Monday, February 23, 2009

Квалитетна фискална стимулација е дел од одговорот


Минатиот викенд на состанокот на моќниците на ЕУ во Берлин, посветен на глобалната криза, се потврди фактот дека Источна Европа е во пламен и се понудија планови за спас. Имено, Европските лидери изјавија дека ММФ-Меѓународниот монетарен фонд, ќе ги зголеми ресурсите за помош економските кризни жаришта на износ од 500 милијарди долари. Намалувањето на економскиот обем предизвикува лоши ефекти во однос на стабилноста на курсовите на националните валути, на можноста да се враќаат долговите, и се разбира на екомскиот раст воопшто. Прашањето што ги грижи светските финансиери е како и дали ќе може да се рефинансираат овие кредити во Источна Европа без помош на трета страна од типот на ММФ или богата земја членка на ЕУ. Сите клучни економски показатели наведуваат на претпоставка за лошо сценарио. На пример, во последните шест месеци економиите на Романија, Чешка, Полска, и Унгарија имаат девалвација од над 20% на националната валута во однос на доларот. Тоа е предизвикано од падот на извозот преку падот на индустриското производство пред се, како и од одливот на капитал. Така, Литванија и Латвија имаат околу 15% дефицит на тековната сметка за 2008 година, додека Бугарија завршува со енормни над 20%. За споредба, во Македонија дефицитот на тековната сметка е историски најголем за последните години и изнесува околу 14% според најновите податоци. Дополнително, задолженоста во однос на нето надворешниот долг на државите во Источна Европа е на загижувачко ниво. На пример, во Естонија е на 130% во однос на Бруто домашниот производ(БДП), во Летонија е 116%, додека во Романија е на ниво од 40% од БДП. За споредба во Македонија нето надворешниот долг заклучно со 30.09.2008 година изнесува 560 милиони евра, или под 10% од БДП, што е релативно ниско ниво на задолженост. Сите знаеме дека во 2009 година Македонија, како и многу други земји од Источна Европа, ќе биде исправена пред голем притисок врз одржувањето на економската стабилност. Народната Банка го направи своето со подигање на сите рестрикции поврзани со кредитирањето на населението и стопанството. На тој начин, полека но сигурно динамиката на приватниот сектор ќе почне да се задушува. Сведоци сме на секојдневни примери за откажани кредити од страна на банките за малите и средни претпријатија. Така, сигурно ќе дојде до подобрување на лошите бројки во трговската размена со странство, но за сметка на влошување на квалитетот на животот. Од друга страна, Државата пробува да се одбрани од намалување на проектираниот пораст на бруто домашниот производ со активна фискална политика со тековни расходи и капитални инвестиции на ниво кое што не сме го виделе во изминатите години. Всушност, се поставува прашањето дали Македонија треба немо да седи на страна и да го прифати целиот шок од Светската криза со рестриктивни политики како што препорачува ММФ, или пак да проба да се одбрани, колку-толку, со фискални мерки каде што државата со своето трошење ќе го превземе товарот за растот на економијата, како што успешно го направи Кина на два наврата во последниот период, и сега се спроведува во САД. Цената на второто сценарио е дефицит во буџетската сметка, и истото треба да се спроведува и во поголем обем од планираното. Но, во таков развој на настаните дали имаме извори за кредитирање преку кои ќе се финанисра таа дупка? Во овој момент, Министерството за Финансии игра симултанка со домашните извори за задолжување преку непрестано издавање на три месечни записи. Но, тој извор за финансирање очигледно не е доволен. Министерството само во четвртиот квартал од 2008 има искористено речиси 200 милиони евра од своите депозити во Народна банка за да се финансираат најразлични проекти. На почетокот на годината, во Фајненшл тајмс се огласи Томас Мироу, претседателот на ЕБРД (Европската банка за обнова и развој), кој изложи дека тие се спремни да ја подржат Источна Европа во 2009 година во износ од над 7 милијарди евра. Согласно таа политика, пред еден месец се реализираше зделка помеѓу нашата држава и ЕБРД за кредит од 50 милиони евра за развој на патна инфраструкура. Потребен е дополнителен напор од страна на државата за да се финансираат други капитални инвестиции на овој начин, кои ќе имаат ефект на мултипликатор во економијата и ќе ја зголемат конкурентноста на нашата економија на долг рок (проекти во енергетиката). За жал, останува стравот дека партиските интереси се во преден план-изборите во март, и зголемениот буџетски дефицит има големи шанси да заврши во неквалитетни и непродуктивни расходи.

