто да научиме од процесот? Историски гледано ќе беше супер ако вакви приватизации преку тендер се правеа и во стопанските гранки каде што нема монопол. Денеска сите ќе бевме со подобар “моџо”. Сепак, иднината доаѓа и затоа одговорноста е на сите нас да бараме визија и почитување на основните вредности и правила за игра. Мораме да бараме одговорност за постапките што некој ги превзема во наше име. Денеска, факт е дека во Македонија во 2005 година имаше прилив на странски директни инвестиции во износ не поголем од 100 милиони долари. Истотака, факт е дека во Македонија немаме и нема најава на нови странски инвестиции кои ќе работат на намалување на дуото: трговски дефицит и невработеноста. Нашиот трговски дефицит во 2006 несвесно системски го решаваме со праќање на илјадници наши луѓе од Тетово и Куманово, гастабајтери, во Ирак и Авганистан. Одговорот треба да се бара во недоволната темелност и непостоењето на издржана фундаментална економска политика. Само човек кој што не знае што сака, кој што не знае кај е и што е, ниту пак знае како функционира системот на плима и осека, може секојдневно да бара заштита во компасот наречен “меѓународната заедница”. Не и треба добар кормилар на земја која што нема море! Смешен е фактот дека една од клучните работи што ние како држава сме ги научиле од ММФ е всушност методологијата како да раководиме со сопствените финансии. Еврообврзниците всушност денеска и заштедуват на Македонија десетици милиони евра во помали камати, но кој ќе одговара пред народот што 16 години на никого не му текна за таа едноставна трансакција и не оштети сите нас за исто толку пари, секој година? Крајно, треба да бараме длабоки познавања на материјата и да ни биде јасно дека сите народи во наша позиција работат дупло повеќе од нас. Неверојатно, во изминатиот период од дузина години само ВМРО – Народна партија издвои доволно средства да го испрати својот сопартиец Ден Дончев на постдипломски студии на еден елитен универзитетот во светот – Харвард. Колку ли ќе ни беше добар животот ако Бранко, Љубчо, Али и Арбен, сите заедно, инвестираа 2 години од својот живот и беа во Бостон, Оксбриџ или на École Nationale d’Administration, истотака.

Презумпција на вина

Денеска, Македонија има вжештена потреба од создавање на критична маса на компании, успешни приказни што креираат додадена вредност, кои се наптреваруваат на глобалниот пазар, експанзираат и прават профит. Тоа е факт. Реално пак, во Македонија за таква работа сеуште не е создаден фундаментот, почвата за култивирање на успешни бизнис приказни, изразен преку постоењето на примери од праксата, но и преку постоењето на трајни општо-прифатени вредности или предусловни премиси. Така, денеска во Македонија во бизнисот го немаме Тоше Проески, Симон Трпчевски, Пред дождот или Горан Стефановски. Ние не знаме да препознаеме како изгледа една близу перфектна бизнис скулптура или компанија, како што знаеме да видиме трајна вредност во споменикот на Томе Серафимовски. Ниту работиме на креирањето на дефиницијата за основните вредности, принципи, начела, преку кои сепак ќе можеме да кажеме добар збор за убава креација. Од тука, суштински, ние не се движиме кон Брисел на најдобриот автопат. За илустрација, Џек Велч, еден од најуспешните менаџери во историјата на корпоративна Америка, во интервју за ВолСтрит Журнал во месец февруари на прашањето “Дали се смета за богат човек?”, одговара дека да, тој е богат човек, но до одредена нормална граница. Сепак, тој вели, во неговата кариера речиси цел работен век творел во Џенерал Електрик, една од најпрофитабилните во светот, и со тоа ја имал целата заштита и сигурност од таа компанија. Затоа, заради тој релативно мал превземен ризик од негова страна и комфортот на столицата на која седел, тој смета дека надоместот што го добил од компанијата е сосема доволен. Потенцира, понатаму, дека никогаш не би сакал да се спореди со оние супербогати бизнис луѓе, на пример Мајкл Дел или Бил Гејтс, кои за разлика од него биле претприемачи, имале оригинални идеи, превземале огромни ризици, го ставале имотот под хипотека и во одредени случаи внеле несигурност кај својата најблиска фамилија. Од оваа изјава, всушност, може да се изолира основното правило-трајна вредност, на секоја пазарна економија: очекуваното ниво на заработка е правопропорционално со нивото на превземен ризик. Со други зборови, ако превземеш поголем ризик, основаш фирма, имаш идеја, гледаш пазарна можност, вложуваш капитал, вработуваш луѓе, и работиш деноноќно, треба да очекуваш дека тоа ќе се исплати и во случај ако навистина е успешно- да заработиш. По таа здрава логика, во Македонија најбогатите луѓе треба да се луѓето кои почнале нови бизниси со оригинални идеи, и кои изминатите 15 години успешно ги спровеле тие идеи на пазарот преку градење на сериозни компании. Таа претпоставка, сама по себе, мора да функционира во стварност бидејќи е основната премиса за едно здраво општество. Зошто? Ќе биде создаден ефектот на мултипликатор. Преку успешни примери младите генерации ќе гледаат ќар во почнувањето на нови иновативни бизниси, вработување на луѓе и сл. За несреќа, на теренот тоа не е така. Не само што динамичните бизнис луѓе-претприемачи во Македонија не се во позиција да бидат финансиски успешни туку тие луѓе се на маргините на општествениот живот. Парадоксот е уште поголем во тоа што успехот на збир на такви претприемачи на ниво на држава е единствениот одговор за како до зголемен стандард на живеење и евентуално носење на земјата во ЕУ во поблиска иднина. Од друга страна, потајно низ ткивото на општеството се провлекува славата на безличниот и неупотреблив лик на најуспешните транзициски играчи, денешните богати луѓе. Нивната приказна за успех засекогаш ќе остане табу, а во истовреме медиумите, а со тоа и сите ние, си го губат драгоценото време за да ја докажеме вистината. Како резултат, позитивното ткиво се расипува. Луѓето многу лесно ја дисквалификуваат искрената работа на секој претприемач. Се заборава дека тој слој на луѓе најчесто е со голем товар, има хипотека на целиот имот над глава, треба да обезбеди работа, да исплати плата секој први и да платат даноци од кои што живеат сите останати. Претприемачите се маргиналци бутнати во глувечка дупка. Немаат никаков глас, ниту пак се гледаат како решение. Законите не ги штитат, а елитите, администрацијата и народот, вооошто, ги гледаат како неопходно зло. За претприемачите во Македонија владее основната презумпција на вина, наместо невиност. Ги викаме газди наместо сопственици, во лош контекст. Денеска, такви луѓе не се идолите на нашите деца затоа што системот на вредности во македонската економија нив ги гледа како неуспешна приказна. Крајно, време е да ја смениме матрицата на размислување. Време е секој бизнис во Македонија да стане појдовна основа за размислување кога се кројат политики. Да не мотивира идејата како на нив да им се помогне да работат успешно. Администрацијата, службите, инспекциите и на крај вработените, мораат да разберат дека бизнисот мора да се движи непречено и ефикасно за да створиме пресврт. Мораме да се вратиме на спроведување на основните начела на пазарна економија и демократија.

