Thursday, May 17, 2012

Пензиската реформа во Македонија е редок пример на широк консензус

Мое интервју во Економија и Бизнис од 15, Април 2012 година ЕиБ: Господине Тренкоски, во ова интервју сакаме да фрлиме малку повеќе светлина на оној сегмент од пензискиот систем во Република Македонија кој го покриваат друштвата за управување со пензиски фондови. Вие сте генерален директор на КБ Прво пензиско друштво, едно од двете вакви друштва на пазарот во Македонија. За почеток, ќе се согласите ли со оценката дека пензиската реформа е една од најдобро изведените реформи во нашата земја, во која учествуваа различни влади, предводени од различни политички партии? Ј.Тренкоски: Јас дојдов на раководна позиција во КБ Прво пензиско друштво на почетокот на 2007 година. Од крајот на 2003 година до 2007 година бев претприемач во буквална смисла на зборот и занесен во духот на создавање на успешен бизнис (Златна книга). Во деведесетите години се образував и работев во САД, а во Македонија се вратив во 1998 година, и почнав со работа во СЕАФ-фонд за инвестирање во приватни трговски друштва во регионот се до крајот на 2003-та. Пензиската реформа, по мои сознанија, почна во 1998 година со основна цел на долг рок да се стабилизираат негативните ефекти на стареењето на населението и несолвентноста на државниот пензиски фонд врз големината и опсегот на пензиско осигурување. Таа беше безрезервно поддржана од сите Влади од тогаш до денеска. Подготовките траеле неколку години, Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е изгласан во Собранието во април 2002 година, а активно се применува и надополнува од 2005 година наваму. Оттаму, се согласувам дека оваа реформа е редок пример за постигнување на широк конзенсуз за специфична цел, како и за начинот на спроведување во Република Македонија. ЕиБ: Еден од факторите за успехот на реформата беше силната поддршка од страна на Светска банка, како и вклучувањето на врвни експерти од странство во фазата на редизајнирањето на системот. Тоа се покажа навистина добро затоа што ниту една реформа не е позначајна од реформата на пензискиот систем, ниту една друга реформа не е толку сеопфатна, таа се однесува буквално на секој граѓанин. Кога сега би се правела реформата од почеток, би направиле ли вие нешто поинаку во поставувањето на системот? Ј.Тренкоски: Неблагодарно е да се биде генерал по битка, бидејќи некои позитивни решенија што се применија во Македонија за да имаме ваков систем навистина се пример за иновативност, разбирање, државност и треба да бидеме горди со истите. На пример, на почетокот на реформата во недостаток на Банка чувар на имот, законодавецот не чекал да се создадат услови за истото, туку ја примора Народната Банка да го пополни празното место на пазарот. Народната банка, иако со мала доза на отпор, беспрекорно си ја исполнуваше обврската во период од само 2 години и ја префрли топката на приватниот сектор. Дополнително, во овој сектор не се дозволи да влезат финансиски компании со мал износ на капитал. На тој начин, за мене позитивно, се спречи дејстување на голем број на институции, некои со сомнителен карактер, и распарчување на пазарот. Токму фактот дека постојат само две друштва, од аспект на економија на обем, овозможува намалување на трошоците на системот од година за година. Во однос на подобрување на системот, секоја година доставуваме писма со предлози до Министерството за Труд и Социјална политика. ЕиБ: Да се вратиме во сегашноста. Кажете ни нешто повеќе за друштвото што го менаџирате. Колку членови има, со колкави средства управува, колкаво е пазарното учество? Ј.Тренкоски: КБ Прво пензиско друштво АД Скопје управува со КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд Скопје и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд Скопје. Заклучно со 31.03.2012 година вкупниот број на членови и времено распределени лица во задолжителниот пензиски фонд изнесува 159.259 осигуреници или пазарно учество од 52,63%, додека нето средствата на истиот изнесуваа 9.484,31 милиони МКД или пазарно учество од 53,77%. Заклучно со 31.03.2012 година вкупниот број на членови во доброволниот пензиски фонд изнесува 8.530 членови или пазарно учество од 68,04%, додека нето средствата на истиот изнесуваа 49.147,60 илјади МКД или пазарно учество од 37,38%. ЕиБ: Во сопственичката структура на КБ Прво пензиско друштво, покрај Комерцијална банка ад Скопје присутен и словенечки партнер. За кого се работи, кажете ни нешто повеќе за неговите активности и бизнис планови за во иднина. Ј.