Thursday, January 26, 2012

Закон за исплата на пензии

На 23-ти јануари, пред 3 дена, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за исплата на пензии од реформираниот пензиски систем. Овој Закон е базиран на искуствата на Чиле и спроведен врз основа на консултантска работа на 2-ца чилеанци, Гилермo Мартинез и Аугустo Иглесијас, во координација со Министерството за Труд и МАПАС во текот на 2010 и 2011 година.

Така, за прв пат во Македонија се поставуваат условите и дефинициите за нови производи во осигурителниот бизнис, но не толку нови во светот. Станува збор за т.н. ануитети, или по дефиниција на законот: ануитет е вид на исплата на пензија или пензиски надоместок кој се исплатува месечно од друштво за осигурување на корисникот на пензија. На пример, во САД во 1912 година е исплатен првиот ануитет, но индустријата за ануитети во САД заживува со носење на законите за потикнување на штедењето за пензија од Новиот Дил на Франклин Д. Рузвелт. Со текот на годините ануитетите од едноставни стануваат и посложени. Варијабилниот ануитет, кој постои и во нашиот закон, е различен од Доживотниот ануитет.

Како ќе се развива овој тип на производи на нашиот пазар во иднина?
Дали може да се постигне економија на обем за да се даде добра понуда?

to be continued...

Friday, January 20, 2012

IPO треска во Македонија - Дали ТОБАКО е првото т.н. IPO?

Во јануари 2012 година во јавноста во Република Македонија се појави известување во Службен Весник од Комисија за хартии од вредност(КХВ) дека е дадено одобрување за првата т.н. јавна понуда во историјата на Републиката. Се работи за ТОБАКО АД.
Во среда 18-ти јануари е објавена Јавната понуда за запишување на акции на сајтот на Македонска Берза. Истата информација е објавена во Дневник како комерцијален оглас од страна на Друштвото овие денови. За што станува збор?
Дали ова е долго-очекуваниот почеток на новиот бран на развој на Македонската берза?
За Тобако АД не знам многу, освен што сум влегол во продавницата на влезот на Зоолошка градина. Од време на време, во од, забележав на англиските термини налепени на киосците низ Републиката со кои инсистира да се брендира оваа компанија. Од друга страна, гледам дека во јавноста се објавија квалитетни и транспарентни информации за финансиското работење на Друштвото. Празник за очите на секој инвестициски аналитичар. Оваа можност, по молкот на дведецениската транзиција, дефинитивно треба да се одбележи со мое повторно враќање на пишаниот збор. Voila.
Пред се, треба да се симне капа на сите луѓе вклучени во процесот на изработка на пакетот на извештаји за лансирање на првото македонско "IPO". Секоја чест. Развојниот план на Друштвото од прва рака изгледа доста агресивен и динамичен. Значително очекување за зголемување на продажбата, профитот, и бизнисот, е добредојдено за секој инвеститор. Но, што е со минатото? Како се развивало Друштвото во минатиот период? Колкав е ризикот за инвестирање?
Прво, се забележува пад на продажба во првите 6 месеци од 2011 во споредба со 2010. Лош знак. Дополнително, загубата и задолжувањето на фирмата се огромни кога ќе се споредат со капиталот. Трето, проценката на вредноста на брендот како главна инвестиција и капитал на Друштвото во висина од над 3 милиони евра е наивна работа. Се граничи на непристоен предлог.
Хммм, "Something is rotten in the State of Denmark". Финансиските извештаји наведуваат дека парите од јавната понуда наместо во развој на целиот коцепт ќе завршат кај кредиторите. Како тогаш загубата ќе се претвори во добивка? На денешни цени, Скопски Пазар АД со целиот свој бизнис, капитал, добивка, вреди околку 5,5 милиони евра. ТОБАКО АД по јавната понуда со цени од 10 евра по акција би требало да вреди околу 5,5 милиони евра. Мојот избор, согласно мојот апетит за ризик е инвестиција во Скопски Пазар АД.
За среќа некои локални инвеститори се софистицирани и можат да препознаат добра понуда. Им завидувам на храброста.
Интересно е да се забележи дека во изминатиот период во САД, и покрај кризата, излегоа низа јавни понуди за фирми како: Зинга(креаторот на забава за мноштво наши граѓани-Farmville, Facebook Poker, и сл.), Мајкл Корс(мода), Групон(купони преку мејл), ЛинкедИн(социјална мрежа), и во очекување на Фејсбук. Кај нас, освен ТОБАКО, добивам информации дека и ЕУРОХАУС(брокерска куќа)има спроведено втора јавна понуда. Споредете ги амбициите и бизнис плановите на тие компании со нашите, преку анализа на Проспектите!
Сепак, за каква-таква држава дефинитивно е чекор напред да имаме какво-такво прво т.н. IPO.
Со лесно!