Голема идеја

Дали всушност сите ние живееме во едно бесконечно реално Труманово шоу? Дали илузијата на Трумановото Шоу, филмот на холивудската продукција од 1998 година со глумецот Џим Кери, е секаде околу нас? Човек ќе се запраша дали ние сме манипулирани од големиот Продуцент и затоа не можеме да се отргнеме од вака поставената идилична стварност? Животот станува сатира во која се губи вистинското или големата идеја за сметка на одот во празно и залудно потрошеното време. На сличен начин, може да се наслика целиот систем на активности поврзани со економијата на Република Македонија во изминатите години. На кратко, недостасува Големата идеја преточена во низа од смели акции која ќе го разбие имагинарниот, вчерашен, свет и ќе не задвижи кон брз развој. За илустрација, во Америка секоја смена на власт носи спроведување на нови-Големи идеи. Во поново време се познати големите реформи направени од Регановата администрација во осумдесетите години, а продолжени од сегашната, и од Бил Клинтон со почеток во 1993 година. Њут Гингрич, докажан републиканец и можен кандидат за претседателските избори во 2008, во интервју за Волстрит Џурнал од минатиот викенд, а поврзано со политиките што неговата партија треба да ги изнесе пред народот во следниот изборен циклус, ќе каже: “Ни треба уште еден циклус на инзвонредни достигнувања. Тоа значи дека ние треба да искочиме со големи идеи кои ќе ги кажеме на јасен начин, и во истовреме ќе треба да се припремиме да одиме низ земјата, да ги убедиме луѓето, и да ја добиме дебатата за истите." Во случајот на Роналд Реган и Џорџ Буш помладиот јасно и гласно се практикува политиката на “supply-side economics”. Тоа е теорија која се залага за големо намалување на даноците по сите основи за да се стимулира економијата, која пак ќе врати со, пред се, поголема активност и развој, а на тој начин и со поголем износ на пари во државната каса отколку оној што би се собрал ако стапките на даноци останеле повисоки. Од друга страна, Бил Клинтон, во својата автобиографија, конкретно ја критикува таквата политика и ја анализира неговата голема идеја за раст и развој. Откако ги добива изборите, тој во период од неколку недели ги собира своите главни советници и заедно ја поставуваат економската политика со микс на мерки: големо намалување на буџетскиот дефицит преку заштеди во трошењето на државните инситуции и зголемени даноци со цел да се оствари економски раст преку намалени каматни стапки; и, фискално трошење на државни пари како еднократен стимул на економскиот циклус. Меѓудругото, Клинтон во 1993 година на почетокот на својот мандат конкретно дава предлози за следниве работи поврзани со економијата: давање на даночен кредит на малите бизниси за секоја нивна нова инвестиција за креирање на повеќе работни места, градење нови патишта и мостови во вредност од неколку десетици милјарди долари за инстант инфлукс на свежи пари во економијата, кратење на државната администрација за 100.000 луѓе, помали административни трошоци за 9 милјарди долари, зголемено оданочување на најбогатите за 3%, зголемување на данокот за енергенси, елиминирање на субвенцијата на нерезидентни сметки кои ги одлеваат домашните профити во надворешни земји, итн. Конкретно, со ваков начин на спроведување на јасни и смели економски политики САД умеат да го дуплираат својот стандард секои 25 години. За да не застанеме на ова, во нашиот регион истотака почна да се применува сличниот начин на размислување. Конкретно, во Србија на 8 февруари Министерот за Финансии, Млаџан Џинкиќ, објави дека во 2006 година Владата сака да реализира пакет од 68 закони поврзани со растеретување на економијата за поголема конкурентност, намален трговски дефицит, зголемување на вработеноста и економскиот раст. За таа цел на пример, тој најави дека во Србија ќе се намалат придонесите и даноците за плати од 73 проценти во однос на нето платата на ниво од 60 проценти и за секој вработен под 30 години возраст ќе има ослободување од плаќање на придонеси од 3 години. Во истовреме, Српската економија добива еден куп на добри оцени од страна на ММФ и Светска Банка. Кај нас, пак, работите се вртат во место. Минатата недела, Премиерот им одржа лекција на големите моќници од Стопанската Комора за основите на капитализмот со изјавата: “Треба да се промени свеста на стопанствениците и на граѓаните и тие да сфатат дека мора да се потпрат на своите сили, а не постојано да очекуваат помош од државата”. Алелуја. Политичарите конечно сфатија дека моќта е во претприемачите! Ама, на теренот, сепак, работите стојат поинаку и сеуште бирократите ги малтретираат малите и средните бизниси. Затоа, време е сите политички опции во Македонија во предвечерјето на парламентарните избори да ги соберат искуствата од минатите 60 години и да предложат пакет на Големи идеи за поставување на економски систем во Македонија кој ќе му овозможи на приватниот бизнис да се множи и да биде конкурентен со компаниите од регионот и светот. Во истовреме, државната администрација да стане инвестиција а не трошок за бизнисот.

Беовулф, исечи ја главата на Змејот!

Беовулф, најстарото дело во литературата на Англиски јазик, ја обработува епската приказна за херои и монструми или доброто и злото. Беовулф е легендарниот херој кој ја спасува неговата земја од теророт на Змејот. Ако Змејот го дефинираме како лонецот во кој сите ние се вариме како жаби и не чека неочекувана смрт, на сличен начин со епско сценарио може да ги решиме Македонцките работи. Во малку поголем скок на дејствија, во Давос на Светскиот Економски Форум на панелот наменет за ЕУ, Хавиер Сола-и-Мартин, Шпанец и професор по економија на Универзитетот Колумбија во Њу Јорк и на Помпеу Фабра Универзитетот во Шпанија, полемизира: “Јас предавам економија на два универзитети, па така, секогаш ги прашувам моите студенти што сакаат да прават кога ќе дипломираат. Во Њу Јорк сите ми одговараат дека сакаат да станат претприемачи и да почнат сопствен бизнис. Во Барселона, пак, 50 проценти сакаат да работат за државата, а 50 во банка.” Во Македонија е слична структурата, но истото прашање претпоставувам дека лесно ќе го добие државата во однос на банките, и тоа за голема разлика. Сега, одговорот не треба да го бараме во зошто е тоа така или зошто 100-те најдобри дипломци сакаат да се бутнат во администрацијата наместо да почнуваат нови бизниси, туку, да се фокусираме како да ја решиме таа голема препрека за прогрес на нашиот квалитет на живот? Мојот одговор, да го врзам кругот, е дека државата е проблемот и затоа треба да и ја отсечеме главата. Имено, во Македонија во изминатиот период од повеќе од 15 години се изнаслушавме митови дека работите само што не се помрднале од место, но се работи на капацитетот на администрацијата. Паметам еден колуарски разговор во бизнис круговите кога одредени странски инвеститори биле на состанок кај Премиерот Костов на разговор за конкретна инвестиција, а приказната вели дека тој лежерно ги советувал дека Македонија е хаотична и дека, на пример, тој е обиколен со медиокритети и затоа на некој начин дигнал раце од справување со тековните обврски поврзани со привлекување на СДИ. Јас верувам дека тоа е, била, и ќе биде вистината, и затоа треба да се соочиме со истата. Во Македонија сите ние сме влезени во еден маѓепсан круг на летаргичност, безизлезност, мала инфлација ама фиксни 10.000 ден. плати, намален наталитет, медиокритетство, љубомора, ‘schadenfreude’. Во тој круг никој не е оди во затвор, ‘рамковно’ ни се пљачкаат пензиите од Пошта, кучињата ги слетуваат авионите, а здравството е синоним за депонија. Како натаму? Всушност нашиот Беовулф се самите луѓе кои се повеќе и повеќе и вртат грб на државата. Но, тоа не е во негативен контекст. Напротив, луѓето си ја превземаат судбината во свои раце. Во умот се брише проклетството на социјализмот изразено преку моќта на државата да ги реши сите проблеми, а се појавува идејата за моќ на индивидуалецот да се справува со истите. Овој процес е највидлив во бизнис заедницата. Така, бизнисите се повеќе размислуваат за продуктивност, квалитет, ефикасност, иновација, конкурентност, инвестиции, соработка и развој. Конечно, откако бизнисите на своја кожа осетија дека државата нема капацитет да ги одговори ‘големали-те’ прашања, почнуваат да размислуваат како вистински капиталисти. Се групираат, се бориме, се љутат, даваме конкретни идеи, се советуваат, слушаме, учат и се надоградуваме. Изумираат шлепер-бизнисите од минатото кои зависат од монополи, тендери и партиски клучеви. ‘Laissez faire’ е ‘Alive and Kicking’! Тоа е збор што значи ‘остави, да направиме’ и со текот на времето всушност стана синоним со слободна пазарна економија, секаде во светот. Всушност, тоа е филозофија на размислување која бара од државата да си ја врши функцијата на воспоставување на ред, поредок и почитување на правата на сопственост, и толку. Но, со чесни исклучоци, таа доктрина не одобрува било какво мешање на било какви чиновници со нивните медиокритетни, а грандиозни, идеи за развој на Македонија. Всушност, истата е одговорот и носи кон логичен заклучок дека Државата е лош стопанственик и ја спречува слободата на индивидуалецот. Идеално, треба да се отпушти 50% од луѓето во државниот апарат, да се приватизираат што е можно повеќе нејзини сервиси и да се децентрализираме до максимум. Моќта да ја предадеме на локалните волунтери, како во Јума Аризона-град во кој сум живеел, со функција: Градоначалник. Не сакам да бидам наивен, во Македонија нема критична маса за таква доктрина. Но, можеме да направиме еден квантум чекор напред со креативни решенија. На пример, во регионот е во тек интензивна трка помеѓу компаниите и земјите, едни со други, во однос на квалитет, стандарди и зголемен извоз. Се спроведуваат ИСО стандарди, ХАССП, 20 Клуча, 6 Сигма, ТКЈУМ, ЦРМ, Алатки за продуктивност и сл.. Наместо вообичаената пракса каде што власта ги субвенционира некои од овие иницијативи, предлагам бизнисите да си изберат иницијатива, а државниот апарат да распредели барем 50% од својот кадровски капацитет на позиции-“Менаџери на процесот” во илјадници фирми во Македонија. Ако во Македонија има 40.000 фирми, ајде на сите од нив да им поставиме, доброволно, државен службеник кој ќе зема плата на основа на тоа дали тие спроведуваат реформи. Така, сите тие службеници ќе се најдат во огин, ќе имаат лесно мерлива цел, ќе го докажат својот капацитет, ќе бидат од корист за сите, ќе имаат работа, а сите ќе видиме инстантен ќар. Крајно, ако ја решиме економијата се друго ќе си дојде во ред.

Преку СЕФТА, Македонско економско чудо!