Monday, February 9, 2009

Грчка салата




Речиси секое одење во супермаркет, преку викенд, ми дава насмевка на лицето и ме поттикнува да размислувам за силата на аргументите наспротив аргументот на силата. Имено, во делот посветен за млеко и млечни производи, на пример во Рамстор, се наоѓа специфичен вид на бело сирење со бренд - „Даниш вајт” (Danish White). Истото е направено од кравјо млеко, е пастеризирано, и има добар вкус. Секогаш сум се прашувал зарем е возможно да има простор на пазарите ширум светот за извоз на така генеричен производ како белото сирење? Одговорот е да! Но, посуштински, историјата на овој бренд на некој начин нас не врзува со дебатата околу нашиот идентитет и име наспротив правилата за игра и рововската борба низ ЕУ институциите. А „тој што не ја знае историјата е преколнат за да ја повтори”, како што вели филозофот Џорџ Сантајана.
Историски, од памтивек белото сирење е дел од менито за исхрана на просторот на Балканот. Во Грција во текот на 19-от век се позајмува зборот „фета”, што значи „парче” на италијански јазик, како дескрипција на белото сирење во солен раствор. Истото може да се изработи од овчо, кравјо или козјо млеко. Но, на грчкиот пазар се преферира белото сирење изработено од овчо или мешано со козјо млеко. Во текот на шеесетите години на минатиот век, во екот на економскиот бум на територијата на западна Европа во Данска, Германија, Холандија и Франција, почнува индустриско производството на т.н. фета бело сирење од кравјо млеко. Овој производ си завзема свое место под сонцето на тие пазари и дополнително се извезува ширум светот од одредени производители како на пример Арла од Данска. Понатаму, во 1988 година Грција го стандардизира и специфицира начинот на производство на т.н. фета бело сирење-на традиционален метод со овчо и козјо млеко. Додека во 1994 година Грција донесува закон за заштита на фетата како изворен производ со географско потекло. Истиот закон бил предуслов за поднесување на барање за заштита на името „фета” под закрилото на регулацијата ЕУ 2081/92. Оваа регулација третира специфики од материјата на индустриска сопственост во делот на ПГИ-заштитени географски именки(грапа, узо, шампањ) и ПДО-заштитени називи на потекло(пршуто ди Парма). Идејата позади давањето на вакви заштити е со две цели, и тоа, прво да се заштитат производителите и производите од нелојална конкуренција, и второ да се заштитат потрошувачите од внесување на елементи на заблуда. Така, Грција во деведесетите го забранува увозот на спакуваното сирење со бренд „Даниш фета”, и бара од грчкиот импортер и данскиот производител да го сменат името на тој производ. Иако, Грција до тогаш не само што дозволува употреба на генерично име фета ширум Европа, туку, таа дозволува увоз на истиот производ на сопствената територија. Во тој случај, дури Грчките власти и даваат предлог за сложено име со географска одредница под кое ќе може да се продава: Бело Сирење во Солен Раствор Произведено во Данска од Пастеризирано Кравјо Млеко (БСССПДПКМ). Од гледна точка на Данците, овој потег е во спротивност на членовите 28 и 30 од ЕУ правото за конкуренција. На тој начин се покренува парница со Грција од една страна и производителите на фета бело сирење од Данска, Франција, Велика Британија и Германија, од друга страна, преку свои правни претставници, низ институциите на ЕУ. Сржта на спорот бил дали „фета” е генеричен назив или пак е ПДО(заштитен назив на потекло)? Дали Грција има ексклузивно право над името Фета или не? Од аспект на правото, за да се докаже дали името е генерично или не, е потребно да се гледа состојбата во земјите членки поединечно и историски, начинот на кој домашните потрошувачи го перцепираат името, колку количински се конзумира фета во секоја земја и релевантните национални и ЕУ закони. Како дел од аргументите на Грција во спорот за Фета, е тоа дека ова име е дел од културно-историското наследство на Грција и дека на територијата на ЕУ, Грција конзумира највеќе и тоа 10кг/жител наспротив 0,1кг/жител во другите земји членки. Без да се навлегува во деталите на долгорочниот процес, од овој случај е евидентно дека Европската комисија застанува целосно позади оваа иницијатива на Грција, наспротив неколку противречни правни одлуки. Крајно, Европскиот суд на правдата во 2005 година пресудува во корист на Грција, а заклучно со крајот на 2007 година само Грција може да го користи тоа име. Главниот аргумент кој ја добил битката е дека „фета” експлицитно и имплицитно произлегува и поврзува за Грчка територија, култура и традиција, и нејзиното комерцијално користење треба да се лимитира само на производителите од Грција. Од таму, времетраењето на овој спор, одвивањето на самиот процес, аргументите позади барањата, како и крајниот исход, даваат извонреден материјал за изучување со цел да се појаснат очекувањата и позициите на македонската страна во спорот со името.

