Monday, March 16, 2009

Соларна Република


Минатиот викенд помина со уште една акција за садење на дрва. Ако ги следиме рекламите во некои од дневните весници за како акцијата „Ден на дрвото” епидемиски се распространува ширум светот човек ќе си каже дека навистина сме го изоделе патот. Но, сепак, светот ниту почнува ниту завршува во нашата република. Денеска, светските сили, иако во големи економски тешкотии, почнуваат една нова трка за превласт, слична на трката за освојување на вселената и носење на човек на месечината, помеѓу САД и СССР, за време на Студената војна во шеесетите години од минатиот век. Оваа најнова трка е за фаќање на приклучок, пред се, но и и за евентуална доминација во новата голема индустрија - градење на ‘чисти енергетски системи’, кованица на Том Фридман - колумнист и автор од Њу јорк тајмс. За да се потврди сериозноста на оваа теза, на пример, Фајненшл тајмс неодамна објави споредба помеѓу сите големи земји од Г-8, нивните најнови пакет мерки за потикнување на домашната економија и колкав процент од пакетот опфаќа инвестиција во зелени бизниси и проекти. Така, Кина, ЕУ и САД се покажуваат како исклучително посветени на овој тип на стумил за развој на нивните економии за следните години. Во Кина, за илустрација, од предвидените 586,1 милијарда долари за фискална инекција во домашната економија, 221,3 милијарди или 38% од пакетот, отпаѓа на зелени мерки. Во проценти бројката за ЕУ е уште поголема со 59% (Европска Инвестициска Банка издвоила 12 милијарди евра за зелени проекти за следните 2 години). За да биде појасно, овие инвестиции се наменети за воведување на подобра енергетска ефикасност во зградите, стимулирање на употреба на возила и скутери со електрична енергија како напојувач, јавни транзитни системи, проекти за конзервација на енергија, даночни олеснувања за воведување на соларни панели, намалување на ддв за ветерници, нуклеарна фузија и сл. Од таму, Македонија има интерес да се приклучи на ова движење преку тектонски промени во начинот на кој размислуваме, живееме и работиме. Македонија може да создаде имиџ како најзелена, најенергетски ефикасна, и најенергетски продуктивна земја на Балканот. Да ги ‘надзелениме’ нашите соседи! А, така, уште едаш ќе потврдиме дека сме дел од Европа, иновативен дел. За таа работа, потребно е паралелно воспоставување на повеќе проекти. Прво, како во Германија и дузина други Европски земји, така и кај нас треба да имаме систем за поврзување во електричната мрежа и исплата на произведувачи на електрична енергија од обновливи извори. Едноставно кажано, државата со финансиски стимул да ги потикне домовите и бизнисите да произведуваат зелена енергија. Во Германија, на пример, индивидуалци кои поставуваат соларни панели на крововите на своите куќи можат да бидат платени и до 4 пати повеќе за производство на електрична енергија во споредба со електростопанството. Германија на сите овие претприемачи им гарантира сигурен поврат на инвестицијата со цена фиксирана со закон за цели дваесет години. Зарем не треба Македонија, земја со Сонце на својот грб и знаме, да биде лидер во инсталација на соларни системи? Зарем не треба да живееме од Сонцето во иднина, наместо да се враќаме на Сонцето од минатото? Следно, нашата ЕУ перспектива треба да е насочена во превземање на know-how и искуства поврзани со зелената енергија како нова огромна индустрија во светот во следниот век. Не е касно да почнеме програми за изучување на овие технологии на нашите универзитети. Да ги бараме странските инвестиции поврзани со производство на силиконски фотоволтаични соларни ќелии, кои ги конвертираат сончевите зраци во електричната енергија. Со субвенции да ги привлечеме инвестициите од фирми-производители како Шарп од Јапонија, Сантек Пауер од Кина, или БП од Британија; и не е страшно за предност да нудиме високопродуктивна но ефтина работна рака. Потоа, локалната самоуправа може да направи промена на сите традиционални улични светилки со флуоросцентни еко-светилки за заштеда на енергија, јавниот превоз да биде со автобуси со хибриден мотор (плин+електрична батерија), а спортските сали напојувани со геотермална енергија. Понатаму, според едно релевантно истражување на МкКинсеј Глобален Институт употребата на електрична енергија во зградите може да се намали и до 30% ако се воспостават системи за зголемена енергетска ефикасност. Зошто да не се постави регулатива за воспоставување на ваков начин на градење на нови згради, со искуства од Јапонија на пример? Заштедата на енергија е најдобриот начин за намалување на потрошувачката и на тој начин имаме шанси да ја намалиме потребата за барем една нова 500 мегаватна централа до 2020 година. Крајно, како престиж на нашата соларна република, куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје може да биде пример за “нето-зеро зграда”, т.е. обијектот да троши толку колку што произведува енергија.

5 comments:

Anonymous said...

Одличен пост, само за жал кај нас сеуште нивото на размислување за намалување загадувањето е сведено само на наменски кампањски акции за садење дрвца и по некое зачистување на одредени ѓубришта, се разбира со огромен медиумски публицитет, а кои ѓубришта веднаш по гасењето на камерите, повторно се појавуваат на истите места.

Еве имаме ликални избори, а никој од предложените кандидати за градоначалници нема понудено решение за заштеда на ел. енергија, со вградување на соларни колектори на секој јавен објект кој би бил под нивна надлежност.

поздрав

Anonymous said...

Ovaa tema bara mnogu strucnost, a posebno i pretpazlivost koga se saka strucno da se zboruva za nea. Da se napise za kukjata na MajkaTereza da bide energetskiintelegentna e sosema pogresno : objektot e napraven i NIKOGAS ne moze da bide energetskiinteligenten. Toa ne se pravi "odposle" kako sto , za zal, misli avtorot na ovoj tekst. I loso e da se davaat takvi idei-primeri koi nemaat vrska so realnosta a mozat samo da im sluzat na novnarite da si pisuvaat senzacii.

Anonymous said...

ispravka :
zgradata na MajkaTereza da bile "neto-zero zgrada". Za zal , uste polosa t.e. poneostvrliva ideja. Znaete li kako se pravi netozeromerozgrada?

Unknown said...

green energy i low CO2 e luksuz. Makedonija samoinicijativno teshko da vleze vo vakva avantura. Energijata proizvedena od obnovlivi izviri kako veter i sonce e nekolku kratno poskapa od deneshnata "prljava" uvozna energija. Sekogash cenata na krajot na denot e na potroshuvacot a vo tvoite primeri toa se gragjanite i lokalnata samouprava....najsiromashnite.

Mojo said...

сите ние колективно собираме даноци за да ја организираме државата. Изборот е наш, преку политичарите, како ќе ги трошиме нашите пари. Македонија мора да се издвои по нешто од своите соседи. Шансата за чиста енергија е една во генерации, и таа се случува сега, денес. Во светот ние мора нешто да понудиме за да не препознае како уникатни. Тоа не е туризмот, ниту пак се скулптурите во центарот на Скопје. Напротив, тоа е бизнисот, слободните зони, едуцирана маса, и уникатното позиционирање во хармонија со глобалните трендови.