Несомнено, денешниот просечен граѓанин на Република Македонија со ном-де-гер Миле, на прашањето “Како ви оди?” со голема доза на цинизам ќе одговори дека спасот е во зачувување на струјата и преплатување на тутунот. Тој спој на неопределен и апстинентен гласач, или над 30% од гласачкото тело во земјата според последните истражувања, дефинитивно не гледа светлина на крајот од тунелот изразена преку адекватен одговор за прашањето на невработеноста и сиромаштијата. Уште попоразително е чувството дека движечката сила на економијата во добро и во лошо, бизнис сопствениците и претприемачите, исто така стануваат подложни на слична сива перспектива. Да напоменам дека 2005 година беше исклучителна тешка за водење на бизнис во Македонија. Нашата економија создава мал износ во профити, а со тоа и многу малку реална супстанца за раст и развој. Излезот, природно, треба да продолжиме да го бараме од надвор-ЕУ и СДИ. Затоа, ако Премиерката на Германија Меркел во својот говор на отварањето на Светскиот Економски Форум во Давос како платформа за излез на Германската економија од кризата го спомнува делото на Лудвиг Ерхард, основоположникот на ‘Вирсшафтс вундер’ или германското економското чудо од минатиот век, Македонија треба да го промовира делото на Оли Рен, основоположникот на СЕФТА. Во тој контекст, ако можеме да ги ставиме на вага сите досегашни конкретни иницијативи на ЕУ во однос на подобрувањето на условите за работа во нашата економија, предлогот на Европската комисија за воспоставувањето на СЕФТА, дефинитивно е масивен и заслужува подршка од бизнис заедницата во Македонија.
За што се работи? Познато е дека рак раната на нашата економија е неконкурентноста и недоволната иновативност на постоечкото стопанство преточена во конкретни мерливи резултати за голем тррговски дефицит, мал раст на БДП и голема стапка на невработеност. Таа сериозна малигност може да се отстрани само со превземање на ризични мерки од типот на болни реформи во јавниот и приватниот сектор, носење на директни странски инвестиции, стимулирање на активноста на извозниот сектор. За решавање на тие препреки на Македонија, повеќе од било која друга економија на Балканот, и треба поттик од надвор. Со СЕФТА го добиваме. СЕФТА е базирана на успехот на ЕУ, европската ЦЕФТА помеѓу земјите од Централна и Источна Европа веќе членки на Унијата како и на НАФТА во Северна Америка. Идејата е да се формира нова регионална трговска зона помеѓу земјите на Западен Балкан со која ќе се зголеми бизнисот помеѓу нив, а со тоа и растот на нашите економии. Во рамки на таа трговска зона ќе делува и позитивниот поттик на ЕУ со доделување на статус на т.н. дијагонална кумулација на потеклото на стоките, со што Македонија ќе може да увезува репроматеријали од голем број на држави а воедно да ги има бенефициите на производство на производи за привилегиран извоз во ЕУ. Оваа мерка особено е важна за текстилот како една од водечките извозни гранки во Македонија.
Но, не треба да ги заборавиме и факторите за привлекување на странски инвестиции. СЕФТА ќе и помогне на Македонија токму во насоката на намалување на ризиците при калкулацијата за превземањето на конкретните потези за инвестиција на посакуваните глобални играчи. За илустрација, странскиот инвеститор, според истражувањата на МИГА-Агенцијата при Светска Банка за промоција на СДИ, во топ 5 фактори кои влијаат врз носењето на одлука за инвестиција ги вбројува големината на пазарот, политичката стабилност, корупцијата, леснотијата на водење на бизнис и квалитетната работна рака. Ако ја имаме СЕФТА, со претпоставка дека ќе ги искористиме нашите пет минути за средување на сопствениот двор, сите важни фактори врз основа на кои се носи бизнис одлука за инвестиција на одредена локација ќе ја катапултираат Македонија на врвот на земјите во регионот во однос на атрактивност за странски инвестиции. Сите овие фактори денеска во Македонија го колебаат еден Џонсон Контрол да го превземе ризикот за инвестиција кај нас. Од друга страна, со СЕФТА ќе го добиеме тој краен момент, “точка на пресврт” според авторот Малком Гледвел, на прелевање на чашата во наша корист.
И многу повеќе. Факт е дека регионот на Централна и Источна Европа е на насловните страници на светските бизнис магазини во однос на атрактивност за правење на бизнис. Поточно, на второ место на планетата после Југоисточна Азија. За наша среќа, тоа е регион во чија мапа се наоѓа Македонија(види насловна на БизнисВик од 12 декември 2005). Така, регионот дефинитивно ќе привлече одредена сума на инвестиции во следните години, а дали Македонија ќе си ја искористи шансата, останува на нас. Затоа, без калкулации, и партиски пресметувања, ние мораме да изградиме национална платформа за спроведување на СЕФТА базирана на консензус и да го искористиме колебањето на останатите земји во регионот за да станеме лидер на процесите на интегрирање. Македонија може и треба да биде Естонија на Балканот. Помалку фокус на тутунот, повеќе кон извоз на паметни производи!

Tekstot e objaven vo Kapital na 6/2/2006

Соседите и ние

Изминатата недела во медиумите во Грција беше пренесена веста дека досега се инвестирани над 800 милиони УСД во широк опсег на проекти од планот на Владата на Грција за развој на Балканот. Оригинално, тој план беше проектиран за инвестиции од околку 550 милиони УСД, а поставен во рамки на иницијативата на самитот во Солун во 2003 година, кога Грција претседаваше со ЕУ, за економска реконструкција на најнеразвиените земји на Балканот. Денеска, во однос на Бугарија, која ги искористила сите средства, Македонија доби само 16,5 % од предвидените нешто над 70 милиони долари во инвестиции и грантови, пред се, во инфраструктурата, според соопштението објавено во Атинскиот весник Експрес пренесено од МИА. Грчкиот план за економска реконструкција на Балканот е дел од нивната проактивна стратегија од крајот на деведесетите години да бидат највлијателни во регионот во однос на релацијата на Европската Унија со земјите на Балканот а поврзана со економијата, капиталните инвестиции и инфраструктура. Реално, овој резултат е очекуван ако се земе во прилог турбуленцијата на односите помеѓу Македонија и Грција во изминатиот период од неколку години. Сепак, не треба да се заборави дека Грција имаше голем оброк на својата чинија со Олимпијадата, односите со Турција, Кипар, САД и сл. Од друга страна, компаниите од Грција се еден од најголемите бизнис инвеститори во Македонија од 1997 година до денеска. Поточно, ако се стави на страна инвестицијата на Матав во Македонски Телекомуникации од 2000 година, Грција е на прво место по број како и по големина на странски директни инвестиции и реинвестиции. За илустрација, приватниот сектор во Грција има вкупно пласмани од над 6 милијарди долари во пазарите на Балканскиот регион во периодот од 1992 до денеска.

СДИ ПРИЛИВИ ПО ЗЕМЈА ВО МИЛИОНИ УСД
2000 2001 2002 2003 2004
Централна Европа 19,289 16,548 21,994 10,142 16,348
Балкан 3,617 4,461 4,215 8,531 10,160
Албанија 143 207 135 178 341
БиХ 146 119 268 382 650
Бугарија 1,002 813 905 2,097 1,803
Хрватска 1,089 1,559 1,124 1,998 1,076
Македонија 175 442 78 95 150
Романија 1,037 1,157 1,144 2,239 5,100
Србија и Црна Гора 25 165 562 1,542 1,040
Балтикот 1,179 1,120 1,600 1,370 2,358
Сите земји во транзиција 29,513 29,373 36,786 35,879 51,619
Централна Европа во вкупниот удел (%) 65.4 56.3 59.8 28.3 31.6
Балканот во вкупниот удел (%) 12.3 15.2 11.5 23.8 19.7
Извори: ЕИУ(Економист Интелиџенс Јунит), УНКТАД и ЕБОР.



Избор на репрезентативни Грчки директни инвестиции во Македонија од 1997 до денес
Име на компанијата Инвестиција во постоечка компанија или од нула(гринфилд) Големина на иницијална инвестиција во милиони УСД Година
Хеленик Ботлинг Компани/Балкан Бру/ХСБЦ Пивара Скопје 34.0 1997
Балкцем(Титан и Холдербанк) Усје Цементарница 30.0 1997
Веропулос Гринфилд >2.0* 1997
НБГ-Национална Банка на Грција Стопанска Банка 46.4 1998
Хеленик Петролеум ОКТА 32.0 1998
Михалидес СА Струмица Табак 0.6 1998
ФХЛ Кириакидис Мермерен Комбинат Прилеп 9.6 1999
Алфа Банка Кредитна Банка >10.0* 2000
Елбиско Жито Лукс 14.0 2001
Германос Гринфилд >2.0* 2002
ОТЕ/КОСМОТЕ Гринфилд >30.0* 2002/2003
Тојота Гринфилд >1.0* 2002
Вкупно Грчки иницијални директни инвестиции >200.0*
Извори: веб страници на компаниите, ЕИУ(Економист Интелиџенс Јунит), Агенција за приватизација на РМ, *проценка.

Во релација со трендот на заладување на политичките односи интересно е тоа што во последните години Грчките нови инвестиции во Македонија се драстично опаднати, додека во соседна Србија истите се појавуваат во зголем обем. На пример, само во банкарскиот сектор во Србија се инвестирани над 300 милиони долари според истражување на Алфа Групацијата од Атина. Покрај политичките прилики, сепак, овој тренд се должи во голема мерка во разликата на стапките на развој на бруто домашниот производ(БДП) на годишно ниво, бројот на потрошувачите и нивото на спроведување на структурните реформи во стопанството во двете земји.

Перформанси на Балканските Економии според стапка на раст на реален БДП(%)
2001 2002 2003 2004 2001-04
Средна
Грција 4.05 3.76 4.7 4.2 4.2
Централна Европа(средна) 2.1 2.1 3.6 4.9 3.2
Балкан 4.7 4.7 4.3 6.3 5.0
Албанија 7.2 3.4 6.0 6.0 5.6
БиХ 4.4 5.5 3.5 5.0 4.6
Бугарија 4.1 4.9 4.5 5.6 4.8
Хрватска 4.4 5.2 4.3 3.8 4.4
Македонија -4.5 0.9 2.8 2.9 0.5
Романија 5.7 5.0 5.2 8.3 6.0
Србија и Црна Гора 5.5 4.0 2.1 8.0 5.1
Транзициски регион 4.9 4.4 6.3 7.0 5.6
Извори: ЕИУ(Економист Интелиџенс Јунит), УНКТАД и ЕБОР.