Monday, February 2, 2009

Лихнида кајче веслаше


Минатата недела ЕБРД (Европска банка за обнова и развој - Лондон) излезе со нова ревидирана проекција за растот на економиите во нашиот регион во 2009 година. Како секаде во развиениот свет така и кај нас-бројките одат надолу и кризата се повеќе се засилува. За илустрација, Европската комисија ги промени своите претпоставки и во моментот предвидува пад од минус 1,8% на економскиот производ за 2009 година за ЕУ. Во исто време, според новите бројки на ЕБРД, во 2009 година Македонската економија се очекува да расте со позитивни 3% за разлика од очекувањата од 4,7% од крајот на месец ноември 2008. За потсетник, Владата согласно буџетот од декември 2008 година проектираше раст од нешто над 5% за 2009 година. Но, познато е дека е потребен раст на БДП од над 7%, во низа години, за да можат граѓаните да осетат подобрување на животниот стандард. Од извештајот на ЕБРД може да се види дека Албанија во 2009 има потенцијал за најголем раст од 4%, додека Хрватска ќе биде под најголем притисок и нема да забележи пораст. Согласно објаснувањето на Ерик Берглоф, главниот економист на ЕБРД, сите овие земји од југоисточна Европа се целосно под притисок од глобалната рецесија затоа што се зависни од побарувачката, инвестициите и кредитите на ЕУ и развиениот свет. Паралелно на намалување на економската активност или рецесија, во ЕУ и во светот се одвиваат два други поврзани макро процеси - основните каматни стапки одат забрзано кон нула, и инфлацијата вртоглаво паѓа. На пример, кон крајот на јануари 2009 година Европската централна банка ја намали својата основна каматна стапка за 0,50% на 2,00%. Се очекува дека овој процес ќе продложи и во следниот период. Основната логика позади намалувањето на каматните стапки е заголемување на атрактивноста на инвестициите и раздвижување на економската активност. За жал, во развиените економии во овој момент постои голем страв и недоверба помеѓу банките, инвеститорите, и компаниите. Едноставно, постои страв дека и најдобрите приватни институции имаат проблеми во своите биланси и можат да банкротираат. Затоа, банките не сакаат да влезат во процесот на кредитирање како основа за секој раст и развој и ги држат парите во сигурни инвестиции како на пример државни записи. За нивна среќа, економиите на земјите членки на ЕУ имаат подршка на Европската централна банка и системите на унијата., како и директна интервенција од државите. Така, на пример, во овој период на инзвонреден стрес солидарно и директно се помогнаа економиите на Унгарија, Латвија, и Полска. Од друга страна сме ние како дел на економиите што не се дел од унијата, а се во нејзина близина. За нас се подигаат црвените светла затоа што интересот на секоја влада е да ги заштити своите гласачи, и никој друг. Проблемот е во тоа што иако на пример Националната Банка на Грција добива пакет за подршка на нејзините активности директно од грчката влада, во истовреме нејзе и е забрането да трансферира дел од тие средства за стабилизирање на сопствените активности во Македонија, Србија, Романија и сл. Затоа, во европските институции како и на страниците на влијателните медиуми актуелна е дебатата за потребата за помош на периферните земји со значителни потреби од екстерно финансирање како на пример Србија, Босна, и Украина. Водечките интернационални банки кои се активни во Централна и Источна Европа-Рајфајзен и Ерсте од Австрија, Уникредит и Интеза од Италија, Сосиете Женерал од Франција, и некои грчки банки, активно лобираат во ЕУ за да се земат под заштита економиите на земји не-членки каде тие имаат развиени бизниси. Интересно е да се напоменат два примери со Србија каде над 70% од издадените заеми се со девизна клаузула, а се случи девалвација од над 15%. На тој начин голем дел од кредитите на горенаведените странски банки се под значителен притисок-луѓето и компаниите имаат поголем долг; и можат да станат лош пласман. Дополнително, во Србија во минатиот месец, Народната банка, како одговор на економската криза, ги релаксираше мерките за задолжителни резервации на банките во износ од околку 600 мил. Евра. На запрепастување на јавноста, за само две недели потоа, сите тие пари беа извлечени од страна на интернационални¬те банки и трансферирани во своите матици. Крајно, во Македонија се случува процес на затегнување на ременот на економијата од страна на Народната банка преку воведување на рестриктивни мерки во банкарскиот систем на крајот на декември 2008 година. Овие мерки се непопуларни бидејќи ги држат каматите на високо ниво, го замрзнуваат кредитирањето и целосно се во спротивност од потребите на економскиот циклус. Од друга страна, треба да се има на ум дека во оваа светска криза ние сме оставени сами на себе, да весламе на милост и немилост на силината на невремето и јачината на нашиот систем. Со лесно!

*IMF(MMF) istotaka gi revidirase svoite brojki za 2009 za sostojbata na Svetskata ekonomija - Nadole!