Monday, April 6, 2009
Реформи на реформите
Во изминатиот период имавме две големи реформи поврзани со начинот на исплаќање на платите, и тоа воведувањето на системот бруто-плата, и намалувањето на стапките на придонесите-за пензиско и здравствено осигурување. Иако е потребно време од неколку месеци за да легне целата реформа, и за да се прават веродостојни анализи, сепак, сведоци сме на почеток на дебатата поврзана за успехот на целиот проект. Така, Министерството за Финансии информираше дека наведените реформи се успешни, меѓудругото, со оглед на тоа што просечната месечна исплатена нето-плата за јануари 2009 година, во однос на декември 2008 година, е поголема за 13%(по мои анализи бројката е 8%, или зголемување од 17020 на 18426 денари). Тоа значи дека концептот на бруто-плата довел до вклучување на надоместоците за храна и превоз во бруто-платата кај најголем број на граѓаните. Супер, доколку е така! Мое мислење е дека концептот на бруто-плата е добар затоа што ја подобри ефикасноста на сметководствата во компаниите во однос на евидентирањето и исплатата на платите и придонесите, го намали исплаќањето на плати на црно, и ја зголеми контролата на даночните органи врз работењето на фирмите. Сето тоа е позитивно, и треба да се очекува дека ќе придонесе за зголемени уплати во социјалните фондови и зголемена продуктивност на компаниите, доколку се друго остане константно. Но, тезата дека вклучувањето на надоместоците за храна и превоз во бруто-платата е фактор за зголемување на нето платата во државата, ако се иземе државната администрација, е неточна. За илустрација, кај најзагорзените групи на работници, како на пример оние пријавени на минималец, евидентно е намалувањето на исплатените придонеси и за 40% во јануари 2009 во однос на декември 2008, што докажува дека позитивните ефекти изразени преку вклучувањето на храна и превоз во концептот на бруто-плата не ги зафаќа овие најголеми целни групи на вработени. Така, придонесот за ПИОМ на луѓето вработени на минималец, станува збор за десетици илјади работници во Република Македонија, во јануари 2009 година изнесува 2613 денари, а истиот во декември 2008 година изнесувал 3718 денари, разлика од над 40%. Ова е резултат на две работи, намалената најниска основица за пресметка на придонесите за ПИО (од 65%најниска нето месечна просечна плата на 50%од на најниска просечна бруто плата), и на намалените придонеси, заедно. Сега, прашањето е како овие реформи ќе влијаат врз висината и исплатата на пензиите за луѓето пријавени на минималец, но во истовреме, и членови на реформираниот пензиски систем? Повторно станува збор за десетици илјади луѓе. Згора на тоа, има десетици илјади други луѓе, со плати над просечната нето 18000 денари но не повеќе од четири просечни плати во износ од 73000 денари, кои видоа намалување на нивните уплати во приватниот пензиски фонд без разлика што храната и превозот влегоа во пресметките. Дополнително, во 2010 и 2011 се планира да се заокружи реформата за намалување на придонесите со што нашиот пазар за работна сила ќе може да се истакне како поконкурентен во однос на 2008 година од аспект на странски инвеститори, со пониски трошоци за социјални придонеси отколку во 2009 година. Сето тоа е добро од аспект на макро план-„големата слика”, за да се раздвижи нашата заспана економија. Но, негативен резултат на сите овие измени е целосна промена на очекувањето за висина на пензијата на голема група на луѓе-членови на приватните пензиски фондови. Со други зборови, за една голема целна група на граѓани сите оригинални пресметки на реформата за воведување на вториот столб паѓаат во вода. Ако би можеле ова да го споредиме со ситуацијата во Хрватска, каде што се дигна голема прашина поврзана со функционалноста на вториот пензиски столб само затоа што одредена група на нивни граѓани се пожалија кај Владата дека имаат помала пензија во компарација со пензијата од првиот столб, тогаш и во Македонија треба да се дигне истотолкава џева. Но, главната причина за недоволните износи за пензија не е светската криза и намалените приноси од инвестирањето на фондовите, туку воведувањето на реформи на реформите! Тоа како да се случува со секоја нова Влада без да се направи сеопфатна пресметка на очекуваните ефекти, и спроведување на соодветни измени. Крајно, во следниот период потребно е формирање на три-партитна (државата, синдикатите и приватниот сектор) комисија за синхронизирано испитување на сите оригинални претпоставки од реформата на пензискиот систем, вметнување на новите реформи поврзани со измените во износот на придонесите(Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување Сл.Весник 142), и изготвување на документ со предлог мерки за измени на тековните закони за да се постигне усогласување на претпоставките.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
1 comment:
За жал многу слаба анализа. Позитивните ефекти од бруто платата се само шминка.
1,Дека ке се подобрела ефикасноста на сметководствата на компаниите -нема никаков основ,
2,Ке се намалела исплатата на црно- и досега тоа беше забрането дури и кривично дело по чл. 167 од КЗ.
Само се направи хаос со храната и превозот-зошто тој што патува да има поголема пензија, на административците најпрвин им се исплаќа на сите, а после го враќаат.
За 2010 и 2011 ке видиме, затоа што досега секое намалување на стапките беше пропратено со зголемување на основиците.
А за трипартитната комисија-таа постои и се вика Економско социјален совет но не функционира иако Европа нон стоп не опоменува.
Post a Comment