Крајно, развојот на економските настани во Грција и нашиот регион, денеска, е поволен и затоа треба да се очекува дека во следниот краткорочен период од година до две повторно ќе видиме бран на инвестиции од Грција во Македонија. На пример, во Грција голем број на големите компаниите зависат во однос на развојните планови од нивната позиција на Атинската берза. Истата доживува бум изразен преку индексот на Атинската берза, кој во месец мај доживеа 6-годишна кулминација, а во истовреме од почетокот на годината ги добива останатите во Европа и е горе за 17%. Дополнително, економијата во Грција има јак раст и наместо очекуваната контракција по Олимпијадата, економијата порасна за 3,7% минатата 2005 година. Во Грција, според Финаншл Тајмс, се очекува дека во 2006 економијата и потрошувачката ќе расте над 4% како резултат на зголемен број на потрошувачки заеми кон населението, приватизација на одредени банки и компании во државна сопственост, и интересот на странски портфолио инвеститори да ги финансираат развојните планови на големите Банки како на пример експанзијата на Националната Банка на Грција во Турција.
Еден дел од новите Грчки инвестиции ќе дојдат преку веќе постоечките инвеститори во Македонија. Маринос Јанопулос, генералниот менаџер на Алфа Банка, во изјава за ФТ декларира дека ќе бидат агресивни во регионот во однос на раст и развој и тоа преку двата начини, самостојно, т.е. органски, како и преку превземање на постоечки банки.

Регион/Земја БДП по глава на жител во 2004 во $
Балкан 3,190
Албанија 2,230
БиХ 2,070
Бугарија 3,130
Хрватска 7,340
Грција 21,000
Македонија 2,590
Романија 3,180
Србија и Црна Гора 2,790
Централна Европа 7,920
Чешка Република 10,450
Унгарија 9,940
Полска 6,340
Словачка 7,550
Словенија 16,250
Извори: ЕИУ(Економист Интелиџенс Јунит), УНКТАД и ЕБОР.

Tekstot e objavena vo Forum na 29/5/2006

Сјај во очите

Како одминуваат деновите, годините, веќе ти се гади од дневната конфронтација на левите, десните и третите. Како одминува времето, ти се дига притисокот од денешните СДСМ кои немаат одговор за клучните прашања поврзани со економијата, како и од сегашните ВМРО, кои не се во состојба да го убедат мнозинството во нивната искреност и компетентност. По толку изминато време, веќе почнувам да се прашувам: Дали навистина се вклучив активно во економскиот систем во Македонија со потикнување на нови идеи и бизниси за да го посветувам времето на дебатирање во недоглед за дали навистина на Македонија и треба равноправно поле за натпревар помеѓу фирмите, ниски давачки, подобар образовен систем, ниски трошоци за водење на бизнис, или пак точно одредени консензуални стратегии во клучните стопански гранки. На ваков начин, човек безполезно се исцрпува емоционално, а клановите кои ја доминираат сегашноста продолжуваат со својата летаргија и задоволството во веќе укотвените позиции. Но, од друга страна, тој притисок го враќа човек кон темелите, кон најфундаменталните прашања: Кои се визиите кои не натераа да почнуваме бизниси во Македонија и кои не тераат секојдневно да се бориме на пазарот со подобри идеи, услуги и производи? Што е тоа што ти дава сјај во очите, секојдневно?

Еве што мене ме пали. Јас верувам во веќе изгубената традиција на Македонската нација, традиција на семејни здрави луѓе, традиција на работливост, традиција на равноправност, толеранција и солидарност. Со други зборови, јас верувам дека луѓето се во срцето на Македонското искуство. Јас верувам дека нашето општество треба да е скроено на таков начин што ќе овозможи голем дел од нашите деца да работат и да се развиваат во динамична космополитска средина. Во таа насока, ако нешто може да го поттикне нашето друштво тоа е повеќе флуид и динамика. Мораме да ја прифатиме глобализацијата. Тоа е нашиот излез. Јас сакам да се натпреварувам надвор од овој тесен и загушен простор, со Американци, Словаци, Кинези, или Бугари. Нашите бизниси може да се подобруваат само ако варијаблата за споредба ни е глобалниот пазар. Ме радува и фактот што за да можеме да се натпреваруваме на глобално поле, ќе мораме да направиме многу реформи. Многу луѓе и процеси мораат да се сменат. Треба да дојдеме до равноправно поле за натпревар, до додадена вредност. На тој начин, ќе дојде и денот кога ќе можеме од сопствена работа да си купиме стан или куќа. Во однос на македонскиот бренд и нашата ‘спин’ приказна, јас верувам дека ние треба да изградиме бренд на “најработливата работна сила на Балканот”. Тоа е добра визија и продажна приказна. Македонски бренд: “Најпродуктивна работна сила во Југоисточна Европа.” Работна сила која умее разумно да размислува, обучена е за глобалниот пазар, сака да разбере и да се бори за да победи. Глобализацијата нема да не уништи, туку напротив, ќе не направи подобри и побогати. Ќе отвори повеќе можности отколку што ќе затвори. Јас ја сакам динамичноста на капитализмот. Борбата за бизнис опстанок или заработка е страст, а со тоа и динамо за брз раст и развој. Затоа, државата ја сфаќам како нужен столб за да им овозможи на луѓето и фирмите максимално подобно, со низок трошок и рамно поле за натпревар. Ја мразам државата која овозможува раст и подем преку непотизам и корупција. Го мразам системот кој им помага на безпомошните никогаш да не станат дел од работната сила. Сакам да имаме реформи кои им овозможуваат на луѓето да работат. Не верувам дека субвенциите се решение за нашите препреки. Фармацијата, туризмот и информатичка технологија ги гледам како стопански гранки кои треба да се фокус на нашиот извозен бум. Го мразам начинот на поставување на државниот образовен систем каде што никој не одговара доколку е произведен ученик или студент кој не е способен да се продаде на пазарот. Но, ја сакам конкуренцијата во образовниот систем и можноста нашите деца да имаат избор. Верувам дека кај нас многу лесно може да се подобрат нештата ако дојде до поширока употреба на мотото на Руди Џулијани, поранешен успешен градоначалник на Њу Јорк,:“нулта-толеранција”-за се, сите, насекаде. Од таков пример, верувам дека одговорот на сите наши прашања е веќе некаде околу нас. Светот веќе видел многу примери на вртење во место, слични на нашиот. Само, ни недостасува сјајот во очите за да ги реализираме реформите.

Како финале, во однос на секојдневната битка за самомотивација, сметам дека е добро од време на време човек да се одалечи од дневните загатки и да рефлектира за корените, за нашите основни вредности, за фамилијата и религијата, за темелите на нашата визија. На тој начин ние можеме да внесеме дополнителна енергија за да се победиме себеси и нашата инертност.

Tekstot e objaven vo Kapital na 10/16/2005

Monday, June 1, 2009

Каков менаџер си ти?


Во изминатиот транзициски период од две децении честопати се поставуваше прашањето за улогата на менаџерот во процесот на реорганизација на компаниите за успешна работа во услови на глобализација. Дали да бидеш успешен менаџер е вродена карактеристика или пак е вештина која може да се научи? Истотака, дали е возможно човек без искуство да биде ефикасен во менаџирањето на организациите? Водењето на еден бизнис подразбира квалитети на разбирање на проблематиката на индустријата, искуство, но и на меѓучовечките релации. Едното е поврзано со технички знаења, а другото е врзано со психологија. Во Македонија има примери за млади менаџери во првиот дел, но многумина паѓаат на тестот на искуство и на мекиот дел - водење на човечките ресурси. Гледано наназад, ова е логично бидејќи македонскиот бизнис раководен потенцијал во изминатите години беше десеткуван на две нивоа. Од една страна, лидерите на општествените компании се втурнаа во беспоштедната битка за здобивање на што е можно поголема контрола и капитал во фирмите што ги раководеа наспротив градењето на кадар. Дополнително, одреден процент на директори едноставно не можеа да разберат дека паднал Берлинскиот ѕид, и како резултат ги доведоа своите фирми до колапс. Од друга страна, испливаа нови амбициозни млади луѓе кои ја искористија неподготвеноста на една цела генерација директори и мидл-менаџери, скокнаа во ризик и создадоа нови бизниси. Резултатот на сите ни е јасен. Во Македонија не постои здраво ткиво на менаџмент кој доаѓа од природен процес на еволуција. Ова е проблем не само на Македонија, туку и на сите земји од Источниот блок во Европа. Времето, тренингот и едукацијата се најдобри лекови. На пример, минатата недела јас присуствував на еден исклучително добар дво-дневен тренинг спроведен од врвен психијатар-консултант во Словенија на темите: „Воспоставување на авторитет и резолуција на конфликтни ситуации при работењето”. Дополнително, за да се забрза овој процес на создавање на релевантни менаџери во нашата економија, новите истражувања покажуваат дека повеќе внимание и инвестиција треба да се посвети на техничкото знаење и здобивање на поткрепено бизнис искуство отколку што треба да се вложува во подобрување на ‘меките’ знаења за меѓучовечките односи. Имено, најновите истражувања покажуваат дека за да се биде врвен менаџер треба да имаш многу повеќе технички вештини, и искуство, отколку што е потребно да си добар раководител со луѓето со т.н. емоционална и социјална интелегенција. За илустрација, во истражувањето за најдобрите карактеристики што треба да ги поседува еден бизнис лидер, според Џим Колинс во неговата книга „Добри до најдобри”, како и во поновите истражувања во оваа бранша од страна на ПВЦ(ПрајсВотерхаускуперс), и (Steven N. Kaplan, Mark M. Klebanov, & Morten Sorensen)и сл., добар бизнис лидер треба да има квалитети на прецизна егзекуција, организациски способности, внимание за деталите, упорност, ефикасност, аналитичност и способност да работи долги саати. ПрајсВотерХаус истакнува дека испитаните бизнис лидери на светски корпорации издвојуваат дека еден добар менаџер што тие би сакале да го видат во своите редови мора да има технички способности, бизнис искуство, глобално искуство, јак карактер, иновативност, креативност и разбирање на ризиците во работењето. Со други зборови еден пријатен, добар, социјален, харизматичен, флексибилен, емотивен, со дух за тимска работа и емпатичен човек има многу помалку шанси да биде врвен менаџер отколку човек кој имаат карактеристики на организираност, прецизност, досадност, фанатичност, строгост и детерминираност. Според Дејвид Брукс од Њујорк Тајмс, еден бизнис човек за да е успешен треба да е скромен, зрел, стабилен, беспрекорен и едно-димензионален. Тоа, спред него, не се највозбудливите луѓе со кои може да направиш кафе-муабет. Тие луѓе не бараат слава и ловорки, туку сакаат да ги подобруваат работите милиметар по милиметар, секој ден. Оттаму, тој додава дека честопати, добар менаџер, незначи добар политичар. Бидејќи за врвен успех во двете работи се потребни дијаметрално различни особини и типови на луѓе.