Тренкоски: Тоа е ПРВА Груп со седиште во Љубљана, Словенија. Прва груп е основана со почетокот на пензиската реформа во Словенија во 2000 година. Компанијата е лидер во пензиското осигурување не само во Словенија туку и во регионот, со капитал од 28 милиони евра и над 300.000 клиенти. Прва, со ко-сопственост на ЕБРД од Лондон, е водена од една од најуспешните деловни жени во Словенија- Др. Аленка Жнидаршич Крањц, ЕиБ: Која е филозофијата на вашето пензиско друштво во поглед на инвестирањето на средствата што ги прибирате како придонеси. Колкава е стапката на принос што ја остварувате? Ј.Тренкоски: Средствата на фондовите се инвестираат согласно одредбите во Законот и принципите на сигурност, диверзификација и ликвидност. Затоа, речиси половина од средствата се инвестираат во државни обврзници со фиксен приход, понатаму една четвртина во депозити кај домашни банки, и една четвртина се инвестираат во акции на компании во странство и дома. Искусни професионалци во Друштвото во рамки на тесните законски лимити носат одлуки за пласман на средствата. Филозофијата на работа се заснова на остварување на максимален принос за членовите на фондовите за релативно ниско ниво на превземен на ризик и остварување на минимални трошоци. Стапката на принос е променлива, но од почеткот на работата на системот во јануари 2006 година до 23.04.2012 г. сметководствената единица порасна од 100 на 135.358699 . ЕиБ: Од ревизорскиот извештај за 2011 година за пензиското друштво што го управувате се гледа дека сте направиле измени во структурата на вашето портфолио. Намалени се депозитите во домашни банки, а значително се зголемени вашите вложувања во удели во странски отворени инвестициски фондови, за 1,2 милијарди денари, и во домашни државни хартии од вредност за една милијарда денари. На што се должат промените во структурата на портфолиото? Ј.Тренкоски: Најчесто промените се должат на законски измени. Во Македонија за разлика од други поразвиени земји како на пример САД, Холандија, Шведска, Законот е тој што во најголем дел одлучува каде ќе одат парите, а не Друштвото (принцип на добар стопанственик). Така, нивото на инвестирање во депозити во домашни банки во тој период се намали како резултат на законска измена, а не врз база на пазарна одлука. Од друга страна, зголемувањето на инвестициите во акции на странски компании преку користење на алатката-удел во странски отворени инвестициски фондови, е резултат на убедувањето изразено преку детални анализи дека во овој период акциите на реномирани светски компании се добра инвестиција за нашите членови со нешто поголемо учество во рамки на целиот микс на пласмани. ЕиБ: Меѓу другото, во вашето портфолио има финансиски средства што се чуваат за тргување и финансиски средства кои се расположливи за продажба. Во што разликата? Ј.Тренкоски: Од 2009 година, нашиот принцип на книжење на средствата во фондовите е врз база на пазарните услови на тековниот ден, за секој ден. Тој начин на сметководствено прикажување на вредноста на хартиите е стандард во светот, тој е најтранспарентен, и реално ги отсликува состојбите на пазарите. Изборот на овие 2 сметководствени класификации се во контекст на претходно наведеното. ЕиБ: Кој и зошто е според вас најголемиот ризик со кој се соочуваат пензиските друштва во Македонија? Пазарните ризици, ликвидносниот ризик или оперативниот ризик? Ј.Тренкоски: Во приватниот пензиски систем во Р. Македонија најголемиот ризик е пазарниот ризик. Денеска живееме во нестабилни економски времиња во светот и пазарниот ризик може да се манифестира преку зголемена инфлација, која е нашиот најголем непријател. Некогаш инвестирањето и во најсигурните инструменти, пример државни обврзници, не можат да ве заштитат од инфлацијата. Таа е крадец во општеството. Дополнително, кредитниот ризик е нешто што некогаш не држи будни навечер. ЕиБ: Генерално, мислите ли дека реформата на пензискиот систем во Македонија ги оправда очекувањата за дополнителни позитивни ефекти за развој на финансискиот сектор, а и македонската економија во целина? Во пензиските друштва се кумулираат големи финансиски средства кои создаваат побарувачка за купување финансиски инструменти. Сеуште компаниите во земјава не се решаваат да издаваат корпоративни обврзници. Ќе ги мотивира ли конечно вашата побарувачка фирмите да понудат такви финансиски инструменти? Ј.