Sunday, May 17, 2009

Колку долго може да останеме бонитетни?


На крајот на месец април, согласно мојот професионален ангажман, учествував на годишната конференција за инвестирање на ЦФА Институт од САД во Орландо, Флорида. Како и секоја година, овој настан ги изложи сите најнови размислувања за состојбата на светските економии и пазари на капитал. Ги упивавме идеите на релевантни предавачи од инвеститорскиот свет на академијата и праксата, на пример: Нуриел Рубини, Мајкл Мобусин, Мајкл Луис, Марвин Зонис, Андру Ло, Витни Тилсон, Расел Напие, и сл.. На почеток, обемот на светската криза на сите ни беше јасна кога разбравме дека бројот на учесници од 62 земји е преполовен во однос на минатата година. Суштински, во текот на таа недела се издвоија две линии на размислување за иднината на глобалната економија, една релативно црна и една донекаде розова. Црната варијанта ја доближи гуруто на тековната криза-т.н. „голема рецесија”, Нуриел Рубини професор од Њујорк Универзитетот. Тој смета дека рецесијата наместо на буквата В на латиница, како што очекуваат експертите, или пак У, ќе ја следи патеката на буквата Л-пролонгиран период од неколку години на стагнација или незабележителен раст во развиениот свет. Тој проектира дека во 2010 година САД ќе имаат незначителен економски раст од 0,5% во однос на размислувањето на консензусот на економисти во износ од 2%. Дополнително, Рубини смета дека ваквата ситуација ќе доведе до значителни проблеми во земјите во развој како на пример Кина, Источна Европа, Русија и Бразил. Кина има 25% намалување на извозот во однос на истиот период минатата година(Македонија има 43% намален извоз), и тоа води кон колапс на светската трговија. Во поблага варијанта, Мајкл Луис-авторот на неколку бест-селери во жанрот за финансии, со луцидни примери истакнува дека американските водечки финансиери се нашле во црна дупка без компас, со абсолутно незнаење, во однос на комплексноста на производите што нивните подредени луѓе ги продавале во понудата на нивните фирми, не само во Америка, туку и низ целиот свет. Имав чест накратко да позборувам со г-от Луис додека тој ставаше автограм на мојата копија на неговата нова книга „Паника - Приказна за модерната финансиска лудорија”. Ми кажа дека му е жал за сé, поврзано со кризата, што неговата земја ни стори на нас граѓаните на Југоисточна Европа! Пробав позитивно да го абсорбирам тој гест, и безмоќно одговорив: „Памти па врати”! Нејсе, низ спектрумот на размислувања, се надодаде Мајкл Мобусин, еден од 30-те најмоќни луѓе на Волстрит, кој издвои дека денеска во светот на финансиите мора да се земе во предвид и неперфектноста на човекот како таков. Тој вели: „Нашиот најголем проблем-сме ние самите”, затоа што, меѓудругото, „не ги вкалкулиравме сите ризици во веројатноста за очекуваните заработки”. Од аспект на розевата слика, Лиз Ан Сондерс од Шваб анализираше дека има индикации дека кризата е надмината, но со предзнак на внимание. Прво, пазарот на капитал изразен преку МСЦИ Глобалниот индекс има пораст од 34% од 9-ти март, дното на клучните берзански индекси на секаде во светот, до денеска. Второ, дури и конзервативниот Трише, главниот европски банкар, пред една недела изјави дека најлошото поминало. Трето, падот на потрошувачката на граѓаните во САД е стабилизиран. Четврто, масовниот фискален и монетарен стимул мора да излезе во некои од бројките. Петто, атрактивноста на цената на некретнините во САД е на историски високо ниво. Сите овие индикатори, заедно, покажуваат зрак на надеж. Крајно, јас го прифаќам мислењето дека светската економија концептуално треба да се адаптира за да ја прифати реалноста. Би ги истакнал Мартин Вулф од Фајненшл Тајмс и Мохамед Ел-Ериан од Пимко Инвестментс, како предводници на оваа линија на дебата. Реалноста покажува дека Америка и Британија нема да можат да продолжат да се задолжуваат за да може Кина, Јапонија и Германија да продолжат да извозуваат. Годишно, последните три земји во 2007 година правеа над 800 милијарди долари во суфицит на тековната сметка, за сметка на другите земји, највеќе на САД. Иако на сите земји во овој момент им тоне бродот, денеска, Американскиот потрошувач е задолжен до гуша, и ќе мора да штеди за да ги врати долговите. Во истовреме, Америка мора да го зголеми својот извоз со цел да оддржи макро стабилност на подолг рок, да го задржи статусот на добар домаќин и да има стабилна валута. Некој треба да ги купува тие производи. Кој? Кина, Јапонија и Германија, меѓудругите, велат Американците и Британците. Кинезите би сакале светот да се врати по старо. Тие заедно со Европјаните сметаат дека не се криви за кризата. Денеска, сите овие позиции се вртат во круг. Нема одговор на ова клучно прашање. А ние, ние би можеле да се поистоветиме со еден цитат од Кејнз кој вели: „Пазарите може и подолго да се ирационални, отколку што ти можеш да останеш бонитетен”.


footnote:
Процентот на потрошувачите во БДП на Кина во 2007 година е 35%, додека во САД е двојно повеќе или 70%. Втората страна на медаљата е дека Кинезите штедат и нивниот процент на Штедни влогови во однос на БДП е нешто над 50% во 2007.

Tuesday, April 21, 2009

Имаме акал за трка

Во светските медиумски кулоари денеска една од темите за јавна дискусија е поврзана со интелегенцијата-дали е наследена или пак може да се изделка во текот на развојот на еден човек? Актуелни се две книги, “Intelligence and How to Get It,” од Ричард Нисбет, професор на психологија на Универзитетот на Мичиген, и "Outlier" новиот бестселер на Малком Гладвел. Така, иако генералното толкување на интелегенцијата досега се објаснувала со генетика, се повеќе се говори за влијанието на семејството, околината, едукацијата и општеството на интелектуалните сопособности на луѓето. За илустрација, угледниот колумнист на Њујорк Тајмс, Николас Кристоф, го дава примерот на посвојување на сиромашни деца од страна на семејства во високата средна класа, и како ИК(коефициент на интелегенција) на децата расте за 12 до 18 поени, во зависност од истражувањето. Дополнително, тој цитира француско истражување кое покажува дека овие деца, од сиромашни семејства посвоени од родители со повисок статус во општеството, имаат ИК резултат и до 111. За разлика од нив, нивните браќа и сестри кои останале непосвоени имаат резултат од 95. Истотака, Нисбет, ја истакнува едукацијата на рани години како клуч за подобрување на перформансот во текот на животот. Корелацијата е видлива и реална. Колку повеќе се стимулира детето со интензивни програми за едукација во своите предшколски и рани школски години, толку повеќе тој човек понатаму во животот ќе биде спремен да се судри со реалноста на глобалната економија. Малком Гладвел во својата книга, истотака, дава нова светлина во однос на креацијата на успешни луѓе. Меѓудругото, тој презентира еден чуден тренд на зголемена успешност на спортисти кои во годините на развој биле повеќе стимулирани само затоа што биле родени во првиот квартал на годината. Така, во пионерските категории овие спортисти покажувале природно подобри резултати со оглед на тоа што биле физички поразвиени од оние родени во последниот квартал на годината. Но, со самиот факт што истите се исфорсирани од страна на околината како подобри, со повеќе внимание и дополнителни тренинзи, веќе во подоцнежните години како кадети или младинци нивните резултати драматично се подобри од оние на само нешто помладите конкуренти. Овој пример ме потсетува на моите искуства во пливањето во осумдесетите години кога во Македонија за прв пат масовно се развиваше овој спорт си отворањето на новиот базен Младост во Карпош. Настрана суперталентираните деца, секогаш во себе се лутев на оние пливачи само нешто постари од мене кои почесто влегуваа во екипата на пионери, над десет години, да се такмичат на југословенско ниво. Истите, мотивирани од патувањата ширум државата, понатаму, во само неколку години направија недостижна разлика помеѓу нашите резултати. На сличен начин може да се гледа и инвестицијата во развојот на децата. Со поголема доза на едукација и инвентивност на почетокот на едукативниот циклус, толку повеќе децата имаат капацитет да абсорбираат се повеќе нов материјал, и кога ќе се споредат со оние деца кои немале ваква поставеност на работите, веќе на адолесцентна возраст возот е толку избеган, што никогаш неможе да се достигне од страна на оние едукативно хендикепирани деца. Согласно тоа, во Македонија може да се констатира зачеток на еден перспективно многу моќен никулец. Забележувам позитивни ветришта во развојот на македонската младина. Интелектот на голем опсег на деца се стимулира преку широко распространет паралелен систем на едукација. Иако, училиштата и градинките се дотолчени и оставени на милост на буџетот, во Македонија, од Струмица, до Охрид, и Скопје, деца веќе од пет-шест години возраст, влегуваат во него. По училиште, во послепладневните часови интензивно со учи англиски, германски, кошарка, пливање, играорно, компјутери. Децата имаат мобилен, се допишуваат на скајп, а се шмекаат на фејсбук. Овие деца утре ќе бидат работната сила на страната на понудата. Македонија мора напорно да работи на страната на побарувачката, меѓудругото, и со доближување на овој тренд на потенцијалните странски инвеститори.

Monday, April 6, 2009

Реформи на реформите

Во изминатиот период имавме две големи реформи поврзани со начинот на исплаќање на платите, и тоа воведувањето на системот бруто-плата, и намалувањето на стапките на придонесите-за пензиско и здравствено осигурување. Иако е потребно време од неколку месеци за да легне целата реформа, и за да се прават веродостојни анализи, сепак, сведоци сме на почеток на дебатата поврзана за успехот на целиот проект. Така, Министерството за Финансии информираше дека наведените реформи се успешни, меѓудругото, со оглед на тоа што просечната месечна исплатена нето-плата за јануари 2009 година, во однос на декември 2008 година, е поголема за 13%(по мои анализи бројката е 8%, или зголемување од 17020 на 18426 денари). Тоа значи дека концептот на бруто-плата довел до вклучување на надоместоците за храна и превоз во бруто-платата кај најголем број на граѓаните. Супер, доколку е така! Мое мислење е дека концептот на бруто-плата е добар затоа што ја подобри ефикасноста на сметководствата во компаниите во однос на евидентирањето и исплатата на платите и придонесите, го намали исплаќањето на плати на црно, и ја зголеми контролата на даночните органи врз работењето на фирмите. Сето тоа е позитивно, и треба да се очекува дека ќе придонесе за зголемени уплати во социјалните фондови и зголемена продуктивност на компаниите, доколку се друго остане константно. Но, тезата дека вклучувањето на надоместоците за храна и превоз во бруто-платата е фактор за зголемување на нето платата во државата, ако се иземе државната администрација, е неточна. За илустрација, кај најзагорзените групи на работници, како на пример оние пријавени на минималец, евидентно е намалувањето на исплатените придонеси и за 40% во јануари 2009 во однос на декември 2008, што докажува дека позитивните ефекти изразени преку вклучувањето на храна и превоз во концептот на бруто-плата не ги зафаќа овие најголеми целни групи на вработени. Така, придонесот за ПИОМ на луѓето вработени на минималец, станува збор за десетици илјади работници во Република Македонија, во јануари 2009 година изнесува 2613 денари, а истиот во декември 2008 година изнесувал 3718 денари, разлика од над 40%. Ова е резултат на две работи, намалената најниска основица за пресметка на придонесите за ПИО (од 65%најниска нето месечна просечна плата на 50%од на најниска просечна бруто плата), и на намалените придонеси, заедно. Сега, прашањето е како овие реформи ќе влијаат врз висината и исплатата на пензиите за луѓето пријавени на минималец, но во истовреме, и членови на реформираниот пензиски систем? Повторно станува збор за десетици илјади луѓе. Згора на тоа, има десетици илјади други луѓе, со плати над просечната нето 18000 денари но не повеќе од четири просечни плати во износ од 73000 денари, кои видоа намалување на нивните уплати во приватниот пензиски фонд без разлика што храната и превозот влегоа во пресметките. Дополнително, во 2010 и 2011 се планира да се заокружи реформата за намалување на придонесите со што нашиот пазар за работна сила ќе може да се истакне како поконкурентен во однос на 2008 година од аспект на странски инвеститори, со пониски трошоци за социјални придонеси отколку во 2009 година. Сето тоа е добро од аспект на макро план-„големата слика”, за да се раздвижи нашата заспана економија. Но, негативен резултат на сите овие измени е целосна промена на очекувањето за висина на пензијата на голема група на луѓе-членови на приватните пензиски фондови. Со други зборови, за една голема целна група на граѓани сите оригинални пресметки на реформата за воведување на вториот столб паѓаат во вода. Ако би можеле ова да го споредиме со ситуацијата во Хрватска, каде што се дигна голема прашина поврзана со функционалноста на вториот пензиски столб само затоа што одредена група на нивни граѓани се пожалија кај Владата дека имаат помала пензија во компарација со пензијата од првиот столб, тогаш и во Македонија треба да се дигне истотолкава џева. Но, главната причина за недоволните износи за пензија не е светската криза и намалените приноси од инвестирањето на фондовите, туку воведувањето на реформи на реформите! Тоа како да се случува со секоја нова Влада без да се направи сеопфатна пресметка на очекуваните ефекти, и спроведување на соодветни измени. Крајно, во следниот период потребно е формирање на три-партитна (државата, синдикатите и приватниот сектор) комисија за синхронизирано испитување на сите оригинални претпоставки од реформата на пензискиот систем, вметнување на новите реформи поврзани со измените во износот на придонесите(Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување Сл.Весник 142), и изготвување на документ со предлог мерки за измени на тековните закони за да се постигне усогласување на претпоставките.

Monday, March 30, 2009

Македонија на Блумберг



На почетокот од месец март Македонската Берза излезе во јавноста со соопштение дека податоците од тргувањето со хартии од вредност на Македонската берза се достапни преку сервисот на Блумберг. За просечен човек или инвеститор оваа информација е сосема небитен шум во време на изборниот циркус. Сепак, “Македонија на Блумберг” е многу битен катализатор за развојот на домашната берза во иднина. Дури, може да се оди дотаму за да се прогласи овој чин за “светиот грал” за враќање на берзата од нок-даун. Во периодот на демократизација на финансиските пазари низ целиот свет, по падот на Берлинскиот ѕид од дведесетите години наваму, потребата за Блумберг сервисот експоненцијално расте. Мајк Блумберг, сегашниот градоначалник на Њу јорк, е основоположникот на овој сервис за дистрибуција на информации, податоци, вести, и анализи за сите финансиски инструменти и хартии од вредност од секое ќоше на светот. Ова е класична приказна за успех на една старт-ап команија; од идеја до светски бренд. Првата верзија на прочуената десктоп машина-терминал се појавува на пазарот во далечната 1984 година. Компанијата Блумберг, изнајмува терминали за пристап до сервисот, преку месечна рента, на над 250 илјади финансиски институции и професионалци низ светот, меѓудругото и на НЛБ Тутунска банка и Комерцијална банка во Македонија. Ова е неопходен сервис за институционалните инвеститори (фондови, осигурателни компании, банки) што се бават со пласман на пари на финансиските пазари (т.н. buy side), од една страна, и за сите оние што се задолжуваат (т.н. sell side), од друга. За прв пат се сретнав со прочуениот терминал за време на мојата работа во Мерил Линч во 1997 година. Тогаш, сите новодојдени млади вработени, како деца во слаткарница, се тепавме да дојдеме до пристап на само едната инсталирана верзија на машината за канцеларија од 300 луѓе. Нормално, како последни во хиерархијата, мораше да се чека до касно навечер за да може да се ужива во доживувањето наречено Блумберг. Понатаму, имав среќа во 2007 година, како учесник на 60-ет годишнината на ЦФА Институтот, да посетам специјален прием-коктел на дваесет и деветиот спрат од прекрасната многукатница и седиште на компанијата во Њу јорк. На тој начин и директно, од внатре, се запознав со моќта на Блумберг. Кругот се затвори во текот на 2008 година кога бев во тесна комуникација со бизнис пријател од големата холандска осигурателна куќа и асет менаџер-ИНГ. Господинот Хенк де Брујне од Холандија, ме извести преку е-маил порака дека нивната ќерка компанија, ИНГ-Друштво за управување на инвестициски фондови со седиште во Грција, сака да инвестира во рамки на нивниот Балкански Фонд во компании кои котираат на Македонската берза. ИНГ Инвест Балкан фонд инвестира во компании во Грција, Турција, Бугарија, Романија, Хрватска, Србија, Словенија и има статутарно одобрување за инвестирање во Македонија. Во рамки на нашата дискусија, крајно, излезе дека единствена пречка за реализација на нивните инвестиции беше, процедурална, но битна: „Македонија не е на Блумберг!”. Поаѓајки од фактот дека грчките инвеститори гледаат можности и во Македонија, по Букурешт, покажува дека во светот на инвестирањето политиката е најмал проблем. Но, неповрзаноста е! Во тој контекст, за пофалба е вложениот труд од страна на Македонска Берза АД да биде дел од Блумберг и да се зацврсти и оваа алка од поврзаниот синџир. Така, т.н. “електронско крдо”, што е опис за фондови и инвеститори од целиот свет кои вложуваат и влегуваат на пазарите со голема брзина, но со исто толкава динамика ги напуштаат истите, ќе може истотака да дејствува и во Македонија. Ние сме дел од инвеститорскиот свет, и на овој начин со помошта на анализите на Блумберг платформата, еден обичен граѓанин од Кина или Индија преку инвестициски фонд во локалната земја ќе може да инвестира во компании во Македонија за да дојде до разумен профит на долг рок. Крајно, Македонските компании и пазар ќе влезат во групата на земји од Пазарите на маргините (Frontier Markets) како посебна атрактивна група на пазари за инвестирање со надпросечна стапка на раст и развој. Во рамки на светскиот инвеститорски жаргон, Фронтиер маркетс е добра работа, и во таа номенклатура се Словенија и Хрватска покрај Бугарија, Романија, Естонија, Казакстан, Украина, земјите од Блискиот исток, некои пазари во Африка, Виетнам и Шри ланка. Овие земји имаат развиен Пазар на капитал, брзо-растечки компании, интерес кај странските институционални инвеститори, но и информација за нив на Блумберг.