Тренкоски: Сметам дека очекувањата за дополнителни позитивни ефекти за развој на финансискиот сектор не треба да бидат преголеми. Подобро е да се очекува помалку и позитивно да се изненадиме на подобро. Основната цел на приватните пензиски Друштва е да остварат максимален принос за членовите на фондовите со прифатливо ниво на превземен ризик согласно Законот. Таа цел директно се коси со големината на ризикот што треба да се превземе преку денешното прекумерно инвестирање во домашни хартии од вредност. Понатаму, корпоративните како и обврзниците за локална самоуправа доколку се понудат на пазарот на капитал ќе сносат дополнителни трошоци за посредници (КХВ, Берза, Банки, аналитичари, итн...). На тој начин доколку нема економија на обем, тогаш зајмувањето на пари од Банка е поисплатливо отколку задолжување преку пазарите на капитал. ЕиБ: Како ја оценувате соработката со МАПАС, супервизорот на вашиот бизнис? Ј.Тренкоски: Коректна. ЕиБ: Имате ли некоја сугестија до носителите на економските политики за тоа како од системски аспект да се подобри амбиентот во кој работите? Ј.Тренкоски: Дефинитивно сметам дека е потребно поголема транспарентност и отчет во процесите на носење на крупни одлуки во системот. За мене како граѓанин, е неприфатливо да знам дека во Р. Македонија не постои систем на градење на широк конзенсуз и комуницирање на јасна визија околу крупни одлуки кои што директно влијаат врз мојот живот, на пример големината на мојата пензија. ЕиБ: На пример, ако на пазарот ви беа понудени државни хартии од вредност со иста каматна стапка и со иста рочност, значи со истите услови под кои Република Македонија сега се задолжи во странство кај Дојче банка, ќе купевте ли од тие хартии од вредност? Ј.Тренкоски: Да. Тоа ни е обврска согласно Законот. ЕиБ: Деновиве актуелни се иницираните предлог промени во прописите што го регулираат вашето работење. Се крена голема прашина во јавноста околу промената на соодветниот закон со која пензиските друштва во земјава треба предвреме да продадат една од двете еврообврзници што ги има емитувано Република Македонија, а која се наоѓа во портфолијата на друштвата. Кои се потенцијалните финансиски импликации за пензиските друштва од таквите промени. Се зборува за загуба од 15-тина милиони евра веднаш, што е многу повеќе ако се земе предвид дека тие пари нема да се инвестираат во наредните триесетина години. Ј.Тренкоски: Законот на нам како Друштва, но и на мене како раководно лице ни дава мандат да работиме, пред се, во интерес на членовите. Со специфичната одредба во предлог измените на Законот, нам ни се наметнува дејство кое се коси со претходно наведеното. Тое е абсурдно. Не можам да кажам колку и дали ќе има загуби во разлика на цена, или трансакциски трошоци, но дефинитивно ќе има опортунитетен трошок изразен преку моќта на вкаматувањето. ЕиБ: Може ли да биде добро решение за оваа ситуација да се модифицира временската рамка на предлог-промената на законот. Значи, да се испочитува намерата на регулаторот, но промената во делот на еврообврзницата да не важи од почетокот на наредната година, туку по доспевањето на еврообврзницата која би морала сега предвреме да се продава. На тој начин не би се креирала финансиска штета за пензиските друштва и 300 илјади членови на друштвата би имале повисоки пензии после пензионирањето. Ј.Тренкоски: Да, абсолутно. Тоа е барањето на двете пензиски друштва доставено до јавноста и до релевантните фактори во законодавниот процес. Да повторам, апелираме да се дозволи евробврзницата да стои во билансите на фондот до доспевање во 2015 година, согласно нашите претходни анализи и одлуки. ЕиБ: Господине Тренкоски, ви благодарам за интервјуто.

1 comment:

Anonymous said...

Здраво, сите, јас сум Адрик Вадим што живеам во градот Курган, сакам да споделам со сите вас овде за тоа како г-дин Бенџамин ми помага со заем од 15.000.000,00 рубли за да започнам со испорака на пијалоци со храна после сè што работам неколку хотели овде во Курган само за да заработам за живеење, но жално ми се уште имав потешкотии да платам кирија, но благодарам на Бога сега што сум самовработен сега со 5 работници кои работат во мојата грижа. Само ако барате финансиска слобода, ве советувам да контактирате со г-дин Бенџамин со оваа е-пошта подолу и што е бројот на апликацијата. Lfdsloans@outlook.com + 1-989-394-3740