Monday, March 16, 2009

Соларна Република


Минатиот викенд помина со уште една акција за садење на дрва. Ако ги следиме рекламите во некои од дневните весници за како акцијата „Ден на дрвото” епидемиски се распространува ширум светот човек ќе си каже дека навистина сме го изоделе патот. Но, сепак, светот ниту почнува ниту завршува во нашата република. Денеска, светските сили, иако во големи економски тешкотии, почнуваат една нова трка за превласт, слична на трката за освојување на вселената и носење на човек на месечината, помеѓу САД и СССР, за време на Студената војна во шеесетите години од минатиот век. Оваа најнова трка е за фаќање на приклучок, пред се, но и и за евентуална доминација во новата голема индустрија - градење на ‘чисти енергетски системи’, кованица на Том Фридман - колумнист и автор од Њу јорк тајмс. За да се потврди сериозноста на оваа теза, на пример, Фајненшл тајмс неодамна објави споредба помеѓу сите големи земји од Г-8, нивните најнови пакет мерки за потикнување на домашната економија и колкав процент од пакетот опфаќа инвестиција во зелени бизниси и проекти. Така, Кина, ЕУ и САД се покажуваат како исклучително посветени на овој тип на стумил за развој на нивните економии за следните години. Во Кина, за илустрација, од предвидените 586,1 милијарда долари за фискална инекција во домашната економија, 221,3 милијарди или 38% од пакетот, отпаѓа на зелени мерки. Во проценти бројката за ЕУ е уште поголема со 59% (Европска Инвестициска Банка издвоила 12 милијарди евра за зелени проекти за следните 2 години). За да биде појасно, овие инвестиции се наменети за воведување на подобра енергетска ефикасност во зградите, стимулирање на употреба на возила и скутери со електрична енергија како напојувач, јавни транзитни системи, проекти за конзервација на енергија, даночни олеснувања за воведување на соларни панели, намалување на ддв за ветерници, нуклеарна фузија и сл. Од таму, Македонија има интерес да се приклучи на ова движење преку тектонски промени во начинот на кој размислуваме, живееме и работиме. Македонија може да создаде имиџ како најзелена, најенергетски ефикасна, и најенергетски продуктивна земја на Балканот. Да ги ‘надзелениме’ нашите соседи! А, така, уште едаш ќе потврдиме дека сме дел од Европа, иновативен дел. За таа работа, потребно е паралелно воспоставување на повеќе проекти. Прво, како во Германија и дузина други Европски земји, така и кај нас треба да имаме систем за поврзување во електричната мрежа и исплата на произведувачи на електрична енергија од обновливи извори. Едноставно кажано, државата со финансиски стимул да ги потикне домовите и бизнисите да произведуваат зелена енергија. Во Германија, на пример, индивидуалци кои поставуваат соларни панели на крововите на своите куќи можат да бидат платени и до 4 пати повеќе за производство на електрична енергија во споредба со електростопанството. Германија на сите овие претприемачи им гарантира сигурен поврат на инвестицијата со цена фиксирана со закон за цели дваесет години. Зарем не треба Македонија, земја со Сонце на својот грб и знаме, да биде лидер во инсталација на соларни системи? Зарем не треба да живееме од Сонцето во иднина, наместо да се враќаме на Сонцето од минатото? Следно, нашата ЕУ перспектива треба да е насочена во превземање на know-how и искуства поврзани со зелената енергија како нова огромна индустрија во светот во следниот век. Не е касно да почнеме програми за изучување на овие технологии на нашите универзитети. Да ги бараме странските инвестиции поврзани со производство на силиконски фотоволтаични соларни ќелии, кои ги конвертираат сончевите зраци во електричната енергија. Со субвенции да ги привлечеме инвестициите од фирми-производители како Шарп од Јапонија, Сантек Пауер од Кина, или БП од Британија; и не е страшно за предност да нудиме високопродуктивна но ефтина работна рака. Потоа, локалната самоуправа може да направи промена на сите традиционални улични светилки со флуоросцентни еко-светилки за заштеда на енергија, јавниот превоз да биде со автобуси со хибриден мотор (плин+електрична батерија), а спортските сали напојувани со геотермална енергија. Понатаму, според едно релевантно истражување на МкКинсеј Глобален Институт употребата на електрична енергија во зградите може да се намали и до 30% ако се воспостават системи за зголемена енергетска ефикасност. Зошто да не се постави регулатива за воспоставување на ваков начин на градење на нови згради, со искуства од Јапонија на пример? Заштедата на енергија е најдобриот начин за намалување на потрошувачката и на тој начин имаме шанси да ја намалиме потребата за барем една нова 500 мегаватна централа до 2020 година. Крајно, како престиж на нашата соларна република, куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје може да биде пример за “нето-зеро зграда”, т.е. обијектот да троши толку колку што произведува енергија.

Monday, March 9, 2009

Дали стравот ги хипнотизира инвеститорите?


Македонската берза, изразено преку индексот МБИ-10, во изминатиот период падна на вредност од 1.700 поени, ниво видено за последен пат во март 2005 година. Дури и лаиците ќе кажат даке овој неверојатен пад на цените на акциите е предизвикан од глобалната економска криза. Но, истотака, прашање е дали можеби цената на акциите на Македонски Телеком е толку ниска за да се добива принос од дивиденда од над 30%? Или за Стопанска Банка Битола да се добива дивиденден принос од над 15%? А што станува со Комерцијална Банка со речиси 10%? Или, Макпетрол на 4,5%, Алкалоид (3,5%)? За што станува збор? Нормално, купувањето на акции подразбира превземање на ризик, и истотака нема гаранции за идните дивиденди или профити(загуби). Но, оваа летаргичност на инвеститорите дефинитивно ја фрла во вода економската теорија за ефикасни пазари во која разумни луѓе носат разумни одлуки за вистинските цени на производите и услугите. Истотака, падот на цените оди до таму што процесот пркоси на било какво рационално однесување. Во нормални времиња, цената на акциите се очекува да расте на ниво од 8 до 12% на годишно ниво, надополнето со принос од дивиденда од 2-3%. Севкупно, очекуваниот номинален принос за инвестирање во акции на Македонската Берза треба да се движи и до 15% на годишно ниво, во просек, во некој среднорочен период од 10 години. Од таму, во овој момент кога на Македонската Берза имаме можност за толкави реални заработки од дивиденда повторно се појавува дисбаланс на пазарот на капитал. Некој ќе каже дека среќата ги прати храбрите, и дека сега е инзвореден момент за купување на селектирани хартии од вредност. Сепак, денеска сме сведоци дека и при вакви цени, речиси и да нема куповни налози за најдобрите македонски компании на Македонската берза. Брет Арендс, новинар од Волстрит Журнал, го нарекува овој процес на „хипноза на ефикасен пазар”, изведен од постоечката теоријата на „хипотеза на ефикасен пазар”. Хипнозата е пресликана во тоа што како инвеститори веруваме дека е сосема нормално една добра компанија да има пад на својата вредност од 90%, и дека има добра причина за тоа. Дополнително, забораваме дека пред една и пол година пазарот одеше во сосема обратна насока, и нормално, и за тоа имаше добра причина. Многу луѓе, не се исклучувам себеси, беа заведени од заслепувачката моќ на растечкот пазар во 2006-та и 2007-ма година. Во тоа време, луѓето што зборуваа за продавање на акциите бидејќи се наоѓаат на математички неприфатливо ниво, се ставаа во вагонот на берзански еретици. Затоа што, и по Вакниновиот повик „МБИ-10 на 4.300” од јуни 2007 година кога индексот беше на ниво од 6.800, берзата порасна за дополнителни 50% до врвот од 10.058 поени во август 2007-ма. Иако во прво време оценет како несериозен, тој беше во право. Но, со нешто задоцнет ефект. Тогаш коефициентот на мултипликатор на П/Е, цена во однос профит, на компаниите во МБИ-10, индексот на македонската берза, беше на ниво од над 50 пати. Денеска, истиот животари на ниво од 5 пати. Овој коефициент, при рамномерна работа, го означува бројот на години што е потребен за целосно да ти се вратат парите од вложената инвестиција исклучиво преку добивката на компанијата. За споредба, во Америка како најразвиен светски пазар за акции, во овој момент истата бројка е на ниво од 15 пати. Не е сигурно колку длабок рез ќе остави оваа криза, ниту пак колку години ќе трае. Но, со сигурност може да се каже дека луѓето имаат фундаментална потреба и се мотивираат од приказни за успех, од градење на вистини преку искуствата на блиските, и истотака од слепо верување во чуда од типот „збогатување преку ноќ”. Истото важи не само за македонските, туку и за словенечките, хрватските, европските инвеститори. Оваа психолошка и социлошка димензија на инвеститорите се опишува во најновата книга на Шилер, „Животински инстинкти”, и во една фантастична статија во Фајненшл тајмс. Останува да го следиме развојот на настаните и да веруваме дека сепак еден ден ќе дојде принцот на белиот коњ за да не врати во реалноста.

Monday, March 2, 2009

Администрацијата е ѕверот


Во предвечерјето на изборите вработувањето е секогаш релевантна тема. Во изминатите денови сме сведоци на големи неусогласувања на статистиката во однос на бројот на нови вработувања објавени во некои од дневните весници. Така, во земјата официјално се водиме со цифра од околу 33% на невработеност. Од друга страна, Заводот за статистика и Агенцијата за вработување немаат заеднички показател за состојбата на пазарот за труд. А, внатре во тие бројки се наоѓа и големиот ѕвер - Администрацијата. Според некои неофицијални статистики, големината на државната администрација брои 120.000 луѓе. Официјални податоци нема, и се прашувам зошто? Според СОНК во образование, наука и култура има над 30.000 вработени. Во здравството се уште околу 20.000 вработени. Преостанатиот дел од вработувањата во јавната администрација припаѓаат на државната и локалната управа. Од таму, во Македонија отпаѓа околу 10% на бројот на јавната администрација (без образование, здравство и јавни претпријатија) спореден со вкупниот број на вработувања во државата. Во другите земји со кои сакаме да се споредуваме овој број варира од околу 10% во Белгија, 9% во Франција и Грција, понатаму нешто над 6% во Полска и Чешка, се до 4% во Финска и Ирска. Од средствата во Буџетот на Република Македонија за 2009 година се предвидени 410 милиони евра за плати и надоместоци во тековните расходи. Интересно е да се напомене дека буџетот на нашата држава пред само 5 години, во 2004 година, изнесувал 1,4 милијарди евра, а сега во 2009 година ќе биде речиси двократен со износ од 2,7 милијарди евра, а за истовреме ставката за плати и надоместоци во тековните расходи е зголемена за само 17%. Така, се поставуваат неколку прашања. На пример, дали во Македонија во изминатиот период од 5 години има зголемен број на вработувања во јавната администрација на сметка на релативна стагнација на покачувањата на нивните примања? Или, колкав е бројот на нововработени лица во државниот и локалниот апарат во истиот период? Колкава е продуктивноста на оваа маса на луѓе споредена со истата во Финска која секоја година завршува на врвот на листата на најконкурентни држави? Или обратно, колкав дополнителен економски трошок прават сите луѓе кои не се правилно распоредени со конкретни работни задачи согласно планот за систематизација на соодветната работната единица? Дали овој број на јавна администрација некогаш ќе дојде под лупа и ножиците на Регулаторната гилотина на Ставревски? Кога се прават анализите за конкурентноста на државите, на пример според методологијата на Светскиот Економски Форум, влијаат многу фактори како на пример институциите, макроекономската стабилност, едукацијата, инфраструктурата, големината на пазарот, иновацијата и сл. Но, едно е јасно. Колку бројот на луѓе кои добиваат пари од државата расте толку подоле Македонија ќе паѓа во својата конкурентност. Од едноставна причина, сите тие луѓе се навикнуваат на медот и без разлика на фактот што тие, нивните деца, и генерации што доаѓаат, ќе имаат намалени стапки за пораст на животниот стандард, повисоки даноци, висока невработеност, и неконкурента бизнис клима, истите одат на гласачките места за време на изборите и го даваат својот глас „За”. Тоа е мач со две острици, и затоа, до сега, во помладата историја на нашата држава, никој не сакаше да ја сече гранката на која што седи. Ова прашање, на адекватна и функционална бирократија, по Охридскиот договор дефинитивно се стави и ќе се става под тепих на владејачките гарнитури за годините што доаѓаат. До кога? Ако сакаме да имаме Европска Македонија, држава во која администрацијата работи како за двајца Финци, наместо како за еден Бугарин или Хрват, овој жежок костен некој политичар во иднина ќе мора да го грабне во рака. Не случајно во САД, најконкурентната земја во светот, денеска во јавните дебати се зема примерот со Франција, како еден пример за „како не треба” со претерана големина на јавниот сектор, и истотот се споредува со оној во Калифорнија, каде се случува буџетска криза и се даваат предлози за надминување на истата. До тогаш, навистина нема да имаме релевантен број за големината на државната администрација.

Monday, February 23, 2009

Квалитетна фискална стимулација е дел од одговорот


Минатиот викенд на состанокот на моќниците на ЕУ во Берлин, посветен на глобалната криза, се потврди фактот дека Источна Европа е во пламен и се понудија планови за спас. Имено, Европските лидери изјавија дека ММФ-Меѓународниот монетарен фонд, ќе ги зголеми ресурсите за помош економските кризни жаришта на износ од 500 милијарди долари. Намалувањето на економскиот обем предизвикува лоши ефекти во однос на стабилноста на курсовите на националните валути, на можноста да се враќаат долговите, и се разбира на екомскиот раст воопшто. Прашањето што ги грижи светските финансиери е како и дали ќе може да се рефинансираат овие кредити во Источна Европа без помош на трета страна од типот на ММФ или богата земја членка на ЕУ. Сите клучни економски показатели наведуваат на претпоставка за лошо сценарио. На пример, во последните шест месеци економиите на Романија, Чешка, Полска, и Унгарија имаат девалвација од над 20% на националната валута во однос на доларот. Тоа е предизвикано од падот на извозот преку падот на индустриското производство пред се, како и од одливот на капитал. Така, Литванија и Латвија имаат околу 15% дефицит на тековната сметка за 2008 година, додека Бугарија завршува со енормни над 20%. За споредба, во Македонија дефицитот на тековната сметка е историски најголем за последните години и изнесува околу 14% според најновите податоци. Дополнително, задолженоста во однос на нето надворешниот долг на државите во Источна Европа е на загижувачко ниво. На пример, во Естонија е на 130% во однос на Бруто домашниот производ(БДП), во Летонија е 116%, додека во Романија е на ниво од 40% од БДП. За споредба во Македонија нето надворешниот долг заклучно со 30.09.2008 година изнесува 560 милиони евра, или под 10% од БДП, што е релативно ниско ниво на задолженост. Сите знаеме дека во 2009 година Македонија, како и многу други земји од Источна Европа, ќе биде исправена пред голем притисок врз одржувањето на економската стабилност. Народната Банка го направи своето со подигање на сите рестрикции поврзани со кредитирањето на населението и стопанството. На тој начин, полека но сигурно динамиката на приватниот сектор ќе почне да се задушува. Сведоци сме на секојдневни примери за откажани кредити од страна на банките за малите и средни претпријатија. Така, сигурно ќе дојде до подобрување на лошите бројки во трговската размена со странство, но за сметка на влошување на квалитетот на животот. Од друга страна, Државата пробува да се одбрани од намалување на проектираниот пораст на бруто домашниот производ со активна фискална политика со тековни расходи и капитални инвестиции на ниво кое што не сме го виделе во изминатите години. Всушност, се поставува прашањето дали Македонија треба немо да седи на страна и да го прифати целиот шок од Светската криза со рестриктивни политики како што препорачува ММФ, или пак да проба да се одбрани, колку-толку, со фискални мерки каде што државата со своето трошење ќе го превземе товарот за растот на економијата, како што успешно го направи Кина на два наврата во последниот период, и сега се спроведува во САД. Цената на второто сценарио е дефицит во буџетската сметка, и истото треба да се спроведува и во поголем обем од планираното. Но, во таков развој на настаните дали имаме извори за кредитирање преку кои ќе се финанисра таа дупка? Во овој момент, Министерството за Финансии игра симултанка со домашните извори за задолжување преку непрестано издавање на три месечни записи. Но, тој извор за финансирање очигледно не е доволен. Министерството само во четвртиот квартал од 2008 има искористено речиси 200 милиони евра од своите депозити во Народна банка за да се финансираат најразлични проекти. На почетокот на годината, во Фајненшл тајмс се огласи Томас Мироу, претседателот на ЕБРД (Европската банка за обнова и развој), кој изложи дека тие се спремни да ја подржат Источна Европа во 2009 година во износ од над 7 милијарди евра. Согласно таа политика, пред еден месец се реализираше зделка помеѓу нашата држава и ЕБРД за кредит од 50 милиони евра за развој на патна инфраструкура. Потребен е дополнителен напор од страна на државата за да се финансираат други капитални инвестиции на овој начин, кои ќе имаат ефект на мултипликатор во економијата и ќе ја зголемат конкурентноста на нашата економија на долг рок (проекти во енергетиката). За жал, останува стравот дека партиските интереси се во преден план-изборите во март, и зголемениот буџетски дефицит има големи шанси да заврши во неквалитетни и непродуктивни расходи.